X
 31.12.2020 Наша тема

Караманите 4.000 години живеат само на нашето поднебје. Влатко, Илија и Марјан работат на признавање на автохтоната македонска раса

За 20 години опсежно истражување, од античките преданија и народните умотворби, па сè до современата фактографија, браќата Влатко и Марјан Костовски собраа доволно докази за автохтоноста на македонската раса кучиња караман, и додека се чека нејзино признавање во светски рамки, во кинолошкото друштво „Македонско овчарско куче – Караман“ се обидуваат да го заштитат овој наш симбол од судбината на шарпланинецот

Преданијата велат дека тоа е куче со четири очи кое уништува вампири. Придружник на митолошки богови, симбол од старомакедонската хералдика, опеан во антички химни. Тоа е караманот - автохтона раса чии прапочетоци се врзуваат за неолитските земјоделско-сточарски населби во Македонија, раса која 4.000 години живее само на нашето поднебје. Одгледувачите на оваа раса велат дека постојат докази дека античките Македонци имале посебен култ кон ова куче, го има во народното творештво и во книжевни дела, а го има дури и на фреска од 12 век и на географска карта на Македонија од 17 век. Со векови препуштен само на македонските сточари високо на планините, оставен сам генски да се приспособува, во сенката на шарпланинецот, пред три децении речиси дошол пред исчезнување, кога го спасила само неговата уникатна способност за преживување и адаптација. Го бараат конолози од Германија, Италија, Чешка..., но за да се заштити од „судбината на шарпланинецот“, караманот нема да излезе од македонските граници сè додека не биде признаен во светски рамки. Дотогаш македонските ентузијасти Влатко и Марјан Костовски ги продолжуваат истражувањата за оваа автохтона македонска раса кучиња.


Влатко Костовски

Денес, за среќа, сè уште има единки од оваа раса, како и ентузијасти - истражувачи и одгледувачи кои се заслужни не само за афирмација на караманот, туку и за негово зачувување. Меѓу нив се издвојуваат браќата Марјан и Влатко Костовски, кои веќе две децении ја истражуваат оваа раса кучиња, за која велат дека не е само едно обично црно куче, туку дури и важен македонски езотеричен симбол. Одгледувајќи кучиња со децении наназад, во 90-тите години на минатиот век нивното внимание и интерес им го привлекле автохтоните типови овчарски кучиња од Македонија. Тогаш почнала потрагата - од македонските бачила, низ фолклорот, меѓу артефактите во музеите и црквите, па сè до литературата и современата кинологија. Паралелно со истражувањето, од 1998 година тие почнале и со одгледување на оваа раса. Оттогаш браќата Костовски го реализираат нивниот повеќедецениски проект - зачувување и афирмација на македонското овчарско куче - караман.



По посетата на голем број бачила и нивната фенотипска анализа, доаѓаат до сознание дека во Македонија постои богат генски фонд од кој би можеле да се селектираат неколку македонски овчарски раси кои видно би се разликувале од постојната раса шарпланинец. Тука предничел караманот.

- Собирачите на народни умотворби, како Миладиновци, Цепенков, Шапкарев, Верковиќ..., ни оставиле важен податок кој подоцна се испостави дека не станува збор само за „едно обично црно куче“, туку за важен езотеричен македонски симбол кој постојано низ милениумите бил во колективната меморија на Македонците, без оглед дали тие во минатото имале своја држава или не. Првпат видовме караман на една кинолошка изложба, кој беше донесен од еден познат одгледувач на кучиња – Владо од скопско Шуто Оризари. Кучето пленеше со складност, грациозност и острина во споредба со другите кучиња - вели Маријан Костовски.



Неговиот брат Влатко додава дека за време на повеќегодишното трагање низ бачилата на македонските планини, наишле на голем број народни податоци за караманите, пренесувани од колено на колено, во народните песни и преданија, но и на страв дека ако не се преземе нешто, караманот може да изумре заедно со традиционалното сточарство.

За среќа, велат браќата Костовски, караманот успеал да преживее на ова опасно поднебје токму поради неговата способност да се адаптира на свирепа планинска средина и генски се приспособувал додека се внесувале други кинолошки форми што доаѓале со миграциите на луѓето. Спасот го нашол во природата, но и кај старите овчари, кои во голема мера, без многу помпезност, влијаеле врз одгледувањето на караманот.


Марјан Костовски

Kараманот на фреска во Курбиново стара 800 години

На почетокот од нивното истражување во Македонија имало околу педесет примероци од оваа раса. Тогаш Костовски ги почнале шестгодишните зоотехнички анализи на караманите, чии резултати се објавени во нивната прва книга „Македонско овчарско куче – караман“ од 2004 година. Истата година бил регистриран и Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – караман“ (ККМОКК). За време на тие истражување, во манастирот „Св. Ѓорѓија“ во Курбиново откриле фреска од 1191 година на која бил насликан караманот. Тоа подоцна ќе стане лого на клубот.


Илија Ико Каров

Во 2015 година браќата Костовски ја издаваат втората книга „Караман – митското куче на древните Македонци“. Во ова обемно издание се опфатени податоци и докази кои ги откриваат корените на оваа раса поврзани со македонската територија. Според резултатите од нивното истражување, постоењето на караманите на овие предели датира од пред 4 милениуми. Еден од тие докази, како што велат, е и карта на Македонија изработена во 1692 година - артефакт од италијанскиот картограф Винченцо Коронели, на која тој нацртал два државни грба на кралските династии на античка Македонија, од кои на првиот грб има претставено големо црно куче над кое стои натписот „Macedonia аuanti Ales“ (Македонија пред Александар).



- Во Македонија меѓу повозрасните сѐ уште постои верување дека караманите со четири очи, тоа се карамани со палежи кои над очите имаат окерасти шарки, можат да ги уништат вампирите. Таква аналогија пронајдовме во најстарите религиозни текстови во Евроазија. Во химните од Риг Веда се споменуваат црните четириоки кучиња – сарамеи придружници на богот на смртта Јама, кои се истите оние црни четириоки кучиња – карамани во македонската митологија. Во ригведските химни се споменува и кучката Сарама, придружничка на врховниот бог Индра, за која сличности пронајдовме во македонските народни песни во кои се опева главниот на овчарите - Челник Пејо, кој редовно е придружен од неговата кучка Карамана или Караман - вели Влатко Костовски.

Благодарение на нивните истражувања, книги и филмски материјали, направени по нивна иницијатива, идејата за зачувување на караманите широко се распространила, но не одело така лесно со нејзино широко прифаќање, поради тоа што, како што велат Костовски, „години наназад само шарпланинецот важел за македонска раса, но и поради тоа што многумина имале бизнис со продавање шарпланинци и во караманите гледале конкуренција“.



- Добро е што караманот беше толку долго време во сенката на шарпланинецот, тоа беше дури и добра стратегија зашто со распадот на СФРЈ сега и оваа македонска кинолошка вредност ќе беше распродадена наоколу во соседните кинологии. Не е случајно што караманот се појави токму по создавањето на современата македонска држава. Ако шарпланинецот беше една од знаменитостите околу која се собираа кинолошките потреби на жителите на таа држава, денес таа иста задача ја има караманот, околу кој треба да се собереме и да ја кренеме свеста за заедништво - вели Марјан Костовски.

Мисијата на браќата Костовски не се состои само во афирмација на караманот. Тие велат дека Македонија во областа на кинологијата може многу да му понуди на светот, бидејќи можат да се селектираат десетина македонски раси на кучиња, но потребен е малку поголем интерес од државните институции. Истражувањата за караманот не завршија, тие засега имаат само добра подлога, велат Костовски и додаваат дека на идните генерации им преостанува да се зафатат со натамошни научни и уметнички интереси во кои караманот ќе биде уште посериозно третиран.



Исконско пранаследство и кинолошка иднина во едно

Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман“ денес има посебна политика за оваа раса кучиња: да не се испраќаат примероци надвор од државата сè додека расата не биде конечно признаена од Светската кинолошка федерација - ФЦИ.

- Да имате дома караман, значи да имате дел од историјата и дел од иднината. Тоа значи воедно во вашиот дом да има дел од македонското, исконско пранаследство и дел од македонската кинолошка иднина. Караманот отсекогаш бил, и сѐ уште е, неизоставен детал од композиција на мозаикот наречен Македонија, тој е горостас кој се среќава само на македонските планини. Да се чува караман, воопшто не е тешко, но засега е привилегија само на оние што живеат на територијата на Македонија. Засега политиката на клубот е таква да не се испраќаат карамани надвор од границите на Македонија сè до неговото конечно признавање од страна на светската кинолошка федерација ФЦИ - објаснува Илија Ико Каров, претседател на кинолошкото друштво.



Каров вели дека секој што има барем еден караман, по автоматизам станува член на ККМОКК. Мисијата на клубот ги опфаќа заштитата, презервацијата, ревитализацијата и афирмацијата на македонското овчарско куче - караман, додека пак визија и воедно целта, како на клубот така и на сите македонски кинолози, е целосно признавање од Светската кинолошка федерација ФЦИ. ККМОКК денес брои 239 активни члена и уште неколку стотици поддржувачи. Досега имаат реализирано 17 специјализирани изложби, државно првенство кое се одржува напролет и „Караман купот“, кој се одржува наесен.



Странски кинолози и конифили на листа за чекање за македонски караман

За тоа колку единки има денес и сите подробности поврзани со расата караман, во тек е подготовката на зоотехничката студија, која се очекува да излезе кон крајот на летото 2021 година.

- Низ годините ниту една државна институција не покажала интерес за караманот, но благодарни сме за огромната поддршка што во континуитет ја добиваме од Кинолошкиот сојуз на Македонија. Имајте предвид дека десетици Италијанци, Словаци, Чеси и Германци само во претходните неколку месеци биле културно одбиени, односно замолени да бидат трпеливи за да дојдат до примерок на македонски караман - вели претседателот Илија Каров.



Тој посочува дека треба да се прави јасна разлика меѓу караман и шарпланинец.

- Караманот и шарпланинецот се две раси кои потекнуваат од еден генофонд на кучиња, од автохтоната популација на овчарски кучиња на планините кај нас. За жал, оваа популација се здоби со еден несоодветен термин кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век - изворни шарпланинци - што е многу погрешно затоа што популација и раса се две сосема различни нешта. Караманот на прв поглед има различна боја од шарпланинецот, тој е црн и црн со палежи (народно четириок), боја која според стандардот на шарпланинецот е недозволива - појаснува Каров.

Најголемиот проблем за тоа што за малку ќе исчезнеше караманот пред три децении Каров го лоцира во македонскиот синдром на вреднување на туѓото, а омаловажување на своето. Затоа, вели тој: „Кинолози и кинофили - кога ќе одбирате, одбирајте наше“.

Фото: Приватни архиви
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема