X
 14.08.2022 Здравје

Синдром на компјутерска визија: кои се симптомите и како се третира?

Поради пандемијата, рекорден број луѓе работат од дома, а поради тоа, поголемиот дел од денот го поминуваат пред екран. Ова може да биде штетно за очите и го зголемува ризикот за добивање состојба наречена синдром на компјутерска визија, позната и како дигитално напрегање на очите. Добрата вест е дека синдромот е привремен и може да ги намалите симптомите.

Симптоми

Некои од најчестите симптоми на синдромот се главоболка, умор на окото, црвенило или друг проблем со очите, зголемена чувствителност на светлина, замаглен вид, испрекинат двоен вид и чувство на тежина во очите. Овие симптоми најчесто траат само неколку часа и се намалуваат доколку направите пауза од гледање во екран, објаснува доктор Дањи Жу.

Меѓутоа, некои доктори велат дека симптомите може да се задржат подолго време доколку имате други здравствени состојби со очите.

Зошто се јавува?

Вашите очи се обидуваат да фокусираат подобро кога гледате во дигитален екран, но зборовите не се толку остри како тогаш кога се отпечатени на хартија, според Жу. Освен тоа, дигиталните екрани често имаат одблесок поради кои на очите им е потешко да се фокусираат.

Треба да се земе предвид и дека луѓето трепкаат двојно поретко кога гледаат во дигитален екран, а трепкањето ја одржува влажноста на окото.

Според едно истражување од 2020 година, силната светлина на екранот и блиската поставеност може да го зголемат ризикот за синдромот. Од друга страна, преслабата светлина исто така може да ве поттикне да се напрегате за да гледате.

Како да се соочите со проблемот?

Еден од најдобрите начини да го одбегнете синдромот е да правите редовни паузи од гледањето во екран.

Потоа, погрижете се да гледате во екранот на поголема далечина, одржувајте ја влагата во просторијата за да одбегнете сушење на очите, одбегнувајте силна или слаба светлина на екранот и редовно чистете ја прашината од екранот.

Извор: Insider
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје