X
 21.07.2019 Наука

За да се спаси западноантарктичкиот глечер, потребни се 7,4 билиони тони вештачки снег

Големиот западноантарктички континентален глечер е стасан до точка на вриење, предупредуваат научниците, и ќе биде потребно да се направи нешто драматично за да се спаси од целосен колапс. Тоа драматично нешто би било фрлање 7,4 билиони тони вештачки снег врз него.

Тоа е заклучокот од нова студија за тоа како би можела да се запре дестабилизацијата на глечерот, но истражувачите што ја направиле не се сериозни во сугерирањето на таа опција. Нивната цел е да ја нагласат сериозноста на она што се случува на Јужниот Пол.

Се предвидува дека колапсот на овој континентален глечер ќе доведе до зголемување на морското ниво за околу три метри во целиот свет, поради што би биле загрозени градови како Њујорк, Шангај, Токио...

- Веќе сме дојдени до точка од која нема враќање ако не направиме ништо. Можеме да се вратиме до стабилна точка со мало мешање сега или со поголеми и поголеми мешања подоцна - истакна климатологот Андерс Леверман од Институтот за истражување на климатското влијание во Потсдам, Германија.

Тој и неговиот тим утврдиле дека би било потребно да се фрлат најмалку 7,4 билиони тони снег во текот на 10 години за да се заштити ледената површина. Тоа би биле многу машини за снег. Снегот би бил збиен како мраз, стабилизирајќи го глечерот и правејќи го подебел.

Сепак, можеби и тоа нема да е доволно и би имало големи технички предизвици, сметаат истражувачите. Собирањето и замрзнувањето на морската вода за да се стави на врвот на глечерот би можело да влијае врз околината на начини кои не би можеле ни да ги предвидиме. Научниците исто така би морале да внимаваат и да избегнат формирање на езера на врвовите, што може да го забрза наместо да го забави топењето.

Тука е и снабдувањето со доволно опрема и доволно енергија за работење во една од најсуровите области на нашата планета. Би биле потребни околу 12.000 турбини на ветар за да има доволно енергија, велат истражувачите.

Ако сакаме да спроведеме таков радикален план, ние ќе уништиме една од најскапоцените области на недопрена дивина и природна убавина која ни е останата и ќе предизвикаме нарушувања во локалниот див свет над и под водата.

- Не предлагам да го направиме она што покажавме дека е возможно, туку дека тоа е одлука за општеството. Луѓето мора да разберат дека ако не сакаме да ги загубиме нашите градови, мораме да направиме нешто. Ние само претставиме една можност - истакна Леверман.

Многу подобра идеја би било намалување на глобалното затоплување, кое предизвикува распаѓање на ледените површини на Антарктикот. Емисиите на јаглероден диоксид во светот продолжуваат да растат и студии како оваа потенцираат колку штета веќе сме ѝ нанеле на планетата и колкави напори се потребни за да се вратиме на безбедно ниво.

Додека геоинженерските проекти теоретски нудат некоја надеж, тие можат и да ја оштетат планетата и екосистемот на неочекувани начини, како што е прикажано и тука.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука