X
 30.03.2023 Образование

Некои факултети ги укинуваат оценките за да им помогнат на бруцошите да се приспособат

Некои студенти мора да балансираат помеѓу работата и факултетот, со оглед на тоа што мора да работат за да можат да си го платат факултетот. Ова, секако, се одразува врз нивните оценки.

Токму овие искуства се дел од причините да се укинат конвенционалните оценки кај студентите од прва година, а некаде и во погорните години. Наречена „неоценување“, целта на идејата е да се олесни транзицијата кон високото образование, особено за бруцошите кои се први во нивните семејства што се запишале на факултет, или студенти кои во средно не биле добро подготвени за учење на факултетско ниво, па имаат потреба од повеќе време за да го совладаат материјалот.

Но, застапниците на оваа идеја велат дека најважната причина за усвојување на неоценувањето е тоа што студентите се толку преокупирани со оценките, што тие всушност не учат.

- Оценките не се реална слика за учењето на студентите, колку и да е тешко да го прекинеме размислувањето дека ако студентот добил десетка, тоа значи дека научил - вели Џоди Грин, специјален советник за еднаквост во образованието и академски успех при Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, каде што неколку факултети експериментираат со различни форми на неоценување.

Ако некој студент веќе го знаел материјалот пред да се одлучи за предметот и добил десетка, тогаш не научил ништо. И ако студентот се мачел и добил седумка, можеби научил многу - вели Грин.

Причина за неоценувањето е растечката загриженост за менталното здравје на студентите. Од 2013 година е зголемен бројот на студенти со еден или повеќе проблеми поврзани со менталното здравје, покажува истражување од Универзитетот во Бостон. Студентите изјавиле дека притисокот да добијат добри оценки им е најголема причина за стрес, покажа истражувањето во 2019 година од истражувачкиот центар „Пју“.

Исто така, пандемијата предизвика промена на долготрајните образовни практики, вели Роберт Талберт, професор по математика на државниот универзитет „Гранд Валеј“ во Мичиген, кој пишува книга за новите начини на оценување на студентите.

Но, критичарите го споредуваат заменувањето на традиционалните оценки со нови форми на оценување со верзија на трофеи за учество. Тие велат дека немањето оценки е еден вид „разгалување на учениците“.

- Да ми кажете дека студентите се премногу кревки на 18 или 19 години за нивните професори да им дадат повратна информација за она што го научиле или совладале, ми се чини дека недостига прилично значаен елемент од целта на високото образование - вели Фредерик Хес, директор на студии за образовна политика при Американскиот институт за компании. Според него, наместо укинување на оценките, факултетот треба да работи понапорно за да им помогне на студентите да успеат.

- Оценките и задачите можат да бидат корисни и да го определат вашиот пат - вели тој.

Иако голем број факултети сѐ уште не се одлучиле за укинување на оценките, некои професори на катедрата по математика на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, им дозволуваат на студентите да одлучат помеѓу полагање устен и писмен испит.

- Ваквите напори се со цел да ги подобрат резултатите од учењетo, како и да бидат фер особено за новите студенти и студентите што се префрлиле - вели Тим Луис, потпретседател на одделот за додипломски прашања при Универзитетот „Дејвис“.

Факултетите што почнале да практикуваат некаква форма на неоценување ги споделуваат повратните информации. Како што велат овие високообразовни установи, тие се одлучиле за укинување на традиционалните оценки за студентите да можат да се фокусираат на учењето, а не на оценките. А наместо оценки, студентите на професорката Барбара Рогоф, која предава психологија, добиваат наративни оценки во вид на коментари: „импресивно“, „исклучително добро развиено“ или „нерамномерно“. Како што вели таа, студентите учат подобро ако не се фокусирани на оценките.

Извор: Npr.org
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование