X
 15.10.2022 Наша тема

Јан Стојановски, добитник на златен медал на Балканската олимпијада по физика: „Физиката го објаснува светот и тоа ја прави многу моќна“

Натпреварот се состои од четири задачи по физика (од олимписки тип) кои се решаваат за време од четири часа. Тие не се обични училишни задачи, туку задачи наменети за олимпијада. Лани на оваа олимпијада освоив најдобро сребро (веднаш под златото), па затоа оваа година веќе имав некои очекувања, барем да го повторам минатогодишниот успех, вели Јан

Многу ми се допаѓа тоа што со физиката е возможно да се опише целата вселена. Од најмалите нешта, како субатомските честички, па сѐ до огромните, како галаксиите. Физиката го објаснува светот и тоа ја прави многу моќна, вели средношколецот Јан Стојановски, кој неодамна освои златен медал на 4. Балканска олимпијада по физика.

Јан учи во средното училиште „Јахја Кемал“ и моментално е трета година. Тој има учествувано на многубројни натпревари од областа на физиката, математиката, хемијата и програмирањето. Неколку години бил државен првак во повеќе области истовремено. Учествувал и на повеќе меѓународни натпревари. Покрај златото на Балканската олимпијада, тој годинава освои и сребрен медал на Балканската олимпијада по математика, бронзен на Меѓународната олимпијада по математика и бронзен на Европската олимпијада по физика.

- Искрено, сакам повеќе предмети. Покрај физиката, математиката, хемијата и програмирањето, ме интересираат и јазиците, музиката, уметноста. Дури во училиште помалку ѝ давам значење на физиката отколку на другите предмети, бидејќи сметам дека тоа што го учиме по физика веќе го знам. Не сметам дека имам некои посебни способности/таленти во физиката. Сметам дека секој што ќе се вљуби во неа и ќе ѝ посвети доволно време, може да постигне сѐ што постигнав јас. Годинава се квалификував за учество и во македонскиот тим на меѓународните олимпијади по хемија и по физика, но поради временско преклопување, не можев да учествувам. Минатата година освоив три одликувања на меѓународните натпревари - вели Јан.


 

Често дома правев експерименти, сврзував електрични кола, програмирав

Роден во Постојна, Словенија, Јан само една година со семејството живеел во Љубљана, по што се преселиле во Скопје. Тој уште како ученик во основното училиште „Јахја Кемал“ бил вклучен во неколку вонучилишни активности и клубови. Неколку години интензивно се занимавал со уметничко лизгање. Исто така, го сакал и програмирањето, па  учествувал на натпреварите по програмирање и бил најмлад учесник на Македонската олимпијада по информатика, а при крај на основното образование почнале да го привлекуваат хемијата, физиката и математиката.

- Често дома правев експерименти, сврзував електрични кола, програмирав. Затоа во осмо одделение наставничките по физика и по хемија ме пријавија да учествувам со експерименти и по физика и по хемија на Месецот на науката, манифестација што секој ноември ја организираат друштвата кои потекнуваат од Природно-математичкиот факултет. Некаде во тој период открив колкава убавина има во природните науки. Знаев дека училиштето „Јахја Кемал“ се залага за оние што имаат интереси како моите. Видов од постарите генерации дека во училиштето постои некаков вид заедница на оние што се натпреваруваат по математика, физика и по другите дисциплини. Училиштето организираше дополнителна настава за натпреварувачите и оставаше повеќе време за подготовки за натпревари - додава Јан.



 Добро е да имаме барем основно познавање на физиката

Бидејќи е љубопитен за тоа како функционираат нештата, физиката е совршена за Јан бидејќи дава одговор на многу негови прашања. Тој смета дека е корисно да се изучува физиката бидејќи со тоа се здобиваме со вештини за решавање проблеми (problem-solving techniques) и ни овозможува да го видиме светот со нови очи и да размислуваме за него на различни начини.

- Физиката објаснува како функционираат нештата, па затоа е добро ако имаме барем основно познавање за нашиот свет, особено во денешницата кога многу нешта зависат од нашето познавање на физиката (на пр., телефони, лични сметачи, апарати во медицината и др.). Подоцна открив и голема убавина кај мајсторството на разоткривањето на природата, некои пристапи се навистина елегантни и генијални. На пример, правењето аналогии меѓу движењето на светлината со механиката на цврстите тела, од различни полиња да се направи врска за да се увиди дека истата загатка веќе била решена во друго „поле“ (тоа може да биде во истата наука, во истата поддисциплина, но може да биде и во сосем друга наука) - вели Јан.

Наместо слепо следење на книгите, треба сам да истражуваш

Според Јан, учењето треба да претставува задоволство и повеќе да наликува на истражување, каде што нѐ води љубопитноста, а не обврската. Тој секогаш темелно навлегува во лекциите сметајќи дека одењето по потешкиот пат овозможува подлабоко да се разбере понуденото решение и објаснување.


- Ако нешто навистина се сака, сметам дека сите „стандардни“ или „обични“ пристапи за учење се погрешни. Наместо слепо следење на книгите, треба, кога ќе се види нешто интересно, првин сам да го истражиш (ако е проблем, сам да пробаш да го решиш, а ако е нешто непознато, да истражиш по мрежите), па дури потоа да видиш како го претставиле во книгата (или изворот). Штом самиот си го изнашол решението на задачата, не мора да се трудиш да го запомниш напамет, туку знаењето е врежано во тебе - појаснува Јан.

Со сигурност ќе студира во една од областите во кои се натпреварува

Јан се подготвувал за Олимпијадата во текот на целата година, а во периодот пред настапот дополнително ги засилил подготовките. Тој бил дел и од подготовките организирани од Друштвото на физичари на Македонија, од каде што многу се потрудиле и организирале предавања и вежби низ целата година и особено пред натпреварот. Инаку, тој веќе размислува за упис на факултет и со сигурност ќе студира во една од областите во кои се натпреварува.  

- Натпреварот се состои од четири задачи по физика (од олимписки тип) кои се решаваат за време од четири часа. Тие не се обични училишни задачи, туку задачи наменети за олимпијада. Лани на оваа олимпијада освоив најдобро сребро (веднаш под златото), па затоа оваа година веќе имав некои очекувања, барем да го повторам минатогодишниот успех - завршува Јан.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема