X
 19.03.2019 Наука

Илјадници ледотреси секоја ноќ на леден гребен на Антарктикот

Како што замрзнатата антарктичка област на дното од планетата се приспособува на сè повисоките температури, така се појавуваат сè помистериозни феномени под и во мразот. Сега на листата се додадени и „ледотреси“.

Не многу одамна се мислеше дека на овој континент нема потреси. Но, научниците известија за една треперлива аномалија - потреси кои ja тресат ледената област... но само навечер.

Кога ќе се стемни, во текот на 6-12-часовен период, научниците што го истражуваат однесувањето на мразот на ледникот Мекмурдо забележале мистериозни вибрации благодарение на сеизмометрите поставени на ледениот гребен.

- Во овие области забележувавме десетици, стотици до илјадници вакви потреси во една ноќ - вели глациологот Даглас Мекајел од Универзитетот во Чикаго.

Неговата работа е да проучува како процесите на топење влијаат врз антарктичкиот регион. Иако можеби звучи изненадувачки, всушност, топењето е одговорно за овој серијал на ноќни потреси.

За време на сезоната на топење од ноември 2016 до јануари 2017 година истражувачите поставиле сеизмометри на две различни локации оддалечени 20 километри на ледникот. Тие местата ги нарекле сува и влажна станица, што се однесува на тоа колку има топење во областа.

На влажната станица кашестиот мраз создал базени со вода во текот на денот, додека сувата станица била забележливо помалку склона кон топење и покрај затоплувањето од сончевата светлина.

Но, тоа не била единствената разлика меѓу нив.


Фото: Science Alert

Секоја ноќ влажната станица оживувала со стотици или илјадници краткотрајни потреси генерирани од природна активност, кои траеле помалку од секунда.

Истовремено, сеизмичката активност забележана кај сувата станица била многу поразлична и изгледа дека била предизвикана од човечка активност (веројатно возила на пат во близина користени од истражувачкиот тим).

Во однос на потресите кај влажната станица, не е првпат научниците да забележат сеизмичка активност на ваков леден гребен, но никогаш порано тоа не се поврзувало со топење и со површинската хидрологија, а токму тоа е она што научниците велат дека се случува во овој случај.

Сеизмичкиот феномен би можел да им помогне на научниците од далечина да го набљудуваат топењето на глечерите, претпоставуваат истражувачите, затоа што од каде што потекнуваат потресите, таму процесот на топење е најсилен.

Секако, засега објаснувањето на тимот веројатно најмногу се гледа како хипотеза, додека не се појават дополнителни докази за да ја поткрепат.

За жал, можеби нема да мораме да чекаме предолго.

Со оглед на тоа дека Антарктикот забрзано се топи на целата површина, никогаш не било подобар момент за истражување на потеклото на овие потреси.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука