X
 11.05.2023 Колумни

Колумна: Итно да се донесат национални стандарди за воспитно дејствување во училиштата

Последните случувања поврзани со огромната трагедија во Белград уште еднаш го запалија алармот за свртување на вниманието кон воспитната компонента во училиштето. Како човек, како родител и како универзитетски професор чија најголема преокупација е токму воспитната компонента во училиштата, одамна укажувам на фактот дека во нашите училишта воспитната компонента е целосно запоставена и е западната во длабока криза, која тешко може да се надмине ако нема системско дејствување.

За жал, последните реформи во основното образование кај нас, од пред 2 години, донесоа една избрзана концепција која се наметна брзоплето без да се направат суштински промени за подобрување на воспитната компонента. Напротив, не само што ништо не се помрдна во тој поглед, туку и некои позитивни работи од претходниот концепт се изменија на полошо. Еден пример за тоа е намалувањето на часовите по музичко и ликовно образование (во одделенската настава) кои секаде во светот се предмети во кои посебно се вложува, токму поради големото значење што уметноста го има во облагородувањето на детската душа и во развивањето на емоционалната интелигенција. Но, за ова, во друга пригода.

Многу пати досега е потенцирано и јасно се знае дека причините за запоставувањето на воспитната компонента се наоѓаат кај родителите и кај наставниците. Овие два фактора (семејството и училиштето) се најодговорни за градењето вредности и за воспитување на децата и учениците. Идеално би било кога би дејствувале заеднички и интегрирано, а не како што е сега: едните им ја префрлаат топката на другите за тоа кој треба да ги воспитува младите. Неретко наставниците знаат да кажат дека им доаѓаат невоспитани деца од дома, а пак родителите сметаат дека целокупната грижа за воспитанието и образованието на нивните деца треба да биде од страна на училиштето, односно наставниот кадар.

Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова

Иако училиштето е воспитно-образовна институција, голем број наставници својата професија ја сфаќаат многу еднострано, во смисла дека пренесувањето и утврдувањето на знаењата е најважната и единствена задача на училиштето. Од друга страна, непроценлива е улогата на наставниците во развивањето на вредностите и реализирањето на воспитната компонента. Најважно е наставникот да биде свесен дека неговата работа не се состои само од пренесување знаења, тоа на денешниве деца им е дофат преку дигиталната технологија, туку и да воспитува.

Имено, наставникот воспитува со целокупното свое однесување, односно преку облеката, начинот на држење на телото, начинот на говорење и сл. затоа што наставниците се најголемиот пример за учениците, па затоа нивното однесување треба да биде позитивен модел, а не негативен. Доста им е на младите од негативни модели во нашето општество. Исто така, наставникот особено треба да биде внимателен што објавува на социјалните мрежи, бидејќи негови фб-пријатели се родители на учениците, а многу често и самите ученици. Несоодветни постови, говор на омраза, популарно наречено хејтање и слично, како и несоодветни фотографии не смеат да бидат објавувани од страна на кој било наставник.

Наставниците особено треба да внимаваат на нивната комуникација со учениците. Со учениците треба да се разговара за проблемите, да се слушне нивното мислење, а не само да се наметнуваат решенија, бидејќи секое наметнато решение значи дека одговорноста ја преземаат возрасните (наставниците/родителите) и не се развива одговорност кај учениците. Затоа, многу посоодветно е да има заедничка соработка и заедничка комуникација отколку наметнување решенија кои учениците нема да ги почувствуваат како свои. Затоа, секогаш препорачувам да се одвои време од часот или да се посвети цел час на дебати, дискусии за прашања кои ги интересираат, но и за прашања кои наставникот спонтано ќе ги наметне или, пак, ќе ги стави во хипотетички ситуации за да размислуваат за одредени проблеми, но и преку нив ќе можат да градат емпатија, да решаваат одредени животни ситуации, да даваат свое мислење, да градат ставови и да развиваат вредности. Да се покаже дека некој се грижи за нивните проблеми и дека е тука за нив.

Да, состојбата во која се наоѓало детето што го изврши масакрот во Белград не се создава преку ноќ. И како никој (од училиштето) не забележал дека детето има некои проблеми кои се манифестираат преку целокупното однесување. Затоа што целосно сме свртени кон оценки, кон знаење, кон образовната компонента, а на воспитната целосно забораваме. Но, во ова дигитално време кое можеме да го окарактеризираме како дигитална зависност, разговорот, дискусијата, човечкиот пристап, насмевката, реченицата од типот: „Тука сум за тебе кога ќе сакаш да разговараме‘‘ се работи кои не се поврзани со знаење, туку со воспитната компонента.

Сѐ појасно станува дека воспитната функција многу потешко се остварува во современото семејство отколку во некогашното традиционално семејство. Затоа, училиштето треба да му помогне на семејството. Постојат повеќе начини за тоа:

Прво, разговор со родителите, нивна педагошка едукација, особено за време на родителските средби, да посветуваат повеќе време на своите деца бидејќи недостигот на внимание предизвикува лоши последици кај нив. Љубовта на децата не се купува со пари, туку со грижа, разбирање за нивните проблеми, разговори, едноставно со доволно внимание. Со повеќе разговор, а со помалку користење на мобилните телефони, на таблетите и сл. Помниме едно време кога семејството секојдневно се собираше на ручек во точно определено време, кога постоеше голема почит меѓу членовите на семејството, кога за проблемите се разговараше на маса, кога вредностите беа водилка по која се воспитуваа младите генерации. Одамна не е така. Сликата за една дневна соба во која седат мајка, татко и две или три деца е следнава: сите се заедно, но секој со мобилните телефони или други електронски уреди пред себе. Заедно, а всушност одвоени. Сѐ повеќе забораваат да комуницираат меѓу себе, што само по себе станува страшна појава.

За да излеземе што побргу од мизерното дно во кое се наоѓа воспитната компонента во нашиот образовен систем, неопходно е донесување на стандарди за воспитно дејствување, по примерот на многу земји во светот. Но, да не останат само на хартија за интегрална евалуација, туку да почнат да се оживотворуваат за да има ефекти. Почетните чекори се преку обезбедување квалитетна обука на наставниците.

Високоразвиените земји во светот многу одамна имаат изградено стандарди за воспитно дејствување кои претпоставуваат дефинирање на мерките за квалитетот на наставата не само на образовен, туку и на воспитен план, како и изградување методологија за пресметување на резултатите од квалитетната настава која подразбира успешно реализирана не само образовна, туку и воспитна функција.

Ќе наведам еден пример од Австрија и Германија. Со самото запишување на ученикот во училиште, на родителот му се доставува кодексот на училиштето со предочување дека треба доследно да се почитува. Секое отстапување предизвикува последици и за ученикот и за родителите. Секое училиште има изградено стандарди за воспитно дејствување, кои многу често претставуваат и имиџ на училиштето. Имено, родителот се запознава со сите аспекти во кои неговото дете ќе биде поучувано. Тоа значи и во воспитен аспект, во смисла на какво однесување ќе се научи, како ќе се воспитува, кои се ефектите од воспитувањето и тоа од најбанални работи: од учење за пристојно јадење и држење на маса за време на оброкот, социјален развој, конструктивна комуникација, активно слушање, толеранција, стрпливост, емпатија итн. И навистина, овие аспекти и сама сум ги увидела кај децата за време на моите многубројни студиски престои во скандинавските земји и во Германија.

И секако, можеби и најважното - родителите им веруваат на наставниците и не им се мешаат во нивната работа. Но, затоа за наставници се избираат само најдобрите средношколци кои поминуваат низ ригорозни тестови при запишувањето на универзитет.

Автор: проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, редовен професор по предметите Методика на воспитна работа и Општа педагогија
Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни