X
 01.11.2016 Култура

Предупредување од научниците: Европа повеќе нема да личи на себе

Глобалното затоплување ќе го наруши средоземниот регион повеќе од сите сушни и топлински удари во последните десет илјади години, а делови од јужна Европа до крајот на овој век ќе станат пустина, објавуваат научниците.

Ликот на Европа загрозен од глобалното затоплување

Просечната температура во регионот веќе пораснала за 1,3 Целзиусови степени од крајот на 19 век, значително над 0,85 степени колку што е светскиот просек, стои во истражувањето кое било спроведено во францускиот Универзитет Aix-Marseille.

Климатските промени што ги предизвикува човекот, многу веројатно е дека ќе го променат екосистемот на Средоземјето на начин што е без преседан во изминатите десет илјади години, доколку владите во најскоро време не ги намалат емисиите на стакленичките гасови, напишале научниците за списанието Science.

Пустините би можеле да се прошират во јужните делови на Шпанија и Португалија, во северните делови на Мароко, Алжир и Тунис, но и во други региони, како на пример, на Сицилија, во јужна Турција и делови од Сирија, се наведува во студијата.

Вегетацијата во тие предели што се познати по боровите, маслиновите и дабови дрвја, исто така драстично ќе се промени.

Минатата година, околу 200 влади во Париз се договориле да го ограничат растот на просечната светска температура на „значително под“ два Целзиусови степени во однос на прединдустрискиот период, а таа бројка идеално би требала да биде 1,5 степени. Владите повторно ќе се состанат во Мароко во текот на следниот месец, со цел разгледување на договорот.

Средоземјето е најосетливо на глобалното затоплување, делумно поради атлантските бури, за кои се смета дека ќе се поместат на север, поради што ќе има помалку врнежи, а повеќе сонце во овој предел.
Целта да се стигне до идеалниот раст на температурата од 1,5 степени, би била гаранција средоземниот екосистем да остане во границата на изминатите десет илјади години. Дебатата за намалување на емисиите е итна заради тие осетливи региони, смета водачот на истражувањето, Жоел Гијо.

Научниците ја рекунструирале поранешната клима преку проучувањето на поленот во калливите слоеви во езерата. Па, така, на пример, поленот од дабовите дрвја значи влажна и умерена клима, додека поленот од смреката и елката укажуваат на студени периоди и предели, рекол Гијо.

Некои топли и сушни периоди низ историјата се поклопуваат со општествените промени, како во периодот околу 1400 година кога голем број луѓе во Отоманското царство ги напуштиле непродуктивните фарми и станале номади.

Минатата година, една студија објавена во весникот на американската Академија на науките, истакнува дека постојат докази дека климатските промени предизвикани од човекот, би можеле да допринесат за суша помеѓу 2007 и 2010 година, што се смета за еден од факторите за поттикнување на граѓанската војна во Сирија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура