X
 30.12.2016 Технологија

Вселенскиот натпревар меѓу САД и СССР обележа неколку децении


Вселенската трка, како што популарно се нарекуваше натпреварот во истражувањето на вселената меѓу САД и Советскиот Сојуз, обележа неколку децении од светската историја.

Планетата Марс

Советскиот проект М71, М како Марс и 71 како ознака за 1971 година, имаше можност да го прошири човековото разбирање на Сончевиот систем. И покрај речиси комплетниот неуспех на мисијата, историјата сепак памети дека Советскиот Сојуз успеа да го спушти првото летало на Марс.

Научниците расфрлени по разни институти низ Советскиот Сојуз, френетично работеле за да ги исполнат роковите предвидени за лансирање на ракетите, заради различната брзина со која се движат Земјата и Марс околу Сонцето, кога на секои две години овие две планети се наоѓаат на најмало меѓусебно растојание. Токму тој период  се смета за вистинска прилика за лансирање на ракети кон Црвената планета.

1971 година, Советите решиле да го искористат поволниот момент. Две години претходно, Американците први слетаа на Месечината, па Советите биле дополнително мотивирани да не дозволат повторно да ја изгубат вселенската „битка“. Безбедносните протоколи биле занемарувани, роковите речиси недостижни, но благодарејќи на чистата посветеност и упорност, Советите успеале да лансираат три ракети кон Марс во мај 1971година. Притисокот за престиж и исполнување на роковите бил толку силен, што дури не ни успеале да ги тестираат леталата пред лансирањето.

Советските научници планирале леталото Марс 1 да стигне во орбитата околу Марс и оттаму  да испраќа податоци за планетата, но и да помага во спуштањето на останатите две сонди, Марс 2 и Марс 3, кои имаа за цел да спуштат сонди и роботи за истражување на површината на планетата.

Но, работите тргнале на лошо кога Марс 1 експлодирал веднаш по лансирањето. Другите две сонди успешно тргнале кон Црвената планета, но кон крајот на ноември 1971 година, Марс 2 заради невештост несреќно се срушил на Марс, поради грешка во пресметката на оддалеченоста и потребната брзина за постигнување на орбитата.

Децении подоцна, Владимир Генадијевич Перминов, еден од водечките научници во советските проекти за истражување на Марс, ќе истакне дека жали што првата размена на податоци меѓу советските и американските вселенски програми, не се случила порано. Имено, истата година Американците им дале детални податоци  за орбитата на Марс како размена за истите советски податоци за Венера. Перминов во 1999 година за НАСА напишал дека катастрофалните последици од погрешните пресметки можеле да се избегнат доколку ги имале тие податоци пред да ги лансираат сондите кон Марс.

Неколку дена подоцна, на 2 декември 1971, Марс 3 успешно слетал на Црвената планета  и влегол во историјата како првото човечко летало кое се спуштило на Марс. После години и години работа, непроспиени ноќи и силен притисок од советските власти, научниците биле пресреќни.

„Сите што бевме вклучени во проектот бевме пресреќни по успешното слетување на леталото“,  раскажува Арнолд Селиванов, еден од последните преживеани од проектот. Нивната среќа траела точно 14,5 секунди колку што траеше првото јавување од Марс. Во тој краток период, биле испратени 70 линии слики од една од камерите, за Советската академија на науки подоцна да утврди дека е невозможно да се идентификува што било од споменатите фотографии.

Во тоа кратко јавување, пренесени се и податоци за атмосферата и составот на земјиштето, но Марс 3 никогаш повеќе не се јавил, бидејќи се претпоставува дека силните песочни бури тешко ја оштетиле сондата што ги преживеала само тие неколку секунди.

Селиванов, денес на осумдесетгодишна возраст, истакнува дека тие сепак успеале да го искористат и тој релативен неуспех на мисијата. Доспеаните податоци биле искористени подоцна кога станале првата држава што испратила сонда на Венера.

Приматот во истражувањето на Марс четири години подоцна го презеле Американците. Во 1973 година, Советите испратиле уште четири сонди без успех, за две години подоцна САД да испратат две сонди под називот Викинг, кои успешно слетале на Марс од каде што испратиле разни корисни податоци.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија