X
 17.06.2022 Живот

И по 36 години кружат митови во врска со Чернобил

Белизе, Бали или Чернобил? Каде би отпатувале? Украинскиот Чернобил одамна е привлечна дестинација, но со оглед на случувањата денес, повторно се наметна како сериозна туристичка дестинација. Овој пат поради руската инвазија на Украина.

Што се случи со Чернобил?

За потсетување, на 26 април 1986 година во 1:23 часот четвртиот реактор во централата во Чернобил, оддалечена стотина километри од Киев, експлодирал за време на безбедносен тест. Десет дена горело нуклеарното гориво, испуштајќи радиоактивни честички во атмосферата, кои, според некои процени, контаминирале дури три четвртини од Европа, главно Украина, Белорусија и Русија, кои тогаш беа советски републики. Сè уште има дебата за човечки загуби по несреќата, а процените се движат од 30.000 до 100.000 загинати.


Теории за мутации на живи суштества

И по толку години кружат митови, стравови и сомнежи за Чернобил. Можна ли е нова нуклеарна катастрофа? Дали нивото на радијација се зголеми? Дали Руси умираат по напуштањето на Чернобил? Дали денес има мутации на живи суштества во Чернобил? Двоглави волци или стаорци со пет нозе?


Најновиот настан што ја шокира светската јавност е однесувањето на руските војници. Чернобил беше окупиран во првите недели од инвазијата на Украина, а Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) беше крајно загрижена поради присуството на армијата во областа на електраната и можна нова нуклеарна катастрофа.

Се пресметува штетата што ја направија руските војници


Штетата што ја направија руските војници во нуклеарната централа во Чернобил сè уште се проценува. Тие ја украле опремата од електраната: компјутери, канцелариска опрема, па дури и противпожарни возила кои може да бидат неопходни во случај на несреќа. Ограбувале и продавници и згради во кои живееле и спиеле работници. Електраната четири дена била отсечена од дистрибутивната мрежа и морала да користи помошни генератори за ладење на енергетските шипки - нуклеарно гориво кое ќе се стопи и ќе предизвика нова катастрофа доколку остане без ладење.

Работниците во електраната најмногу ги шокирал лежерниот однос на руските војници кои се движеле насекаде, игнорирајќи ги протоколот и знаците на опасност. Тие сметаат дека таквото однесување не е само деструктивно, туку и самоубиствено.

Хрватот кој го изградил саркофагот околу реакторот


Малкумина знаат дека Хрват е одговорен за изградбата на огромниот саркофаг во 2018 година, кој го изолира најопасниот отпад на планетата. Вјенчеслав Новак е дефинитивно еден од најважните луѓе во поновата историја на нуклеарната централа Чернобил. Загрепчанецот со адреса во Лондон беше првиот човек на мегапроектот и управуваше со фонд од над 2,5 милијарди евра за санација на Чернобил.


Тој беше шокиран од последните случувања, како што изјави неодамна за хрватските медиуми.

- Сето ова е апсолутно шокантно. Сè што прават е спротивно на основните правила за управување со нуклеарните централи. Ми се крева косата на главата, се надевам дека истото им се случува и на моите колеги од рускиот нуклеарен естаблишмент - изјави тој во интервју за „Јутарњи лист“ во март 2022 година.


Серијата „Чернобил“ и туристичките посети пред пандемијата

Интересно е како Чернобил доби сосема нов, туристички поттик пред само неколку години. А за сето тоа е заслужна една наградувана ТВ-серија. Во 2019 година светот полуде по серијата „Чернобил“, хит на Ејч-би-о што ги прикажува настаните и контекстот на една од најголемите катастрофи во историјата, експлозијата на советската нуклеарна централа.

Милиони гледачи ги изгледаа петте епизоди од мини-серијата, а по само неколку дена од завршувањето на шоуто серијата беше на врвот на листата со најпопуларни серии на Имдб со оцена 9,7.


Успехот на американската мини-серија на Ејч-би-о го зголеми бројот на туристи што сакаа да ги посетат централата и градот на духови во близина на електраната - Припјат. Една украинска туристичка агенција забележа зголемување на резервациите за 40 отсто по премиерата на серијата. Турите во Чернобил, заедно со англиски преведувач, чинат околу 88 eвра за лице.

Припјат, град на духовите во кој некогаш живееле 50.000 луѓе

Во рамките на туристичките тури, туристите посетиле неколку населени места кои биле напуштени или целосно срушени, а најголемо внимание привлече градот Припјат, кој се наоѓа во близина на нуклеарната централа. Станува збор за планиран град за семејствата на вработените во електраната. Просторот во кој некогаш живееле околу 50.000 луѓе остана целосно празен.


И како што се случува, серијата освои три награди „Еми“ и предизвика многу контроверзии. Многумина веруваат дека таа не ги прикажала веродостојно настаните од кобната 1986 година.

Во секој случај, украинскиот Чернобил не престанува да ја разбранува домашната и светската јавност, а што ќе ни донесат актуелните нестабилни настани, останува да видиме... А ако можеме да избереме, го избираме Чернобил како сигурна туристичка дестинација.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот