X
 21.10.2018 Наша тема

Студентки на Факултетот за дизајн освоија први награди на меѓународен натпревар

Ана Малјановска, апсолвентка, и Деа Беатовиќ, дипломирана на Факултетот за дизајн, беа наградени за своите проекти во кои требало да изработат ламби во комбинација со шперплочи

Две први награди освоија апсолвентка и дипломка на Факултетот за дизајн и технологија на мебел, како дел од проектот „Иновативно училиште, отскочна штица“, што се одржа во Санкт Петербург, Русија. На практичниот проект што се реализира во септември учествуваа Ана Малјановска, апсолвентка на Факултетот за дизајн и технологии, и Деа Беатовиќ, дипломирана на овој факултет.


Проектот на Ана Малјановска, изработен заедно со Камила Мантовани од Швајцарија

Станува збор за меѓународен проект во кој овој факултет е вклучен во последните две години и во кој се вклучени студенти од неколку академии и факултети за дизајн од Европа.

- Навистина сум горда и среќна што имав можност своите знаења и идеи практично да ги применам во еден ваков значаен проект од меѓународен ранг - вели Малјановска. Таа работела заедно со студентката Камила Мантовани од Швајцарија.

Ана Малјановска

- Искуството, дружењата и прекрасната соработка со млади луѓе што имаат огромен ентузијазам ме направија побогата со искуства и ме мотивираа да продолжам да го правам тоа што го сакам. Задачата на овој проект ни беше да изработиме ламба користејќи специфична еластична шперплоча. Идејата на нашиот производ е максимално да ја искористиме еластичноста на материјалот овозможувајќи промена на формата. Тоа се врши со вертикално издолжување и собирање на еластичните елементи. Исто така, можат слободно да ротираат околу основата, овозможувајќи му на корисникот да ја насочува светлината по своја желба или доколку има потреба, да ја собере во потесни простори. Oвие шперплочи се многу лесни, со што целосната тежина на ламбата е мала – вели Малјановска.

Ѕидна ламба „Лоња“ на Беатовиќ

Целта на проектот на Беатовиќ била да употреби флексибилна шперплоча за изработка на ламба, со фокус на флексибилноста.
- Ѕидната лампа „Лоња“ е наменета за домови со ограничени димензии. Со можност да се преместува и прикачува од еден до друг ѕид во домот, ги исполнува потребите за користење насочено осветлување во повеќе делови од домот со ресурси потрошени за производство на еден производ, како и можност да ротира кон ѕидот како амбиентално светло зафаќајќи помалку простор кога не е во употреба – објаснува Беатовиќ.

Деа Беатовиќ

Таа го работела проектот заедно со Лука Крамариќ од Словенија, инженер на дрвна индустрија, чиј придонес е по однос на техничкиот аспект при изработката на овој прототип.
- Предноста на употребата на флексибилна шперплоча е што дава фокус на светлината без да ги вознемирува останатите во просторијата - објаснува Беатовиќ.


- „Flat-pack“ мебелот, како што е и оваа ламба, претставува континуиран предизвик за дизајнерите, не само поради неговата популарност на пазарот и економскиот фактор, туку и поради предизвикот да се поедностави формата до степен да биде лесна за составување и по можност само со дрвени поврзувачи – вели таа.
Следната фаза од проектот „Иновативно училиште – Отскочна штица“ ќе биде во октомври во Белград.
Овој меѓународен проект обединува шест факултети од исто толку земји кои се поврзуваат со индустријата, а се занимаваат со преработка и обработка на дрво, дизајн на мебел, шумарство. Македонски претставник во проектот е Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а координатор е проф. д-р Владимир Каранаков.

Студентите од Македонија во неколку наврати соработуваа со колеги од факултети од Русија (Шумарски и Технички факултет од Санкт Петербург), Србија (Шумарски факултет од Белград), Швајцарија (Универзитет за применети науки), Словенија (Биотехнички факултет од Љубљана) и од Босна и Херцеговина (Технички факултет од Бихаќ).
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема