X
 13.11.2023 Наша тема

„Не гледам зошто да се студира надвор кога сите факултети ги има и кај нас“, вели Тамара Тасеска, студентка на Економскиот факултет во Прилеп, избрана за талент на УКЛО

Во рамките на проектот „Идентификација и следење на талентирани и надарени студенти“, Битолскиот универзитет ги избра четворицата таленти: Тамара Тасеска од Економскиот факултет во Прилеп, Софи Гајтановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Кристијан Велјановски од Факултетот за биотехнички науки и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет

Веќе е трета година на факултет, а речиси сите испити ѝ се положени со десетки. Прилепчанката Тамара Тасеска студира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и има постигнато просек 9,9. Додека добар дел од нејзините врсници со високи образовани успеси студираат во странство, таа вели дека човек најмногу може да научи ако учи на својот мајчин јазик.

Не гледам зошто би студирала надвор кога сите факултети ги има и кај нас

„Речиси сите факултети што ги има во странство се достапни и кај нас, па не гледам причина зошто студентите би заминале“, вели Тасеска, која неодамна беше избрана за студент-талент на УКЛО заедно со Софи Гајтановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола (ментор - проф. д-р Андријана Боцевска), Кристијан Велјановски од Факултет за биотехнички науки од Битола (ментор - проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска) и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет од Битола (ментор - проф. д-р Марија Ристевски). Ментор на Тамара е проф. д-р Илија Христовски.

- Да се биде талент на УКЛО е прилично убаво чувство, особено кога една престижна високообразовна институција како што е Битолскиот универзитет, втората најстара државна институција од ваков вид во нашата земја, го препознава тоа во вас и со гордост го истакнува. Кога го прашале Ајнштајн за неговата талентираност, тој одговорил: „Немам посебен талент. Јас сум само страсно љубопитен.“ Јас, сепак, навистина верувам дека секој од нас има некаков вроден талент, способност или вештина што може да ја искористи во своја полза за да успее во животот - вели студентката.



Првична желба ми беше да бидам банкар

Одлучила да студира на Економскиот факултет поради првичната желба да биде банкар и да разбере како функционираат економските системи. За успехот во текот на студирањето вели дека не е ништо друго освен 1% талент, 1% среќа и 98% напорна работа, посветеност и дисциплина. Затоа ги поттикнува сите студенти што имаат јасно одредена цел, да не се плашат да ја реализираат. Сепак, на крајот секој вложен труд повеќекратно се исплаќа, на овој или на оној начин.

Пресудно за да ја изберат за талент на УКЛО беше нејзиното учество на Универзитетска студентска конференција (УСК 2022) во Битола под менторство на проф. Христовски. На неа го презентираше истражувачкиот труд „Концептуален и логички дизајн на релациските бази на податоци: студија на случај“. Во трудот предложи концептуален и логички дизајн кој би можел да се имплементира и практично да се примени во сферата на работењето на автошколите, односно како основа на нивните информациски системи. Трудот беше збогатен со голем број кориснички прашалници зададени во јазикот на релациската алгебра.

- Со изработката на истражувачкиот труд и учеството на УСК 2022 стекнав огромно практично искуство во поглед на конципирањето и пишувањето на ваков вид трудови, бидејќи ова беше мој прв настап на конференција од ваков вид. Што се однесува до самата конференција, таа беше прилично добро организирана. Јас лично ја доживеав како една убава и несекојдневна можност студентите да го истакнат и презентираат сработеното за кое дотогаш немале можност - вели Тасеска.

Што прави УКЛО за да им помогне и да ги насочи талентираните студенти?

- Менторите им помогнат на талентираните студенти да ги развијат своите способности и да ги насочат во подрачјата кои ги интересираат. Универзитетот има соработка со голем број фирми и компании кои нудат не само практична работа во текот на студирањето, туку и вработувања за најдобрите. Универзитетот им помага на студентите во пронаоѓањето кариерни можности и патишта. Овозможува работилници за пишување сиви, информации за работни можности по завршувањето на студиите. УКЛО нуди можност за студирање еден цел семестар или година во странство во текот на студиите, што претставува одлична можност - вели Тасеска.

Битолскиот универзитет прв во регионот започна со организиран процес на препознавање, идентификација, работа и следење на развојот на надарени и талентирани студенти.



Се надевам дека иднината ќе ми биде во Македонија

Како што избра да студира во родната земја, така оваа талентирана студентка планира, работејќи во иднина во рамките на својата професија, да придонесе за понатамошен развој на Македонија.

- Во иднина сакам да го работам она каде што ќе се пронајдам, таму каде што знаењето и трудот се ценат и каде што ќе има пријатна атмосфера за работа. За успех се потребни труд, работа и знаење, но и силна доверба во себе и во сопствените потенцијали. Се надевам дека иднината ќе ми биде во Македонија, се разбира, доколку имам можност за тоа - вели Тасеска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема