X
 19.03.2025 Наука

Русин поминал 14 месеци во вселената: Лекарите биле воодушевени од неговата состојба

Валериј Полјаков, руски космонаут, е личноста со најдолг континуиран престој во вселената. Во текот на својата кариера овој експерт за вселенска медицина поминал вкупно 437 дена на вселенската станица „Мир“, поставувајќи ги стандардите за долготрајни вселенски мисии.

Полјаков првпат отишол во вселената во 1988 година, а потоа поминал 240 дена во микрогравитација. Но, неговата мисија од 1994 година ги надминала сите претходни бидејќи поминал речиси 14,5 месеци на станицата „Мир“, кружејќи околу Земјата повеќе од 7.000 пати. Иако било планирано да остане во вселената 16 месеци, распоредот на мисијата и пристигнувањето на екипажот на НАСА му го скратиле престојот.

За време на неговата мисија, Полјаков бил предмет на многу медицински истражувања. Научниците ги следеле промените во неговиот мускулен систем, функцијата на белите дробови и имунолошкиот систем, како и ефектите од вселенската исхрана. Покрај тоа, тие забележале како неговиот мозок и когнитивните способности се менуваат во текот на продолжената изложеност на микрогравитација. И покрај предизвиците, Полјаков покажал извонредна издржливост, одржувајќи се во форма со дневни двочасовни тренинзи.

Го докажал тоа што сакал

Еден од неизбежните физички ефекти на микрогравитацијата било издолжувањето на неговиот 'рбет. За време на мисијата, тој пораснал повеќе од 6 сантиметри, што му отежнало да се смести во седиштето на капсулата што било дизајнирано според претходни мерења. Но, и покрај физичките промени, неговите ментални способности останале силни, а научните истражувања не покажале никакви долгорочни когнитивни проблеми.

По враќањето на Земјата, Полјаков ја покажал својата способност да се приспособи по толку долго време во вселената. Излегол од капсулата, седнал на стол, запалил цигара и испил чашка ракија, покажувајќи дека брзо се враќа во нормален живот. Неговата цел била да докаже дека луѓето можат да останат функционални дури и по повеќе од една година во вселената, што било клучна информација за идните мисии во длабоката вселена.


Истражувањето спроведено по неговото враќање покажало дека најголемите предизвици на долгорочниот престој во вселената се токму првите недели на адаптација - како на условите на микрогравитација така и на враќање во гравитациската средина на Земјата. Во текот на првите неколку недели во вселената Полјаков доживеал стрес и промени во расположението, но потоа неговата психичка состојба се стабилизирала и останала конзистентна до крајот на мисијата.

Достигнувањето на Полјаков е клучен доказ дека човечкото тело може да издржи долгорочно патување во вселената отворајќи ја вратата за идните планови за експедиции на Марс и други далечни дестинации. Тој починал во 2022 година, на 80-годишна возраст, оставајќи зад себе наследство што продолжува да го обликува истражувањето на вселената и денес.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука