X
 14.02.2019 Технологија

Целиот интернет-сообраќај се потпира на подводни кабли, а тие се незаштитени

Неодамнешно дигитално помрачување во Тонга, предизвикано од оштетувањето на подводните кабли, придонесе да ја сфатиме важноста на потопените системи од кои зависи нашиот поврзан свет.

Малку луѓе сфаќаат дека подводните кабли транспортираат речиси 100 отсто од трансокеанскиот сообраќај на податоци. Овие кабли лежат на дното од океанот. Тие се дебели како црево и ги носат светскиот интернет, телефонските повици, па дури и телевизиските преноси меѓу континентите со брзина на светлината. Еден кабел може да носи десетици терабити информации во секунда.

Каблите на кои се потпираме за да испратиме сè, од електронска пошта до банкарски информации, преку море, остануваат претежно нерегулирани и незаштитени. Иако тие се поставени од страна на неколку компании и често се канализирани по должината на тесни патишта, пространоста на океаните често им овозможува заштита. Кога некој кабел ќе се оштети, како што беше случајот со кабелот во Тонга, сообраќајот на податоци се прекинува.

Фактот дека можеме да имаме интернет-сообраќај преку океанот е спротивен на замислите на повеќето луѓе кога станува збор за интернетот. Нели развивме WiFi за да можеме да пренесуваме сигнали преку воздухот? Зарем не се преместивме на облакот? Системите со подводни кабли звучат како нешто од минатото.

Вистината е дека облакот всушност е под океанот. Иако можеби изгледаат дека се како нешто од минатото, фибер-оптичките кабли всушност се највисокото достигнување во глобалните комуникациски технологии. Поради тоа што користат светлина за да ја кодираат информацијата и не се погодени од временските услови, каблите многу побрзо и поевтино пренесуваат податоци за разлика од сателитите. Овие системи нема да бидат заменети од воздушните комуникации во скоро време.

Најголемиот проблем со кабелските системи не е технолошки, туку е човечки. Поради тоа што тие одат под земја, под вода и меѓу бандерите, кабелските системи се наоѓаат на истите места каде што се и луѓето. Како резултат на тоа, тие постојано се оштетуваат.

И тука се наметнува прашањето за нивната ранливост. Дали глобалните комуникациски мрежи навистина се под ризик да бидат попречени? Што би се случило ако овие кабли се пресечат?

Одговорите не се едноставни. Секој кабел секогаш е под ризик, но многу повеќе од рибари отколку од саботери. Во текот на историјата единствената најголема причина за пречки биле луѓе кои ненамерно фрлале котви и мрежи. Меѓународниот комитет за заштита на кабли со години работи на превенција на таквите пречки.

Како резултат на тоа, каблите денес се обложени со челични оклопи и се закопани длабоко под морското дно. Ова овозможува некакво ниво на заштита.

Фото: Curiosity

Во длабоките води, каблите ги штити непристапноста, но не дека е многу потешко да се оштетат, само што примарните форми на попречување се многу помалку веројатни. Морето е толку големо, а каблите се тенки, па веројатноста дека ќе налетате на некој е многу мала.

Саботажите се многу ретки во историјата на подводните кабли. Секако дека има случаи (иако ниеден во скоро време), но тие се несразмерно изнесени во јавноста.

На крајот пак нема да слушнете многу информации за редовните дефекти што се случуваат, во просек, по 200 пати годишно.

Има само неколку стотици кабелски системи што го пренесуваат речиси сиот трансокеански сообраќај низ светот. Поради тоа што секој кабел може да носи многу информации, не е редок случај цела земја да се потпира на само неколку системи. Ако вистинските кабли се оштетени во вистинско време, може да биде попречен и глобалниот интернет-сообраќај, и тоа со недели или месеци.

Но, има повеќе кабелски капацитет отколку што има сообраќај, па кога има попречувања, информацијата автоматски се пренасочува кон други кабли.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија