X
 18.06.2020 Наша тема

Од дното на ПИСА, преку маките со учењето дома, до медали на олимпијади - тешко на наставниците и учениците

Образованието не е тема со која во Македонија можеме да се пофалиме, за жал, веќе подолго време. Бледи обиди за реформи и недоволно инвестирање во образованието во сите негови нивоа резултира со позиционирање на нашата земја на сите светски листи по знаења и постигнувања поблиску до најлошите отколку до најдобрите. Учебната 2019/2020 дефинитивно беше година која многу ученици, родители, а и наставници би сакале да ја заборават. 

Учебната година почна со предупредувачки штрајк на наставниците, организиран од СОНК, и ако по утрото денот се познава, се покажа дека годинава нема да биде едноставна. Наставниците си ги побараа своите права – покачување на платите за 20 отсто, а не најавените 5. Не ги добија веднаш, туку на крајот од првото полугодие добија дури 10 отсто.   



Новата учебна година почна со нов Закон за основно образование. Тој подразбираше многу новини (или барем очекувавме многу новини), но на виделина не видовме нешто различно. Училница со најмногу до 30 ученици не стана реалност за многу училишта. Имаше паралелки што стигнаа и до 33 ученици.

Целиот свет пролетва беше затекнат, збунет, изненаден, исфрустриран од тоа како ќе се живее со пандемскиот непријател. Здравствениот и образовниот систем најмногу беа ставени на тест во секоја држава и вообичаено, таму каде што беа добро изградени и поставени на цврсти нозе, се справија поедноставно, повешто или со помалку последици врз населението.

Кога нешто е поставено добро и е стабилно, тогаш се чини дека и не е многу тешко да се надгради, да се мобилизира, да му се даде нова форма на образованието кое, барем она вистински современото, сигурно не почна да се дигитализира од март годинава.

Како да се очекува добро премостување од една форма во друга, од физичко присуство на далечинско учење, ако тоа претходно „образ-ова-ни-е“ не било поставено како што треба?

Подолго време живееме во дигитална доба, а Македонија немаше (и сѐ уште нема) национална платформа за учење по стандарди. Со големи воспеви и пофалби во март излезе министерот за образование и наука Арбер Адеми да каже дека создале национална платформа за учење, која е всушност интернет-страница на која има видеа на наставници од основните училишта. Секоја чест за наставниците што доброволно снимија видеа со цел да им помогнат на учениците, родителите, но и на своите колеги. Но „Едуино“ е далеку од платформа каква што треба да биде. А вистината зад целото е дека и таа платформа ни ја финансира британската амбасада, технички ја реализира УНИЦЕФ, а заслугите ги понесоа министерот и МОН.



На ПИСА и годинава го држевме ниското „11. место“ од дното, а министерот Адеми не пропушти да изјави дека ги имаме најдобрите резултати досега.

Во изминатата учебна година во Македонија имаше 187.240 ученици во основното образование, а во средно – 69.980, што беше намалување за 2,3 отсто во споредба со претходната година.

Министерството за образование и наука и по завршувањето на учебната година сѐ уште не знае колку ученици всушност не следеа онлајн-настава. Во април се обидоа да дознаат преку анкета во основните училишта, која се покажа неуспешна зашто дел од родителите не давале реални искази за тоа дали имаат уреди за следење онлајн-настава – паметни телефони или лаптопи. Па, беа обезбедени околу 30.000 ваучери за деца од основно и средно образование, кои ги подели Министерството за труд и социјала, според статистиката на семејствата корисници на социјална помош во земјава. 

А, колку семејства не се корисници, имаат и по две или три деца и немаат исто толку уреди за да можат беспрекорно да ја следат онлајн-наставата, тоа е веќе друго прашање за решавање.

Откако беше донесена одлуката за учење од далечина, МОН одлучи секое основно и средно училиште самото да донесе одлука како ќе ја реализира наставата. Додека едни релативно брзо смогнаа сили и се мобилизираа и научија преку ноќ како да ги користат „Зум“, „Гугл класрум“... и што побрзо да се втурнат во мисијата да не ги испуштат од вид своите ученици, а и да им дадат емотивна поддршка, за други беше потешко и се сведоа на праќање материјали по е-пошта и речиси никаков контакт со своите ученици.

Во средните школи имаше и такви кои подобро се снајдоа во онлајн-наставата. Имаше средношколци кои велеа дека добро се снаоѓаат, но на сите им фалеше, нормално, школската средина. Потешко им беше на средните стручни училишта каде што праксата е многу важна. Една од светлите точки беше одлуката да се укине полагањето на државната матура, со што матурантите се ослободија од тој товар. Но, една група матуранти, оние што не ја положиле лани, сепак ќе полагаат. 



Најсветла точка и годинава беа умните деца и средношколци што ја претставуваа Македонија на олимпијади и на меѓународни натпревари и се враќаа со медали и успеси. Тие нѐ потсетуваа дека и ние имаме со што да се гордееме, само треба да вложиме во нив. 

За жал, и годинава беше реалност пред речиси секое тргнување на меѓународен натпревар учениците помалку да мислат на задачите и предизвиците пред кои беа исправени, а повеќе на тоа дали државата ќе им даде пари за да заминат на олимпијада. На Женската математичка олимпијада која, за жал, се одржа веќе во пандемски услови, нашата репрезентација се врати со три медали. 



Кон крајот на првото полугодие изби скандалот со групата „Crazy.school.videos.mk“ на социјалната мрежа „Инстаграм“, во која се објавуваа видеа од македонски ученици кои намерно дивеат во училници и кршат училиштен инвентар, се смеат и сето тоа го снимаат. Но, доведуваат во опасност и многу други ученици. Околу 15.000 члена на групата се „ситеа“ на девијатното однесување, кое заврши со затворање на групата. МВР никогаш не ни даде одговор дали некој одговараше за ова девијантно однесување.

И оваа учебна година беа оспорени неколку учебници, но не излезе на виделина дали беа ревидирани. На пример, за особено спорниот учебник по социологија за втора година гимназиско образование буквално немаше јунак да го ревидира.



Наставниците и оваа учебна година буквално „се бореа“ со Е-дневникот, кој повеќе не функционираше отколку што функционираше. А речиси немаше месец, а да не се пожалеа на социјалните мрежи дека платите им доцнат. 

Во тешкото им беше тешко на сите – и на учениците и на наставниците. Да се надеваме дека МОН ќе го искористи паметно летниот период за да ја подобри образовната инфраструктура и да го направи почетокот на наредната учебна година понормален.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема