X
 21.02.2017 Наука

Научници оживеале микроби стари 50.000 години


Нејасна слика

Научници екстрахирале микроби кои биле „заспани“ во внатрешноста на познатите џиновски кристали во пештерите на планината Наица во Мексико, а потоа и ги оживеале, јавува Би-Би-Си.

Организмите останале затворени во гипсот пред најмалку 10.000  до 50.000 години, станувајќи уште еден пример на адаптација на живите форми дури и во најнепријателски опкружувања.

Пронајдените организми се многу необични и немаат свои „познати роднини“ во постоечките генетски бази на податоци, открива Пенелопе Бостон, директорката на астробиолошкиот институт на НАСА во Калифорнија, која го обзнани ова откритие на годинашниот состанок на Американското здружение за научен развој (AAAS).

Длабоко закопаните пештери на Наица се откриени од страна на рудари кои барале сребро и други метали, пред речиси еден век. Научниците многу се заинтересирале за тие пештери заради таканаречените екстремофили, микроби кои преживуваат во навидум невозможни услови.

Опкружувањето во пештерите е многу топло, со температура помеѓу 60 и 80 Целзиусови степени, и голем процент на влажност и киселост. Во пештерите нема светлина, па секој организам за да преживее мора да врши хемосинтеза, односно да се одржува со обработка на камените минерали.

Доктор Бостон заедно со колегите од тимот, ги отвориле кристалите кои се создавани со милиони години, и во нивната  содржина пронашле бактерии и прабактерии кои подоцна ги реанимирале во лабораториски услови.

Бидејќи е вработена во НАСА како астробиолог, таа  го истакнува значењето на ваквите откритија за потрагата по животни форми во вселената.

„Секое вакво откритие на Земјата ни овозможува да применуваме сличен атлас на можности на поинакви планетарни опкружувања“, тврди Бостон.

Многу научници сметаат дека ако некаде во Сончевиот систем  постои живот, тоа е најверојатно во подземјето, каде организмите се хемосинтетизираат, токму како оние од пештерата Наица. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука