X
 27.11.2020 Образование

Регионална школа 2020 година: Новата безбедносна агенда - одговор на современите ризици и закани

Денес започнува петдневната Регионална школа „Новата безбедносна агенда - одговор на современите ризици и закани“ во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, фондацијата „Конрад Аденауер“ и  центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ во Брисел. На овој академски регионален онлајн-собир учествуваат студенти, професори и лица од пракса од универзитетите од Република Северна Македонија, Република Бугарија, Република Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.

Проектот ќе понуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од земјите од регионот.

Регионалното безбедносно опкружување во изминатиов период е значително подобрено, но односите на Балканот продолжуваат да бидат чувствителни. Разликите од национален, етно-религиски и културолошки карактер и спротивставените цели и интереси може да бидат предизвик за безбедноста и сигурноста на регионот, затоа е потребна дебалканизација низ процесот на европеизација, смета професор Марјан Ѓуровски, кој е носител на проектот од Универзитетот „ Св.Климент Охридски“, кој се реализира со фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ од Брисел. Во Западен Балкан социеталната небезбедност го замени државниот суверенитет како клуч за успехот или неуспехот на европската интеграција, туркајќи ги грижите за идентитетот на врвот на политичката агенда и предизвикувајќи на тој начин длабока поделба меѓу луѓето и нивните политички елити, нагласи во своето излагање проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, професор Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.

Најзначајните ризици што се наведуваат во дискусиите на регионалната школа со кои се соочуваме доаѓаат од асиметричните, хибридните, сајбер и други загрозувања од невоена природа, вклучувајќи ги и оние од недржавни актери, природните непогоди, технолошките катастрофи, епидемии и климатски промени.  Во однос на идентификуваните безбедносни предизвици, закани и ризици, системот за безбедност треба да гради капацитети и способности за одговор на нив: во услови на воени и кризни ситуации, сајбер и хибридни закани, тероризам, активности на странски и недржавни актери, закани по критичната инфраструктура и нелегална трговија со конвенционално оружје, оружје за масовно уништување и нуклеарна технологија.

Државите на ЈИЕ се соочуваат со истите загрозувања врз мирот и безбедноста како и останатите држави во Европа. Турбуленциите и можноста од нивно прелевање во соседните региони можат да влијаат врз севкупната политичка, економска и безбедносна состојба. Регионот останува обременет со својата историја и продолжува да се соочува со прашања кои може да доведат до политичка нестабилност, е еден од заклучоците на професорите на регионалната онлајн-школа.

Во школите како учесници ќе бидат вклучени студенти и професори од Универзитети од Република Северна Македонија и од регионот. Проектот ќе понуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од земјите од регионот: Северна Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка, координација и спроведување на безбедносна политика и стратешките насоки за миграцијата, како и безбедносната политика на Европската Унија и политиката за мигранти.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование