Најновиот извештај на Универзитетот во Рединг алармира за појава на нови, сè поинтензивни закани за пчелите и другите опрашувачи, меѓу кои се издвојуваат воените конфликти, микропластиката и вештачката светлина од уличните светилки.
Научниците изработиле листа со 12 најлоши можни ризици за пчелите во следната деценија, објавена под наслов „Нови закани и можности за заштита на глобалните опрашувачи“. Како што се наведува во извештајот, сè почестите вооружени конфликти низ светот, вклучувајќи ја и војната во Украина, имаат директно и индиректно влијание врз пчелите. Поради војната, многу земји се принудени да намалат со разновидноста на земјоделските култури што ги одгледуваат, со што пчелите остануваат без разновидна храна во текот на целата сезона.
Истражувањата покажуваат дека микропластичните честички веќе навлегле во пчелните кошници низ цела Европа. Анализата на 315 колонии на медоносни пчели открила присуство на синтетички материи, вклучувајќи ПЕТ-пластика, во речиси сите испитани кошници.
Дополнително, вештачката светлина од уличните светилки го намалува бројот на посети од страна на ноќните опрашувачи за 62 отсто, а загадувањето на воздухот го нарушува нивниот животен циклус, вклучувајќи ги размножувањето, растот и опстанокот. Загрижува и присуството на антибиотици во медот и кошниците, супстанции кои преку земјоделството влегуваат во животната средина и го менуваат однесувањето на пчелите, вклучувајќи ја нивната способност за собирање храна.
Иако некои пестициди веќе се регулирани и нивната концентрација е под официјалните „безбедни“ граници, експертите предупредуваат дека во комбинација со други хемикалии можат да предизвикаат сериозни и неочекувани последици.
Професорот Сајмон Потс од Универзитетот во Рединг, кој е главниот автор на извештајот, нагласува дека раното препознавање на новите закани и нивното навремено адресирање е клучно за спречување на натамошен пад на бројот на опрашувачи. Тој истакнува дека ова не е само прашање на заштита на природата, туку и на глобалната безбедност, земјоделското производство, климатската отпорност и економската стабилност.
Според него, со заштита на пчелите, всушност, се штитиме и самите себе. Авторите предлагаат низа конкретни мерки за заштита на пчелите, меѓу кои се: донесување построги закони против загадување со антибиотици, премин на електрични возила за намалување на загадувањето на воздухот, создавање живеалишта богати со цвеќиња во рамки на соларни паркови и одгледување култури со подобар полен и нектар.
Според коавторката на извештајот, д-р Дипа Сенапати, оваа битка не може да се води само на институционално ниво, туку е потребен заеднички напор од целото општество.
Таа нагласува дека неопходно е зачувување и унапредување на природните живеалишта за создавање безбедни простори за пчелите. Дури и индивидуални акции како поставување хранилки и гнезда во домашните дворови можат да имаат значително влијание.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik