Со нив подготвувам театарски претстави, рецитали, концерти, спортски активности, патувања, толку се поврзаа што станаа едно големо семејство.
Во нејзиниот речник не постојат зборовите „не можам“. Со активностите што ги организира, лицата со интелектуална попреченост ги поместуваат границите на своите способности. Ги вклучи во изведба на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, во рецитали на поезијата од Конески, Шопов и Рацин, заедно со Камерниот оркестар од Битола и познати музички изведувачи на концерт ја испеаја песната „За овој свет“ од Тоше Проески, на манифестацијата „Можеме и сакаме да пееме“ изведуваа песни на англиски јазик, учествува во спортски активности, во проекти со ученици од редовните училишта.
-Ме исполнува кога лицата со интелектуална попреченост ќе покажат дека можат. Ме исполнува кога добиваат простор каде што ќе се слушне нивниот глас и ќе се препознае нивниот потенцијал или простор каде што ние директно влијаеме врз подигнувањето на јавната свест во околината - вели Јуле Трајчевска, претседателка на битолскиот огранок на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.
Ако не може лицето да прочита, таа му чита
Токму таа ги иницира и креира ваквите настани кои изненадуваат дури и некои од наставниците што работат со лица со попречености.
- Ќе прашаат „како научија рецитал?“ Е научија. Ако не може лицето да прочита, ти ќе му читаш и тоа ќе учи. Желбата на лицата со интелектуална попреченост е поголема од она што не го можат. Желбата да учествуваат во нешто убаво и значајно е поголема од тоа што не можат да го направат - вели Трајчевска.
Сестра ѝ ја инспирира на хуманитарна работа
Не била случајна одлуката да се нафати на оваа одговорна задача - да го води локалниот огранок во кој членуваат над 40 лица, а притоа да остави силен белег со своите активности. Живеејќи со сестра со интелектуална попреченост, секојдневно се соочувала со предизвиците што им ги наметнувал животот. Борбата на сестра ѝ станала и нејзина.
-Тој живот бара длабоко разбирање и емпатија. Оваа работа за мене не е само активност, туку дел од мојот идентитет. Ме мотивираше тоа што сестра ми сакаше секому да даде љубов, насмевка и убав збор, во рамките на нејзините можности. Но, секогаш наидуваше на неразбирање од средината. Не секој сакаше да застане со неа и да се напие кафе, да разговара или да ја поздрави. Ми се случуваше пријатели со кои сме живееле многу години одеднаш да ги снема или да нѐ сожалуваат. А нам не ни треба сожалување, туку поддршка и топол збор - додава таа.
Корисниците се обучуваат да бидат посамостојни во животот
Трајчевска почна посветено да ја води „Порака“ во Битола, која е дел од 17 локални ограноци на Републичкиот центар на лица со интелектуална попреченост основан уште во 1962 година. Центарот во Битола опстојува од 1984 година, а социјалниот клуб започна со работа пред 10 години. Под водство на Јуле трипати неделно се одржуваат редовни работилници од 16 до 19 часот. Корисници се лица со попречености од 18 до 46 години. Тие таму творат, се дружат, се социјализираат, а родителите добиваат неколку слободни часа.
-Целта на работилниците е развој на личните и социјалните вештини за посамостоен живот. Им овозможуваме да ги изразат своите чувства и идеи, да развијат самопочит и самодоверба, ориентација во отворен простор и финансиска писменост. Да им помогнеме за посамостоен живот утре кога нивниот родител ќе биде повозрасен и не ќе може да им помага - вели Трајчевска.
Блиски како едно големо семејство
Во клубот, корисниците како тату-мајстори цртаат тетоважи на хартија, изработуваат украси, учат да пеат, да свират, да играат... Во „Порака“ се надминуваат бариерите.
-Повеќето од членовите растеа осамени, без другари, а тука се социјализираа и сега се како семејство, не можат да се раздвојат. Сите сме блиски, секој му помага на другиот.
Тие заедно прославуваат нови години, вртат мазниче со паричка, готват, одат на концерти, патуваат... Најмногу ме трогна кога лице со попреченост ми рече: „Aј сега нека ми речат на работа ете го овој... не може“, не сакам да ги користам зборовите со кои некој и во 21 век ги именува лицата со попреченост. За мене, најголем дар е нивната самодоверба по успешен настан - додава соговорничката.
Хуманоста не се покажува пред камери и по социјални мрежи
Во последно време никнуваат нови здруженија, но таа вели дека тие се онаа „Порака“ со традиција во постоењето, која со голем ангажман низ годините успеала да издејствува законски промени во интерес на оваа категорија граѓани. Но, имаат уште многу битки.
- Во нашето општество хуманоста често се користи како маска, се покажува на настани, пред камери или на социјални мрежи. Ретко се гледа на дело таму каде што навистина треба. Хуманоста не се мери преку слика, туку преку секојдневни дела кои се прават без да бидат забележани, кога некој ќе ти ја отвори вратата, кога ќе ја сослуша приказната на лицето со попреченост без осуда, кога ќе те поддржи без да очекува замена, за мене, тоа е хуманост. Се наоѓаат луѓе и организации кои прават големи работи, но генерално сме далеку од тоа да го постигнеме вистинскиот дух на хуманост кој треба да биде основа во секојдневниот живот. Има напредок, но има уште многу работа - заклучува Трајчевска.
Фото: приватна архива