X
 13.10.2017 Образование

Македонски студенти варат кафе наместо да стекнуваат пракса

На прашањето колку се задоволни од наставата, дали во компаниите им обрнуваат внимание и колку имаат корист од истата, дури 40 проценти од анкетираните ја оцениле со најниската оценка –единица.



Македонски студенти одат на фиктивна практична настава и добиваат потписи без да се појават во компанијата што треба да ги обучува, покажа нашата онлајн-анкета. Од 185 студенти што одгoворија на нашата анкета, дури 106 добиле потпис за задолжителната настава од компанијата која ги обучувала, но не се појавиле на пракса. И оние што посетувале воопшто не се задоволни од квалитетот на наставaта, па најголем дел ја оцениле со еден и два, а мал дел со чиста петка.
Веќе неколку години студентите од државните универзитети задолжително мора да посетуваат практична настава која не може да биде пократка од 30 дена, како еден од условите за запишување во следната студиска година. Повеќето факултети најдоа компании и склучија договори за реализирање на практичната настава, но очигледно е дека процесот не функционира добро и дека студентите не добиваат практична настава, едeн од најважните процеси во текот на студирањето. Овие резултати покажуваат дека е потребна поголема контрола на целaта постапка, како и поголемо разбирање и соработка од страна на компаниите.

Добивале потпис, а не оделе на пракса
 
Од одговорите на студентите може да се заклучи дека потписот го добиваат само за да не пречат во процесот на работа на компанијата.
- Ми понудија потпис уште веднаш, само да не им пречам во работата – вели студент од четврта година на Технолошко-технички факултет на УКЛО од Велес.
- Сакав да одам на пракса, ова не се случи поради моја иницијатива. Требаше еден месец практична настава, а јас бев само една недела и добив потпис – вели студентка на ФЕИТ.
- Да, сум добила потпис без да посетувам практична настава поради колективен одмор на установата – ни одговорила студентка во трета година на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
- Иако јас сакав да си ја одработам праксата, вработените инсистираа да се скрати процесот бидејќи немаа услови да им обезбедат превоз на практикантите – вели студент на Штипскиот универзитет.
На прашањето колку се задоволни од наставата, дали во компаниите им обрнуваат внимание и колку имаат корист од истата, дури 40 проценти од анкетираните ја оцениле со најниската оценка –единица. Двојка за практичната настава компаниите добија од 22 проценти од анкетираните. Само 14 отсто се задоволни од праксата и им дале петка на компаниите кај кои посетувале настава.

Да се смени целиот процес

Ги прашавме студентите и што би промениле во самиот процес и како може да добијат квалитетна настава која ќе им помогне во студирањето и секако ќе ги направи подобри работници во сферата што одбрале да ја работат. Голем дел одговорија дека би промениле буквално сѐ.
- На Градежниот факултет се бара пракса само во последниот семестар од додипломските студии (6-ти по програмата 3+2) и тоа само 5 дена во целиот семестар. Тоа значи дека се станува дипломиран градежен инженер со само 5 дена практична настава. За споредба, останатите факултети бараат практична настава уште од првата година на студирање, трае еден месец, што е значително повеќе. Она што јас би го сменила е да се воведе пракса како на другите факултети – вели студентка од Градежен факултет.
Студентка од ФИНКИ смета дека е потребна поголема посветеност на практичната настава, како од страна на факултетите така и од компаниите.
- Нашите факултети нѐ подготвуваат добро само теоретски. За жал, барем во техничките струки, ова произведува целосно неписмен кадар по завршувањето, кој е способен само за филозофирање. Преку теоретска настава не се учат битните практични знаења што се потребни за една компанија од еден дипломиран инженер – вели таа.




Друг студент смета дека од корен треба да се промени целата процедура. Тој вели дека компаниите што треба да земат практиканти се ослободени од данок, па затоа и на практикантите треба да им се исплаќа паричен надоместок.
- Наместо да вработат практиканти, тие издаваат само потпис за завршена пракса и на тој начин ем не плаќаат данок ем не вработуваат практиканти. За целиот процес на практична работа да биде реален и студентите да добијат практично знаење од праксата што ја посетувале, односно тоа што го учеле теоретски да го научат и практично, факултетите треба да имаат свои кампуси кои преку цела година би регрутирале студенти за практична работа или во фирми со кои имаат договор да ја извршат праксата – вели тој.
Голем дел од студентите ни одговорија дека наместо да учат, во компаниите каде што одат на пракса ги тераат да варат кафе или ги праќаат во продавници.
- Потребна е поголема вклученост во работата на компанијата, а не да вариме кафе – вели апсолвент по информатика. - Сакам навистина да работиме и да учиме, а не да вариме кафе- вели студентка од Економски факултет.
- Ни треба реална практична настава, а не да се праќаат практикантите по продавници за работно време, да варат кафиња и да им угодуваат на вработените. Вработените и менаџментот треба да ја обезбедат праксата што ја нудат – револтирана е студентка од трета година. Студентите сметаат дека е потребна поголема ангажираност на практикантот во секојдневната проблематика, работа на реални проекти и ценење на сите мислења, со што практикантот би се чувствувал како дел од тимот. Праксата, според нив, треба да се гледа како можност за идно вработување.
 - Така практикантот ќе се труди да ги покаже своите квалитети и способности кои би биле препознаени од работодавците – вели студентка.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование