X
 15.08.2018 Наша тема

Резултати од анкета: Матурантите избраа државен универзитет. Од странство најпривлечни им се студиите во Словенија и во Германија

Од вкупно 863 одговори на матуранти, дури 718 или 83,2 проценти се дека ќе учат во Македонија, а 16,7 во странство

Најголем дел од матурантите ќе студираат во Македонија, на државен факултет и на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Словенија и Германија, пак, се државите во кои повеќето сакаат да го продолжат своето образование. Ова го покажа нашата онлајн-анкета „Каде планирате да студирате?“

Од вкупно 863 одговори на матуранти, дури 718 или 83,2 проценти се дека ќе учат во Македонија, а 16,7 во странство. 87,1 проценти ќе одат на државен факултет. Од државните универзитети најатрактивен за идните студенти е „Св. Кирил и Методиј“, за кој се одлучиле 71,1 процент од анкетираните. Потоа следува „Гоце Делчев“ од Штип со 14,1 отсто, па „Св. Климент Охридски“ од Битола со 7,5 проценти.




Кога се во прашање одделните факултети на секој универзитет, на УКИМ најпопуларен е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Дека ќе се запишат на овој факултет одговориле вкупно 16,9 отсто од матурантите. Потоа следува Медицинскиот факултет со 14,3 отсто, па Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Економскиот и Правениот факултет.
На прашањето доколку не бидете примени на тој факултет, која е ваша втора опција, повеќето матуранти дале одговор ФИНКИ, ФЕИТ, Правен и Филозофски факултет.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип најпопуларен годинава ќе биде Факултетот за медицински науки, на кој планираат да се запишат речиси 40 отсто од анкетираните. Потоа следуваат Факултетот за информатика (11%), Економскиот и Филолошкиот факултет.
И како втора опција најатрактивен за идните студенти е Факултетот за медицински науки, а потоа Педагошкиот и Економскиот факултет.

Прв избор за матурантите што планираат да се школуваат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) е Факултетот за безбедност - Скопје. Тука планираат да се запишат 35,5 проценти од анкетираните. Потоа следува Педагошкиот факултет - Битола, Техничкиот факултет - Битола, Економскиот факултет - Прилеп. Втора опција за матурантите ако не се запишат на саканиот факултет се Факултетот за безбедност, Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Високата медицинска школа и Правниот факултет.



На Државниот универзитет во Тетово, според нашата анкета, најмногу студенти ќе се запишат на Природно-математичкиот факултет, Факултетот за применети науки, Факултетот за уметности и Факултетот за медицински науки.

Кога е во прашање Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид, најмногу матуранти би го избрале Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, дури 50 проценти. Следен избор на идните студенти е Факултетот за компјутерски науки и инженерство.

На прашањето која е земјата во која сакате да го продолжите своето образование, најмногу матуранти одговориле Словенија, Германија и Бугарија.


Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема