X
 14.11.2019 Технологија

„Фејсбук“ активира свој сервис за плаќање во САД - еве што сѐ нуди и што ќе бара од корисникот

„Фејсбук“ само што го најави „Facebook Pay“ („Фејсбук плаќање“), нов вид сервис за плаќање што ќе работи на „Месинџер“, „Инстаграм“, „Вацап“ и фејсбук-апликациите.

Сервисот прво ќе биде достапен во Америка и од самиот почеток ќе работи на апликациите „Фејсбук“ и „Месинџер“, додека на „Инстаграм“ и „Вацап“ ќе пристигне подоцна.

Досега овој сервис бил тестиран само во Индија и сè уште не е познато кога ќе биде глобално активен.

Корисниците имаат опција да додадат свој начин на плаќање, а потоа ќе можат да го изберат сервисот за да плаќаат на места каде што се применува новиот метод.

Клиентите можат да ја зачуваат својата картичка или банкарска смета во сервисот наместо секојпат да ги внесуваат податоците кога купуваат онлајн.

„Фејсбук“ тврди дека неговиот сервис поддржува најголем број кредитни и дебитни картички, како и „Пејпал“.



Исто така, новиот сервис е одделен од калибра-паричникот што е поврзан со либра-мрежата наменета за криптовалути.

Добро е тоа што „Фејсбук“ ќе им даде на корисниците можност сами да одлучат на кои апликации овој сервис ќе биде активен и нема автоматски да ги ставаат податоците за картичките на сите апликации што примаат нов начин на плаќање.

„Фејсбук“ ќе им дава на корисниците информации за историјата на плаќањето, како поддршка во реално време, по пат на чат.

Сервисот во Америка на самиот почеток ќе нуди плаќања поврзани со добротворни цели, купување во игрите, купување карти за настани и директно испраќање пари на други луѓе во рамките на „Месинџер“.

Новиот сервис ќе работи во „Фејсбук Маркетплејс“ и одредени фејсбук-страници.

Социјалната мрежа тврди дека сервисот ќе ги чува податоците и ќе ги заштити картичките и банкарските сметки, додека системите редовно ќе бидат скенирани за да се отстранат сите опасности што се однесуваат на  какви било можни измами.

Сите корисници ќе добијат известувања по секое купување и други активности на профилот.

Судејќи според правилата за користење, „Фејсбук“ ќе собира податоци во врска со купувањата, како што се начинот на плаќање, датумот на трансакцијата, контакт-деталите и адресата на испраќање.

Сите акции што корисниците ќе ги извршат ќе се користат за на луѓето да им се прикажуваат релевантни огласи.

„Фејсбук“ објаснува дека ако некој купи топка преку „Фејсбук Маркетплејс“, постои веројатност да почне да му се прикажуваат огласи за топки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија