По бурните реакции и многубројните критики поради ширењето на реториката против вакцинирањето и објавувањето на спонзорираните реклами со кои се таргетираат трудниците во државите каде што има сè повеќе случаи на заболени од морбили, од „Фејсбук“ соопштија како размислуваат да ги отстранат лажните податоци од платформата.
Оттаму соопштија и дека би можело од резултатите од пребарување на „Фејсбук“ да се отстрани сета содржина во која се агитира против вакцинирањето.
Корисниците можат во секој момент да пријават содржина, а информациите поврзани со здравјето се подложни на проверка од партнери во 25 земји низ светот, потсетуваат од „Фејсбук“. Компанијата ги истражува начините како образовните информации за вакцините да станат полесно достапни и истовремено да се минимизира штетата предизвикана од дезинформациите.
- Посветени сме на објавувањето точни и корисни информации. Ја отстрануваме содржината што ги крши нашите стандарди, статиите кои би можеле да доведат до заблуда и спорниот материјал ги праќаме на проверка кај трети страни. Има уште работа и ќе продолжиме да даваме информации за важни теми како здравјето - истакнаа од „Фејсбук“.
Едноставно пребарување на „Фејсбук“ покажува дека групите како „Rage Against the Vaccine“ и „The Truth About Vaccines“, познати по ширење лажни информации за вакцините, имаат повеќе од 40.000 члена.
Од „Фејсбук“ не одговорија на барањето за коментар за тоа како антиваксерите ја користеле платформата. Тие со своите постови таргетирале жени во фертилната доба во сојузни држави каде што во последно време е забележан раст на бројот на заболени со морбили.
Политичарите во последните неколку дена го критикуваат „Фејсбук“. Адам Шиф, демократски пратеник од Калифорнија, ги повика извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, и главниот извршен директор на „Гугл“, Сундар Пичаи, да преземат чекори во врска со зголемениот број лажни информации за вакцините што се појавуваат на
платформите.