X
 04.09.2023 Наша тема

Она што ги учиме децата во училиште паѓа во вода кога ќе видат како во општеството се толерира незнаење и криминално однесување, пишува Васко Гичевски во новата книга

„Современото македонско општество и воспитно-образовниот систем“ е крик на овој историчар и просветен работник не само за реформи, туку за пресоздавање на воспитно-образовниот систем во земјава врз здрави темели.

Наставниот кадар да се ослободи од непотребните административни обврски, по две години работниот стаж автоматски да им се трансформира во неопределен, да се обезбедат средства за превоз до работа, да се деполитизира вработувањето, награди за успешните, да нема технолошки вишок и наставниците да добијат статус на службено лице. Ова се само дел од промените за наставниот кадар што ги предлага историчарот Васко Гичевски во книгата „Современото македонско општество и воспитно-образовниот систем“.

Книгата беше објавена неодамна, а содржи критички есеи за нашето секојдневие. Авторот е наставник по историја во Основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Новаци, а книгата е само дел од неговите трудови во кои без влакна на јазикот зборува за состојбите во општеството и во образованието. Има дипломирано на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и во 2020 година беше прогласен за најдобар дипломиран студент на генерацијата и е добитник на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето.



Која е пораката што ја упатувате преку книгата?

Основниот мотив за да се напишат есеите беше моето лично непомирување со реалноста дека нашата општествено-политичка заедница е распадната и веќе гние, а смрдеата нѐ задушува сите. Сметав дека треба да се даде еден критички поглед на положбата во која сме со цел да се подобри.

Предлагате промени кај наставниот кадар. Зошто е тоа неопходно?

Ние имаме апсолутна потреба од реформи или уште подобро - комплетно пресоздавање на воспитно-образовниот систем. Тој се потпира врз наставниците кои во моментов се во незавидна економска и општествен позиција. Тоа се должи на низа причини: ниските плати, немањето мотивација за работа, немање изграден однос на околината кон наставниците како кон личности кои ја создаваат иднината на земјата. За изгубената почит кон наставникот вина сносат и дел од наставниците кои со години беа само партиски апаратчиња и единствена грижа им беше како полесно да го поминат денот. Тој дел од наставниот кадар направи енормно лоша слика, па народот стекна впечаток дека сите наставници се исти, што е далеку од вистината. Доколку ги видите постигнувањата на учениците на светските натпревари, нивните професионални успеси, неминовно ќе заклучите дека сѐ уште имаме наставници кои работат со огромна љубов. Во тој контекст моите предложени реформи се однесуваат на тоа како да се сопре партизацијата, толеранцијата на неработењето и како да се подигнат критериумите при изборот на наставниците.



Како уште повеќе да се мотивираат посветените наставници, а да се опаметат неуспешните?

Постигнувањата во работата, научната дејност и воопшто во воспитно- образовниот процес да бидат континуирано следени и вреднувани. За оваа цел, на годишно ниво да се наградуваат најдобрите просветни работници и најдобрите воспитно-образовни институции. Наградите да бидат лични за добитникот во вид на плакета и парична награда, а за работната организација - плакета и наставно-нагледни средства и средства за подобрување на техничките услови во училиштето. Од друга страна, наставниците кои не покажуваат успех и интерес, кои се незаинтересирани за професионален развој и претставуваат баласт на воспитно-образовниот процес, да добијат отказни решенија.

Зошто сметате дека наставниците треба да бидат третирани како службени лица?

Поради фактот што денес се мета на напади, навреди, едноставно се топовско месо пред невоспитанието на дел од учениците. Согласно законските прописи, наставникот нема никакви ефективни средства со кои може да се заштити себеси, но и другите деца во паралелката. Поради тоа, добивањето статус на службено лице е корисно за наставниот кадар бидејќи така секоја навреда или повреда врз наставниот кадар строго ќе се санкционира, а тоа целосно ќе го промени и односот кон наставникот.

Се празнат училишните клупи, секоја година има сѐ помалку ученици. Можно ли е да дојде до отпуштање на наставен кадар како технолошки вишок?

Демографското опустошување неминовно ќе води кон рационализација на воспитно- образовните институции, а со тоа и намалување на наставниот кадар. Ова не е само сеење страв, туку реалност која за 3 до 5 години ќе ни се удри од глава. Но, наместо технолошки вишок на просветни работници со долгогодишно искуство, најдобро ќе биде тие да се преместат во соодветните институции како БРО, Просветен инспекторат, Педагошки совет при МОН... Младите наставници да имаат предност во зачувувањето на работните места со цел континуиран професионален развој на наставната работа. Задолжителна да биде обврската за реален континуиран професионален развој и постојана проверка на резултатите од наставната работа. Ваквите преместувања ќе резултираат со усовршување на образовниот систем. Конечно ќе се реши и проблемот со недостигот на стручни кадри во институциите, кои сега, слободно ќе кажам, се преполни со личности кои ниту еден ден не поминале зад катедра, почнувајќи од министерската функција, па надолу до директорските и советничките места.



Јавна тајна е дека партиската книшка е пресудна врз вработувањата во образованието. Каде го гледате лекот за тоа?

Секој наставник треба да биде избран според своите компетенции со процес на тајно гласање на ниво на наставнички колегиум, училиштен одбор и совет на родители. При процесот на гласање, идентитетот да не се објавува, а да се гласа само според неговите постигнувања презентирани со соодветни документи и биографија. Работа да добие оној што ќе има мнозинство гласови во трите гласања. По навршување една година од вработувањето, наставникот-практикант да полага стручен испит во кој акцентот ќе се стави на поучувањето и реализацијата на наставата. По навршување две години стаж, доколку се исполнети законските услови, да добие решение за вработување на неопределено време. На овој начин во корен ќе се сосечат сите партиски влијанија.

Од што произлегува образовната отуѓеност на децата?

Од тоа што во нашето општество нема воспитен и образовен идеал. Нема пофалба за знаењето и воспитаноста, ниту казна за незнаењето и невоспитаноста. Воспитно- образовниот процес е сведен само на некакво поучување кое во многу случаи е неефективно, воспитанието одамна го нема, а општеството преку толеранцијата на криминалот покажува дека вас како единка не ви треба никакво знаење за да успеете. Ние во училиште ги поучуваме децата дека треба да учат, убаво да се однесуваат, внимателно да ги одбираат зборовите, да изнесуваат точни информации пред јавност. Но штом излезе од училиштето и отиде дома, детето ќе го пушти телевизорот или ќе пребарува на интернет и ќе види како личности на раководни функции, разноразни бизнис-елити, ниту нешто знаат ниту се воспитани, криминалните дејства им се толерираат и сепак се прилично имотни лица кои „успеале“ во животот. Во тој ист момент сето она што сме го учеле на училиште паѓа во вода, бидејќи детето гледа дека она што ние го говориме, всушност, нема реална примена. Поради тоа, детето го губи интересот за учење..

Има ли спас за нашиот воспитно-образовен систем?

На нашиот воспитно-образовен систем му треба комплетно пресоздавање, но тие процеси ќе го засегнат и целокупното општество бидејќи тој е всушност одраз на општеството, тоа е начин на кој општеството ги формира своите идни членови. Во тој контекст наша единствена надеж е борбата! Да се избориме за општество достојно за живејачка, општество каде што ќе се ценат знаењето и трудот и општество каде што незнаењето, неработењето и криминалот сериозно ќе се казнуваат.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема