X
 27.12.2017 Култура

Европски филмови што годинава освоија куп награди


Филмска камера
(Фото: Pixabay)


На 9 декември се одржа триесеттото издание на Европските филмски награди каде што беа избрани најдобрите европски филмови. Во продолжение следува листа со најнаградуваните на конкретнава манифестација, но и на други престижни филмски фестивали.

The Square (Шведска)

Сатирична комична драма од шведскиот режисер Рубен Естлунд, кој воедно е и автор на сценариото. Ги освои наградите за најдобар филм, најдобра европска комедија, најдобра режија, најдобра главна машка улога и најдобро сценарио. Дополнително, ја понесе и престижната „Златна палма“ во Кан, а номиниран е и за „Златен глобус“ наредната година. Станува збор за еден кустос во музеј на модерна уметност и семеен човек кој подготвува нова изложба што ја нарекува The Square, а чија цел е да ги поттикне посетителите на алтруистичко дејствување.




BPM: Beats Per Minute (Франција)

Оваа драма на режисерот Робин Кампилја годинава освои Гран при во Кан. Во филмот се зборува за членови на активистичката група ACT UP Paris, која бара од владата и од фармацевтските компании да се ангажираат во борбата против епидемијата од сида во раните деведесетти години на минатиот век. Она што го прави успешен овој филм е тоа што е трогателен, но без да навлегува во непотребна патетика.




Loveless (руско-европска копродукција)

Едни вечно завојувани брачни партнери кои се наоѓаат сред бурен процес на развод откриваат дека нивниот син побегнал од домот при една нивна расправија. Тие ќе мора да најдат начин како да ги надминат несогласувањата со цел да го пронајдат исчезнатиот син. Оваа семејна драма ја режира Андреј Звагинцев и се закити со награда од жирито на Канскиот фестивал.




Montparnasse Beinvenue (Франција)

Првенчето на филмската режисерка Леонор Серал (Léonor Serraille) ја обработува приказната за една девојка Паула која целиот живот ја следат несреќни случувања. По долги перипетии, Паула се враќа во Париз со намера да ги оствари своите соништа. Најверно друштво во Париз ѝ е нејзината мачка, но таа е одлучна да почне нов живот потпирајќи се на својот весел карактер и на харизмата. Овој филм ја освои наградата Camera d’Or во Кан – награда за најдобар дебитантски филм.




Loving Vincent (Полска / Велика Британија)

Овој филм е пресвртница во историјата на анимираниот филм. Во него станува збор за првиот во целост насликан анимиран филм во историјата. Филмот го следи ликот на Винсент ван Гог во неговите последни денови од животот, од перспектива на луѓето што најдобро го познавале. Во создавањето на филмот биле ангажирани повеќе од 100 сликари чија задача била да ги реплицираат познатите дела од Ван Гог, кои многу вешто се вкомпонирани во дејството на филмот.




Communion (Полска)

Неодминлив документарец меѓу уметничките филмови. Во него се зборува за Ола Качановски, 14-годишничка која живее одвоено од мајка си, и како дете мора да се грижи за својот дисфункционален татко и за аутистичниот брат. Ола е посветена на организирање прослава за светата причесна за својот брат, за што се надева дека конечно ќе го собере целото семејство, вклучително и нејзината отуѓена мајка.




Graduation (Романија)

Романскиот режисер Кристијан Мунгиу за својот филм Graduation оваа година во Кан ја освои наградата за најдобра режија. Филмот ја следи приказната за Ромео, лекар од мало гратче во Трансилванија кој има големи планови за својата 18-годишна ќерка. Елиза пред матурирањето се стекнува со стипендија на престижен британски факултет. Но, нештата тргнуваат наопаку кога ноќта пред полагањето на матурата, девојката ја напаѓа непознато момче и при обидот да ја силува, ѝ ја повредува раката. Со оглед на повредата и траумата, Елиза не е во можност да ја изработи матурата, па нејзиниот татко спроведува план со кој ќе ги прекрши своите морални закони за да ја обезбеди иднината на својата ќерка.




T2 Trainspotting (Велика Британија)

По 21 година, Дени Бојл го сними продолжението на својата култна филмска класика од 1996 година, за наркоманската сцена во Единбург. Дваесет години подоцна, Марк Рентон (главниот машки лик кој го толкува Јуан Мекгрегор) се враќа во родниот Единбург и одново се здружува со својата стара екипа со која ги поминува претходните години дрогирајќи се. Тој тешко го поднесува откажувањето од старите навики, но одлучен е да успее и попатно се обидува старата екипа да ја натера да избере квалитетен живот. Продолжението на Бојл ја освои шкотската награда БАФТА за најдобар филм.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура