X
 14.12.2015 Образование

Ќе се намали ли бројот на часови во основното образование?


Фото: Shutterstock 

Одговорните во српскиот Завод за унапредување на образованието и воспитанието добиле барање од тамошниот министер за просвета Срѓан Вербиќ, за ревизија на наставните планови и програми за основните училишта. Според властите, нема дилема дека во основните училишта особено во седмо и во осмо одделение учениците се преоптоварени со часови. Измените на наставните планови значaт растоварување за учениците, а тоа повлекува и намалување на обемот на одредени наставни програми, односно намалување на бројот на часови.

Пред две години, српските власти со законски измени го ограничија бројот на часови (од петто до осмо одделение) на 25 неделно, но во пракса оваа бројка е 28, што било причина за реакција на тамошниот министер.

Работата е поефективна со помалку часови

Кај нас, пак, пред повеќе од две години, Синдикатот за образование, наука и култура бараше од надлежните во Министерството за образование и наука да се намали бројот на наставни часови, но конкретни мерки немаше бидејќи се чекаше да заврши цела една генерација деветтоодделенци, за да потоа се види што треба да се менува и што е она што претставува проблем кој треба да се реши. Анализата на деветгодишно образование е во тек, со оглед на тоа дека веќе ја добивме првата генерација деветоодделенци.

Нашите наставници се на став дека работата на часовите би била поефективна кога учениците би имале помал број на часови. Според нив, во нижите одделенија, концентрацијата кај децата најчесто паѓа после четвртиот час.

- Бројот на часови ни е зголемен, откако се воведе трет час физичко во неделата, трет час англиски, а и математика порано имаа четири часа во неделата, а сега имаат пет. Бројот на предмети остана ист, но бројот на часови се зголеми. И природни науки ги одделија од општество, па се доби уште еден час плус. На учениците најчесто по четвртиот час им се намалува концентрацијата, веќе на петтиот се однесуваат како да не се присутни, досадно им е и не се заинтересирани - вели одделенски наставник.

Во деветто одделение учениците имаат 33 часа неделно

Распоредите на часови ги подготвуваат наставниците пред почетокот на учебната година. Во понеделник и во петок ставаат помал број на часови, а исто така обрнуваат внимание и да нема во еден ден повеќе „потешки предмети".

Согласно концепцијата за деветгодишно образование во Македонија, ваква е ситуацијата со бројот на часови по одделенија: во прво одделение учениците имаат 23 час неделно, во второ одделение имаат 24 часа, во трето - 27, четвртоодделенците и петтоодделенците имаат по 28 часа неделно, во шесто имаат 27 часа, во седмо - 26, во осмо имаат 32, а во деветто одделние учениците имаат 33 часа во неделата. Во овие бројки не се пресметани додатните и дополнителните часови кои наставниците исто така задолжително мора да ги одржат.

Дали бројот на часови ќе биде намален и кај нас по примерот на Србија, останува да видиме.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование