X
 04.04.2020 Наука

Кој е творецот на теоријата за дезинфекција?

Редовното миење на рацете, а особено нивната дезинфекција, не била вообичаена практика во минатото. Ниту во домаќинствата ниту во болниците. Теоријата за хигиената на рацете настанала во средината на 19 век кога унгарскиот гинеколог Игнац Земелвајс почнал да работи на породилното одделение во виенската општа болница во 1846 година.

За кратко време откако почнал да работи во оваа болница, тој забележал висока стапка на смртност на мајките. Речиси 30 отсто од пациентките починале по породувањето од породилна треска.

Земелвајс потоа направил споредба со другото одделение кое наместо лекари, го воделе бабици и открил дека нешто не е во ред.

Откако го почнал неговото мало, но важно истражување, Земелвајс сфатил дека постои врска помеѓу хигиената на рацете и стапката на смртност кај мајките. Во наредните две години тој спровел големо истражување во кое на медицинскиот персонал му наредил пред секој хируршки зафат да си ги мие рацете и да ги дезинфицира со раствор со хлор.

Во медицината тогаш била вообичаена практика врз сите починати лица да се врши аутопсија. Во тоа време сè уште не било познато дека рацете се полни со бактерии доколку не се мијат, па помеѓу аутопсијата и породувањето докторите не ги дезинфицирале рацете. Поради ова незнаење, родилките заболувале и умирале.

По спроведувањето на мерките на доктор Земелвајс - пред операциите да се мијат рацете и да се дезинфицираат, а истото да се прави и со хируршките инструменти што се користат - смртноста кај родилките се намалила од 12,3 отсто на 1 отсто.

zemelvajs

Ова сознание за хигиената на рацете било револуционерно.

Сепак, поради ова откритие, докторот наишол на лутина и огорченост кај постарите колеги. Имало и такви што го поддржувале, но многумина се обиделе да го дискредитираат на кој било начин.

Некои лекари не можеле да сфатат дека покрај тоа што ги лекуваат пациентите, истовремено можат и да ги повредат. Многу не сакале и не смееле да ја признаат точноста на откритието на Земелвајс бидејќи тоа би значело дека се одговорни за смртта на многу пациентки. Имало жестоки дебати кои завршувале со тоа што лекарите му велеле дека си замислува и фантазира.

На барање на неговите противници, на Земелвајс не му бил продолжен договорот во 1849 година во виенската општа болница, па се вратил во унгарскиот град Пешта. Таму продолжил со работа, се допишувал со колегите од Хајделберг и Кил и објавувал стручни трудови за инфекции што се јавуваат во отсуство на редовно миење на рацете и нивна дезинфекција.

Недоволно признат и исцрпен од постојаните борби со противниците, тој бил сместен во психијатриската болница „Деблинг“, во близина на Виена, каде што починал под нејасни околности. Името Земелвајс не само што влегло во сите историски и медицински учебници, туку и во речниците на многу јазици.

Постои израз „Земелвајс рефлекс“ што го опишува моменталното отфрлање на некое ново научно сознание, односно информација во корист на воспоставената практика, без претходна проверка или размислување за неа.

Земелвајс и денес важи за „таткото на миењето раце“ и „спасител на мајките“.


Извор: Nezavisne.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука