X
 09.11.2016 Здравје

Што е Паркинсонова болест? Кои се симптомите и што ја предизвикува болеста?

Паркинсоновата болест е „прогресивно заболување на нервниот систем“ која примарно влијае на движењето на пациентите. Често започнува со мал потрес во раката или вкочанетост на мускулите и се влошува постепено. Не постои тест за неа и понекогаш погрешно се дијагностицира.

Симптоми

Овие пациенти често имаат проблем со одењето и говорењето. Симптомите вклучуваат забавено движење, губење на рамнотежа и неразбирлив говор. Може да имате намалена способност за вршење на несвесни движења како трепкање, смешкање или нишање на рацете кога одите. Симптомите се често поизразени на едната страна, заболувањето е почесто кај мажите отколку кај жените и тоа кај лица над 50 години.

Што ја предизвикува болеста?

Телото користи допамин за да се контролираат движењата, но нервните клетки што го произведуваат изумираат кога се појавува болеста. Научниците сé уште немаат цврсти докази, но веруваат дека причинителите се од генетска природа и од околината. Во некои случаи истражувачите идентификувале мутација на ген што се пренесува од генерација на генерација и ја предизвикува болеста. Но, во повеќето случаи, се работи за комбинација на повеќе мутирани гени.

Многу студии ја поврзуваат болеста и со хемикалии од околината, но тие треба да се во огромни количини за да се причинител за болеста и за ова нема цврсти докази.

Како се третира?


Не постои лек за Паркинсонова болест, но докторите може да им помогнат на пациентите да ги ублажат симптомите. Се користат лекови што го стимулираат создавањето на допамин, електроди за стимулација на мозокот или алтернативни методи како таи чи терапија.
Неодамнешна студија на Универзитетот Харвард покажала дека состојбата на пациентите се подобрила кога им било трансплантирано ткиво од допамински клетки од фетус, во мозокот. Подобрувањето кај некои случаи било и до 50% од случаите. Овој вид на зафат се покажал ефективен и кај пациентите што станале отпорни на лекот за стимулација на создавањето на допаминот.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје