Тим епидемиолози од „Харвард“, „Чилдренс хоспитал Бостон“ и од Универзитетот во Торонто утврдил дека зголемувањето на локалната температура и густината на населението кореспондираат со растот на отпорноста на антибиотици кај најчестите видови бактерии, пишува
nature.com.
Досега се сметало дека зголемувањето на отпорноста кај најчестите бактерии настанува поради преголема употреба на антибиотици. Американскиот центар за контрола на болести и превенција процени дека во 2016 година околу 30 проценти од антибиотиците биле препишани без реална потреба.
„Влијанието на климата сè повеќе се препознава кај различни инфективни болести, но ова е првпат да забележиме дека климата е вмешана во распоредот на отпорноста на антибиотици на географски локации“, вели водечкиот автор на студијата, Дерек Мекфаден. „Пронајдовме и назнаки дека врската меѓу отпорноста на антибиотици и порастот на температурата со текот на годините ќе се зголемува“, додава тој.
Научниците велат дека зголемувањето на температурата за 10 степени ќе се одрази на зголемувањето на бројот на антибиотици отпорни на вид ешерихија коли за 4,2 проценти, клебсиела пневмонија за 2,2 проценти и златната стафилокока за 3,6 проценти. „Нашите сознанија дека климатските промени придонесуваат и го забрзуваат порастот на отпорност на антибиотици ни укажуваат дека перспективите за иднина се полоши отколку што сметавме. Освен температурата, важен фактор е и густината на населението. Зголемување од 10 илјади жители на квадратен километар претставува раст од 6 отсто на резистентноста на антибиотици кај Грам-негативната ешерихија коли и клебсиелата пневмонија.“
Растот на популацијата, порастот на температурата и отпорноста на антибиотици се трите појави што моментално се случуваат на нашата планета. Досега не се знаеше како се тие поврзани меѓусебно.
„Нашето истражување укажува на итна потреба за инвестирање во истражувања за подобро да ја разбереме поврзаноста меѓу заразните болести, лековите и промените во околината. Некои процени покажуваат дека до 2050 година 10 милиони луѓе годишно ќе умираат поради отпорност на антибиотици.“