X
 16.04.2021 Здравје

Како да ги препознаете симптомите на згрутчување на крвта?

Повеќето луѓе почнаа да размислуваат за згрутчувањето на крвта по појавувањето на неколку случаи откако ја примиле вакцината против коронавирусот на „Астра зенека“.

„Хафингтон пост“ пишува дека има повеќе видови згрутчувања на крвта кои може да се препознаат и третираат различно. Тие може да се појават од различни причини, како лекови, начин на живот и други здравствени состојби и се јавуваат во различни делови од телото. Тие може да бидат штетни и фатални доколку не се третираат.

Симптоми на згрутчување на крвта

Двата вида згрутчување на крвта - тромб и емболија - се разликуваат во тоа што првиот вид е стационарен и се јавува при блокирање на крвотокот во дел од телото, додека кај вториот вид згрутчувањето на крвта може да „патува“ до друга локација во телото и да предизвика штета. Симптомите се разликуваат во зависност од видот.

Кога згрутчувањето е стационарно, може да почувствувате топлина или црвенило на местото (најчесто во нога или рака), оток, болка во близина на локацијата, слабост или вкочанетост, промена во менталната состојба. Кај вториот вид, можни симптоми се недостиг на воздух, кашлица (со или без крв), бледа или сина кожа, претерано потење, анксиозност, слабост, вртоглавица или повраќање.


Фото: Pixabay

Згрутчувањето на крвта може да предизвика штета на рацете, нозете, срцето, белите дробови, бубрезите и мозокот, во зависност од местото на кое се формирало или патувало.

Што да правите доколку ги имате симптомите и како да ја спречите појавата?

Пред сè, веднаш побарајте медицинска помош. Згрутчувањето на крвта може да биде опасно и фатално, затоа  треба веднаш да се третира.

Одредени фактори може да ги зголемат шансите за згрутчување на крвта. Недостигот на активност и движење може да ги зголеми шансите, како и пушењето и дебелината.

Одредени лекови, како оние за спречување бременост и некои лекови за ХИВ, на листата со можни негативни ефекти го имаат и згрутчувањето на крвта. Автоимуните болести, бременоста и ракот исто така биле поврзувани со појавата на згрутчување на крвта.

Се препорачува физичка активност, особено доколку очекувате да поминете подолг период седејќи, но најдобро е да зборувате со лекар доколку имате некој здравствени проблеми.

Автор: Линдзи Холмс
Извор: huffpost.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје