X
 26.02.2020 Наша тема

Има ли спас за Преспанското Езеро?

Од Министерството за животна средина најавуваат дека за наредната недела планираат тематска координативна средба на национално ниво, на која ќе се соберат претставници од научната јавност за да се направи анализа за причините за состојбата и можните следни чекори за следење и подобро управување со водостојот на езерото

Преспанското Езеро е исправено пред голема еколошка катастрофа. Овој природен бисер најдиректно ги почувствува климатските промени и годинава бележи намалување на водостојот и големо повлекување на водата. Дали ќе успееме да го спасиме Преспанското Езеро, што може да се направи и дали алармот веќе можеби сме го исклучиле? Постарите Преспанци со тага во очите и во душите раскажуваат до каде била водата пред две децении. Веќе половина година водостојот се намалува, страшни фотографии од повлеченото езеро постојано се постираат на социјалните мрежи.


С. Стење (фото: Андреј Марјановиќ)

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, максимални води на Преспанското Езеро се измерени во 1963 година (-415 cm); Минимални води на езерото се измерени во 2008 година (-493 cm). Водостој на Преспанско Езеро измерен на 19 февруари годинава изнесува -461 cm. Разликата од минималниот водостој до денешниот е 32 cm.

Водостој означува ниво на водата на водотек, езеро, море, акумулација. Тој се мери според претходно одбрана локација или место („нулта кота“) за кое геодетски е одредена надморската височина.
Нивото на езерото е во постојан пад во последните педесетина години, освен во изразена влажна сезона, покажуваат мерењата на УХМР.



Сушата – најодговорна за состојбата

Еколошки друштва, поединци, научници алармираат дека не смее да се остави езерото да ни пропаѓа пред очи. Од Министерството за животна средина и просторно планирање најавуваат дека веќе прават план како ќе дејствуваат во наредниот период и какви мерки ќе преземат.

Последната долга суша е одговорна за досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД). Според нив, во споредба со ефектот на климатските промени, истекот во Охридското Езеро и употребата на водата за наводнување од Преспанското Езеро незначително придонесуваат за намалувањето на неговото ниво. Од МЕД велат дека ефектите од климатските промени во иднина ќе бидат повидливи во нашата земја, особено на водните и влажните живеалишта.

- Затоа, одговорноста треба да ја бараме во сите нас. Да размислуваме за нашите секојдневни активности и да покажеме свесност дека ниту една акција не поминува без реакција. Односно, нашето неодговорно однесување денес (од неодговорно одлагање смет, па сѐ до уништување на мочуриштата и другите влажни живеалишта кои сепак сè уште некако го одржуваат езерото живо) порано или подоцна ќе биде платено со висока цена. Во овој случај со многу скратена и блага пролет и сушни, долги лета, полни со непопустлива жега на која не е навикнато нашето Преспанско Езеро - вели Драган Арсовски, претставник на подрачната канцеларија на МЕД од Ресен.

Тие располагаат со податоци за нивото на водата на Преспанското Езеро во последните 50-ина години достапни во извештајот „Процена на ефектот на климатските промени врз ранливоста на живеалиштата со цел да се воспостави управување на влажните станишта со цел митигација на климатските промени“ изработен од Националната опсерваторија на Атина (НОА).

Нивото на водата опаѓа во изминатите 60 години

Од Друштвото објаснуваат дека промената на нивото на водата во ова езеро е директен резултат на комплексната геолошка поставеност на регионот, но и од други фактори - дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро.


с.Стење (фото: Андреј Марјановиќ)

- Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на езерото бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив и како такви имаат голем удел врз количината на вода во Преспанското Езеро, се наведува во извештајот на НОА.

Историски гледано, откако се мери нивото на Преспанското Езеро од страна на УХРМ, од 1951 година, нивото на водата е во постојан пад, со изразено опаѓање од 1987 до 1995 година. Досега се покажало дека значителни зголемувања и намалувања на волуменот на езерото се главно резултат на кумулативната преципитација (град, дожд или снег) за време на т.н. „влажна сезона“ (октомври до март).

- Од друга страна, пак, езерската вода е искористувана директно за наводнување, како и преку бунари во трите држави уште од 50-тите години на минатиот век. Двата начина имаат директен негативен ефект врз нивото на езерото и се во голема мера одговорни за неговото долгорочно намалување од 70-тите години до 2004 година. Опсервираниот волумен на карстен истек низ Галичица, пак, е стабилен, независно од нивото на езерската вода и не придонел значително кон интензивното намалување на езерото - се вели во извештајот.

Од Министерството објаснуваат дека доколку во наредните месеци нема доволно врнежи, езерото ќе се соочи со дополнителни загуби на водата, особено со започнувањето на сезоната на наводнување, поради големите количини вода што се испумпуваат неконтролирано од околината на езерото, односно подземна вода која се испумпува од околните бунари.
Министерството има „План за управување со сливот на Преспанското Езеро“ и за периодот од 2016 до 2021 година има проектирани 17,6 милиони евра за имплементирање на неопходните мерки.


с.Коњско

- Со оглед на прекуграничниот карактер на управувањето со Преспанското Езеро, поради неговата географска поставеност и по спроведената ратификација на трилатералниот „Договор за заштита и одржлив развој на пределот на Преспа Паркот“ од последната земја потписничка-Грција во 2019 година, со што истиот стапи во сила, Министерството се заложи да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување номинации од страна на земјите-членки. Во меѓувреме, користејќи ја веќе воспоставената меѓународна соработка на експертско ниво во рамките на проектот за овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот Дримски воден басен, Секторот за управување со водите во МЖСПП иницира вонреден состанок на националните експерти од Дримската група за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро - велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека наредната недела планираат тематска координативна средба на национално ниво, на која ќе се соберат претставници од научната јавност, односно научниот совет формиран за спроведување на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро, Општината Ресен, Управата за хидрометеоролошки работи, МЖСПП, граѓанските организации активни во регионот и сите засегнати страни во имплементацијата на Планот, за да разговараат за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведувањето на мерките од Планот.
Целта е во најкус можен рок да се изврши иницијална експертска анализа на причините за состојбата и можните следни чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема