X
 08.02.2025 Наука

Радиоактивната прашина од Студената војна сѐ уште лебди над Сахара, а повремено доаѓа и до Европа

Големата прашина што ја прекри Европа во март 2022 година содржела неочекувани честички, открива ново истражување. Овие траги укажуваат на нуклеарните тестирања на САД и СССР од 50-тите и 60-тите години на минатиот век.

Истражувачите од Универзитетот Париз-Сакле во Франција утврдиле дека нивото на радиоактивност е многу под границите што би биле опасни – дури 50 пати пониско од безбедносните прагови. Сепак, ова откритие е потсетник за тоа колку долго последиците од нуклеарните експлозии можат да останат во околината.

Сахарската прашина често патува кон Европа, а научниците веќе идентификувале област во Алжир како еден од главните извори. Станува збор за истата локација каде што Франција извела четири нуклеарни теста, па затоа истражувачите решиле подетално да ја проучат.

Граѓански научен проект собрал 110 примероци од шест различни земји. Анализите покажале дека иако дел од прашината потекнува од Јужен Алжир, радиоактивниот потпис не соодветствува со француските тестирања. Наместо тоа, покажува јасна поврзаност со глобалното радиоактивно наследство од нуклеарните тестови на САД и СССР.

За време на Студената војна, овие две суперсили извршиле стотици тестирања низ пустини, океани, острови и ненаселени области, создавајќи најголеми нуклеарни експлозии во историјата. Материјалот исфрлен во тие експлозии сè уште кружи низ светот, стигнувајќи дури и до срцето на Сахара и најдлабоките делови на океаните.

Иако радиоактивноста во оваа прашина не претставува закана за здравјето, ваквите истражувања се неопходни за да се следи долгорочното влијание врз атмосферата и животната средина. Научниците заклучуваат дека и покрај зачестените налети на сахарска прашина во Европа, таа не носи ризик од изложеност на вештачка радиоактивност.

Извор: Science Alert
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука