X
 18.03.2025 Живот

Овој европски град наскоро би можел да стане најчистиот во светот

На работ на живописен архипелаг прекриен со борови шуми, малото нордиско гратче Турку долго време е познато поради својата природна убавина и старински шарм. Неговите калдрми, обиколени со дабови дрвја, како и театарските згради од 19 век, потсетуваат на Париз.

Но, сега амбицијата на овој најстар фински град е да се позиционира како најзеленото место на планетата.

Турку има цел да стане целосно јаглеродно неутрален до 2029 година, кога ќе прослави 800 години од своето основање, што е 20 години пред рокот што го постави Европската Унија со својот климатски закон.

- Сакаме да бидеме најчистиот и најдобриот град на светот. Климатските цели ги сфаќаме многу сериозно - вели заменик-градоначалничката Пија Ело. Нејзината колешка Елина Рантанен додава: - Ние сме еден од најамбициозните градови во однос на климатските промени.

Турку се натпреварува со други скандинавски градови, а најголем ривал му е Копенхаген, кој веќе години наназад се стреми да стане јаглеродно неутрален. Но, плановите на данската престолнина беа забавени поради побавното намалување на емисиите од возилата. Со своите 200.000 жители, Турку сè уште се надева дека ќе го освои престижниот статус.

Електрични автобуси, велосипедски патеки и маршрути за пчелите


Трката за еколошка одржливост започна во 2020 година кога Европската Унија ја покрена иницијативата „Мисија градови“, предизвикувајќи десетици европски метрополи да станат јаглеродно неутрални до 2030 година. Истата година Турку го воведе својот прв електричен автобус.

Оттогаш, нивниот број значително се зголеми, а Рантанен, член на Зелената партија и заменик-градоначалничка задолжена за урбанистичко планирање, целосно ги исфрли автомобилите од центарот на градот и од бреговите на реката Аура. Дополнително, иницира изградба на нови велосипедски патеки, давајќи личен пример и секојдневно патувајќи со електричен велосипед или автобус.

- Се сеќавам на времињата кога од автобусите излегуваше густ, црн чад; беше страшно. Сега повеќето се електрични, а наскоро ќе бидат сите - вели таа.

Во рамките на урбаниот план за одржлива мобилност велосипедските патеки сега се полни со велосипеди. Некои носат деца, други домашни миленици. Дури и воспитувачите во градинките ги возат децата во велосипеди, навикнувајќи ги уште од мали нозе на живот без автомобили.

- Сакаме да ги научиме децата да бидат свесни за животната средина и да собираат отпадоци, да гасат светла кога не се потребни и да јадат повеќе зеленчук - објаснува Пија Ело, која е задолжена за секторот образование.

turku
Фото: Wikipedia

Индустријата за управување со отпад - гордост на градот

Во пристаништето на Турку, кое служи како врата кон архипелаг со илјадници острови, голем број бродови веќе имаат натпис „нулта емисија“. Дел од траектите што ги поврзуваат островите се веќе електрични.

Како дел од зелената револуција, Турку воведе маршрути за пчелите, односно зелени површини со медоносни растенија што им овозможуваат на пчелите непречено да се движат низ градот. Во четири училишта се именувани „климатски амбасадори“ – деца кои ги поттикнуваат врсниците да бидат еколошки свесни.

Но, вистинската гордост на градот е новата фабрика за управување со отпад, која користи иновативен систем претворајќи го човечкиот отпад во енергија за загревање на домовите.

- Градови од целиот свет доаѓаат да ја видат - вели Рантанен. Пред нејзиното отворање во 2020 година, Турку зависеше од фосилни горива за греење, што беше огромен извор на загадување во текот на долгите и студени фински зими.

Заеднички напор предводен од жени


Турку, покрај обновливите извори на енергија, користи и биомаса – органски материјал од растенија и животни за дел од своите енергетски потреби. Ефектот од ова е драматично подобрување на квалитетот на воздухот.

Од 1990 година емисиите на стакленички гасови се намалени за 67 отсто, што е извонреден успех за град кој се наоѓа во студен климатски појас.

Овој успех е резултат не само на напорите и иновациите на градот, туку и на лидерството на жените кои управуваат со него.
Градоначалничката Минa Арве, заедно со нејзините три заменички, активно работи на трансформација на Турку во модел за еколошка одржливост.

- Жените генерално повеќе размислуваат за иднината, за тоа како да го направат светот подобро место за живеење - вели Ело. Таа додава дека сите четири жени на челните позиции имаат деца-тинејџери, а три од нив се вегетаријанки.

Ело се залага за поголема застапеност на растителната исхрана во училиштата бидејќи сточарството е одговорно за 14,5 отсто од глобалните стакленички гасови. Во сите училишта во Турку се воведени предмети за правилно управување со отпадот и рециклирање.

Не е сè идеално

И покрај успесите во еколошката политика, Турку, исто како и другите европски градови, се соочува со предизвици како што се долги листи за чекање во болниците, недостиг на станови и високи даноци.

Финска има една од највисоките даночни стапки во Европа, а цените на електричната енергија, иако пониски од некои други земји, пораснаа. Како одговор, владата привремено го намали ДДВ на струјата.

Сепак, граѓаните на Турку генерално ги поддржуваат градоначалничката и нејзиниот тим.

- Плаќаме високи даноци, но за возврат добиваме одлични јавни услуги, вклучувајќи бесплатни градинки - вели локалниот жител Бертел Лајне.

Додека се ближат локалните избори, останува да се види дали Турку ќе ја добие титулата „најчист град во светот“.

Извор: After5.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот