X
 15.02.2025 Здравје

Зошто треба сите да се обидеме да јадеме како луѓето во руралнa Папуа Нова Гвинеја?

Западните диети и начини на исхрана, богати со преработена храна и ниско ниво на влакна - се поврзани со дебелина, дијабетес и срцеви заболувања. Овие начини на исхрана не само што им штетат на нашите тела, туку им штетат и на нашите цревни микробиоми, комплексната заедница на бактерии, габи и вируси, кои се наоѓаат во нашиот цревен тракт и се важни за нашето здравје.

Научниците активно бараат начини да создадат здрави микробиоми за спречување хронични болести. Така дошле до Папуа Нова Гвинеја.

Се работи за фасцинантна земја со долини речиси недопрени од современиот свет до 1930 година, повеќе од 800 јазици, антички систем на земјоделство за одржување и цели заедници што живеат неиндустриски начин на живот. Поради сето ова, започнал возбудлив деветгодишен истражувачки проект во кој биле вклучени истражувачи од осум земји, што довело до труд објавен во научното списание „Клетка“.

Тимот ги проучувал цревните микробиоми во руралните делови на Папуа Нова Гвинеја. Открил микробиоми кои се поразновидни од нивните западни „колеги“, збогатени со бактерии кои се развиваат со диетални влакна и со пониски нивоа на бактерии што предизвикуваат воспаление, кои обично се наоѓаат кај луѓето што јадат високопроцесирана храна.

Оваа информација дава совети за тоа како може да се поправи штетата предизвикана на нашите цревни микробиоми.

Традиционалната исхрана во рурална Папуа Нова Гвинеја е богата со непреработена растителна храна која е полна со влакна, но ниска со шеќери и калории. Научниците создале нова диета што ја нарекле диета „НиМе“ (неиндустријализирано обновување на микробиомот).

Она што ја издвојува „НиМе“ е што во неа доминираат зеленчукот (како што е листестиот зеленчук), мешунките (како гравот) и овошјето. Содржи само една мала порција животински протеин дневно (лосос, пилешко или свинско месо) и избегнува високопреработена храна.

Млечните производи, говедското месо и пченицата биле исклучени од испитувањето на луѓето бидејќи не се дел од традиционалната исхрана во руралните делови на Папуа Нова Гвинеја. Другата карактеристична разлика е значителна содржина на диетални влакна. Во пробата на научниците се земале околу 45 грама влакна дневно, што ги надминува препораките во упатствата за исхрана.

Извонредни резултати

-Видовме извонредни резултати, вклучително и губење на тежината (иако учесниците не го променија нивниот редовен внес на калории), пад на лошиот холестерол за 17 отсто, намален шеќер во крвта за 6 отсто и 14 отсто намалување на маркерот за воспаление и срцеви заболувања, т.н. Ц-реактивен протеин. Овие придобивки беа директно поврзани со подобрувањата во цревниот микробиом на учесниците, особено карактеристиките на микробиомот оштетени од индустријализацијата - велат научниците.

Кај западната исхрана со ниска содржина на влакна, цревниот микробиом го разградува слузниот слој во цревата, што доведува до воспаление. Диетата „НиМе“ го спречува овој процес.

Исхраната, исто така, ги зголемила корисните бактериски метаболити (нуспроизводи) во цревата, како што се масни киселини со краток синџир, и во крвта, како што е индол-3-пропионската киселина - метаболит за кој е докажано дека штити од дијабетес тип 2 и нервни оштетувања.

Истражувањата покажуваат дека нискиот внес на влакна во исхраната доведува до зголемување на протеинската ферментација на цревните микроби, што генерира штетни нуспроизводи кои можат да придонесат за рак на дебелото црево.

Всушност, постои загрижувачки тренд на појава на зголемен број карциноми на дебелото црево кај помладите луѓе, што може да биде предизвикано од неодамнешните трендови кон високопротеински диети или додатоци. Диетата „НиМе“ ја зголемила ферментацијата на јаглехидрати на сметка на ферментацијата на протеините и ги намалила бактериските молекули во крвта на учесниците кои се поврзани со појавата на рак.

Наодите од истражувањето покажуваат дека диететската интервенција насочена кон обновување на цревниот микробиом може да го подобри здравјето и да го намали ризикот од болести.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје