X
 28.03.2018 Култура

Култни филмови што на почетокот не биле прифатени


Џек Николсон во филмот „Сјаење“
(Фото: Youtube screenshot)


Иако денес е сосема логично да се каже дека „Истребувач“ или „Борачки клуб“ се одлични филмови, не било отсекогаш така. Првиот доживеа дебакл на благајните низ светот и доби лоши критики, а вториот помина само со исмевање.

Сепак, нештата се менуваат, а публиката на крајот одлучува што ќе се одржи во живот, а што не. Независно од тоа колку биле критикувани, времето пресудило во нивна корист, па така, некогаш омразените филмови наредниот ден станаа класици обожавани од армија фанови.

Такви примери има многу, а овие се најинтересните.

„Волшебникот од Оз“

Некои од првите критики на овој холивудски класик биле: „Предолг е. Претежок. Никако да тргне. Никој не сака да ја види Џуди Гарланд како пее. Исфрлете ја таа песна“.

Песната „Некаде над виножитото“ (Somewhere over the rainbow) не само што освои „Оскар“ туку прерасна во една од најпрепознатливите филмски песни на сите времиња. Ако прашавте некој од извршните продуценти, песната никогаш не би се појавила во филмот.

„Симпсонови“

Своевремено, реакцијата на група родители во САД била многу уважувана, а нивното влијание било насочено против новата анимирана серија „Симпсонови“. Причината за тоа бил ликот на Барт, кој бил претставен како бунтовник кој наспроти своето лошо однесување, успевал да се извлече од секоја ситуација.

Денес сигурно на мнозинството гледачи ова им се чини лудо, но во оваа бесмислена расправа се вклучил и тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, кој на собирот на републиканците во 1992 година изјавил: „Ќе продолжиме со обидите за јакнење на американското семејство и ќе направиме повеќе да личи на Волтон, а помалку на Симпсонови“.

„Психо“

Кога се појавил овој филм, критичарите не му биле наклонети. „Старомодна мелодрама“, „Мислам дека е филмска рефлексија на најнепријатниот, злобен, подол, садистички мал ум“, „Психо е болен“, „Новите филмови на Алфред Хичкок се вистинско задоволство, но ’Психо‘ е исклучок“. Ова се само дел од негативните критики на шокираните критичари кои не биле свесни дека штотуку изгледале еден од безвремените класици.

„Бетмен“

Фановите на овој филм секогаш имале коментар за изборот на афишата на студиото. А тоа мислење речиси секогаш било негативно.

Иако денес го сметаат за одличен изборот на Мајкл Китон за улогата на Бетмен, овој актер не уживал симпатии отсекогаш. Згора на тоа, кога кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век било објавено дека токму тој ќе биде новиот Бетмен, „Ворнер брос“ примиле над 50.000 писма со жалби затоа што многумина сметале дека Китон, тогаш познат по улогите во комедии, едноставно не е доволно „страшен“ за оваа улога.

„Сјаење“

Култниот хорор-филм на Кјубрик денес е повеќе од обичен филм, па постојат и филмови за „Сјаење“. Но кога се појавил, многумина не биле воодушевени. Авторот на книгата според која е направено сценариото за филмот, Стивен Кинг, не го прифаќал филмот, а истото мислење го делеле и критичарите.

Роџер Илберт немал баш убави зборови, но подоцна го променил мислењето, а „Варајети“ пишувал дека филмот целосно го уништил тоа што било вредно во книгата. Кјубрик е номиниран за „Златна малина“ како најлош режисер. Времето ги демантирало и им покажало дека не биле во право.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура