X
 26.01.2017 Здравје

Родителите треба да избираат дали ќе го вакцинираат детето, ама треба да ги сносат и ризиците

Детето треба да биде апсолутно здраво кога прима вакцина, да нема генетска предиспозиција за невроразвојни нарушувања, да прима витамини и минерали три недели пред и по вакцинирањето – порачува професорот Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија од Скопје


Да се вакцинираат децата или не, тоа е едно од најтешките прашања што родителите си ги поставуваат, кај и да живеат. Дискусии на големо се отвораат, родителите станаа експерти за медицина, читајќи секакви форуми за добри и за лошите страни на една од најголемите придобивки на медицината на 20 век. Вакцинацијата во нашата земја е задолжителна, но родителите можат да изберат да не го вакцинираат своето дете.

Една од „најдебатираната“ вакцина што ја примаат деца кај нас, на возраст помеѓу 13 и 24 месеци, е вакцината против морбили, паротитис, рубеола, или позната како МПР или ММР. Низ цел свет на големо е отворено прашањето за можната поврзаност на оваа вакцина со аутизмот.

Спроведувањето на задолжителната имунизација во Република Македонија со години и децении наназад бележи висок опфат ≥95% за поголемиот број на вакцини, согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и други референтни меѓународни институции, со ретки (одвреме навреме и само за одредени вакцини, во одредени региони) падови на опфатот кај примарната вакцинација или ревакцинација под 95%, а уште поретко под 90%, стои во извештај на Министерството за здравство, објавен во октомври 2016 година во „Службен весник“.

МПР – полемика стара скоро две децении

Меѓутоа, во 2015 година, опфатот на примарната вакцинација и ревакцинација генерално бележи пад во однос на претходните години. Овој пад е утврден кај МПР, со тоа што примовакцинацијата има опфат околу 88.8 отсто, а ревакцинацијата под 95 отсто.

Секој лек и секоја вакцина имаат свои добри страни, но имаат и несакани ефекти, вели проф. Д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија, кој речиси две децении е посветен на аутизмот, а предава и хумана генетика. -Во генетиката постои една субдисцилина наречена фармакогенетика. Секој од нас има различни гени кои можат да бидат добро приемчиви за одреден лек или вакцина и тие да го дадат својот позитивен ефект, но кај други луѓе лекот може да не даде никакви позитивни промени, а кај трети може да даде и анафилактичка реакција, па дури и да доведе до смрт. За среќа, бројот на вакви реакции не е толку голем. Од 1998 година се води оваа полемика дали вакцините (особено МПР вакцината) навистина предизвикуваат аутизам или тоа не е случај. Докторите поддржани од фармацевтската индустрија која гледа исклучиво од страната на профитот целосно ја отфрлија оваа хипотеза уште на самиот старт, дури и без да прават посериозни анализи. Тие сметаат дека сите деца треба да бидат целосно вакцинирани. Но, од друга страна имаме стотици и стотици родители кои даваат евидентни докази дека по примањето на вакцината најчесто МПР по навршени 13 месеци од животот, дека нивното дете заостанало во развојот и тоа се повлекло во свој сопствен свет – вели Трајковски.

Тој посочува две судски одлуки од Италија и од САД „кои потврдуваат дека родителите што тужеле против вакцините ја добиле тужбата и исто така добиле огромна финансиска надомест од страна на државата“.

Во 15 земји на ЕУ вакцинацијата не е задолжителна


Трајковски наведува еден пример од 70-ите години на минатиот век кога на овие балкански простори имало епидемија со вариола вера.

- Во тоа време некои лица починале од последиците на вакцинацијата против болеста вариола вера, т.е. добиле енцефалитис кој бил фатален за нив. Во МПР вакцината постои конзерванс тимеросал што содржи етил жива. Живата е познат токсичен елемент кој дава тешки нарушувања на централниот нервен систем кога ќе се најде во организмот во повисоки концентрации. Се претпоставува дека вирусната инфекција (со потекло од живата вакцина) предизвикува определена малфункција на ентероцитите во нивната продукција на секретин или пептидази кои што се потребни во превенцијата на токсичните ефекти на пептидите од млекото и пченицата. Врз основа на повеќе прикази на случаи, родителите кои веќе имаат дете со аутизам кое реагирало несоодветно на вакцинацијата, размислуваат кај следното дете да ја применат вакцинацијата по втората година од животот или да побараат вакцините да бидат дадени посебно, а не во комбинирана форма како што е тоа вакцината МПР – објаснува Трајковски, кој потенцира дека не е против вакцинирањето, но дека кај аутизмот мора да се биде мошне внимателен.

-Кај деца кои веќе ја развиле таа регресивна форма на аутизам кои и понатаму продолжиле да ги примаат редовните вакцини имаме признанија на родители дека уште повеќе им се влошувала клиничката слика. Тоа јас го добивам како податок од некои наши родители на деца со аутизам, а може и да се пронајде како податок во одредени научни трудови. Детето треба да биде апсолутно здраво кога прима вакцина, да нема генетска предиспозиција за невроразвојни нарушувања, да прима витамини и минерали три недели пред и по вакцинирањето. Ако родителите одлучат да не го вакцинираат своето дете, тие мораат да бидат свесни за сите ризици и за последиците кои таа одлука може да ги предизвика во нивната средина. Родителите треба да знаат дека ако не го вакцинираат детето, дека тоа може да добие сипаници, кои може да се комплицираат со морбилиформен енцефалит и да почине од тие комликации. Вакцините некогаш знаат да бидат меч со две острици. За среќа, сѐ уште е поголем бројот на деца каде што вакцините даваат позитивен ефект отколку тие каде имаат несакани последици. Сметам дека треба да им се остави можноста на родителите да одлучуваат дали ќе ги вакцинираат своите деца или нема да ги вакцинираат и тие да ги преземат сите ризици. Впрочем, во 15 држави на ЕУ вакцинацијата не е облигаторна – смета Трајковски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје