X
 22.05.2018 Наша тема

Дрогата им е лесно достапна на младите кај нас, во училиштата недоволно се зборува за ова

Во соработка со 465 основци и средношколци и 200 студенти, Софка Хаџијевска, доктор на правни науки направи обемно истражување на тема „Превентивен систем за спречување на зависноста од дроги“


Во училиштата не се зборува доволно за дрогите и нивните последици. На учениците, а особено средношколците им се неопходни повеќе програми и кампањи за да се запознаат повеќе со дрогите и нивните последици и за да можат да донесат свој став околу штетноста на дрогите и да донесат одлука дали ќе користат – ова се дел од заклучоците што беа донесени од истражувањето на Софка Хаџијевска, доктор по правни науки. На темата „Превентивен систем за спречување на зависноста од дроги“ таа истражуваше од повеќе аспекти и доби интригантни одговори.
Хаџијевска ја работела темата под менторство на академик проф.д-р Владо Камбовски, на Факултетот за правни науки „Јустинијан Прима“ во Скопје. Еден од поважните заклучоци на истражувањето е тоа дека досегашните кампањи, програми и стратегии за превенција се покажале неефикасни, бидејќи дрогата сè уште постои, а бројот на нови корисници на дроги постојано се зголемува.

Дрогата е лесно достапна


Централно место во истражувањата имаат учениците од основните и средните училишта во Скопје. Беа вклучени 465 деца од петто одделение до четврта година средно, како и 200 студенти од државни и приватни универзитети. Биле консултирани и лица кои користат дроги вклучени во програмите за третман и лица кои користат дроги, а се наоѓаат во казнено-поправни установи. Хаџијевска спровела и неколку интервјуа со лица кои непосредно се занимаваат со оваа проблематика, како и со свештени лица од манастирот „Св. Јован Бигорски“ и со новинари кои исто така се дел од севкупниот систем за превенција од дроги.
- За пошироката јавност зависноста од дроги сè уште претставува табу-тема, родителите стравуваат дека нивните деца може лесно да дојдат во контакт со дрогата, што впрочем и оди во прилог на тврдењата од учениците и студентите дека дрогите се лесно односно, делумно лесно достапни за нив, а наставниците, пак, имаат делумни познавања за дрогите, па врз основа на тоа и делумно може да препознаат корисник на дроги помеѓу своите ученици – вели Хаџиjевска.

Софка Хаџијевска, доктор на правни науки

Учениците сметаат дека нивните наставници имаат доволно познавања за дрогите и нивните последици, па оттука и се отвора дилема зошто ако наставниците имаат познавања за дрогите, не зборуваат за нив со своите ученици, односно на што се должи ваквиот т.н. игнорантски однос кон оваа секојдневна проблематика, ако се има предвид дека училиштето е место каде што учениците поминуваат најмногу време и претставува основа за понатамошен развој на младата индивидуа – прашува Хаџијевска.

Недостигаат предавања и дебати во гимназиите

Кога станува збор за организирањето обуки, семинари и работилници каде што се обработувале теми поврзани со штетните дејства на дрогите и превенцијата од нивното користење од страна на наставниците за нивните ученици, интересно е дека поголем дел од испитаните наставници рекле дека немале организирано такви предавања.

- Вестите за откриените и запленети количини на дроги во Македонија, како и сензационалистичките наслови за евидентирани нови случаи на корисници на дроги, ме поттикнаа да навлезам подлабоко во проучувањето на оваа тема и врз база на воспоставената методологија на истражување и заедно со менторот да изнајдеме и предложиме комплетен систем за спречување на зависноста од дроги, во кој централно место имаат младите лица (учениците и студентите) како најризична група која лесно може да дојде во контакт со дрогите, но и лицата кои веќе користат дроги и ги чувствуваат последиците од употребата на дрогите, а врз кои е повеќе од неопходно да се работи – вели младиот доктор на науки.

Интересно е и што органите на прогонот за навремено откривање на илегалното производство и трговија и самите тврдат дека се делумно обучени и својата работа ја оценуваат со оценка 3.
- Точни и единствени податоци за корисници на дроги во земјава не постојат. Сите истражувања на институции и на здруженија укажуваат дека бројот на корисници расте, возрасната категорија на лицата кои за прв пат пробуваат дроги се намалува, но сепак, со сигурност не може да се утврди точниот број на лица кои користат дроги – вели Хаџијевска. Таа истакнува дека предност е што кај нас има програми за третман на лицата што користат дроги и се прават напори да се олесни пристапот до нив, но сепак, разочарувачки е тоа што голем број лица воопшто не се вклучени во програмите, најчесто поради недостапноста, како и поради стигмата и дискримининацијата со кои овие лица се соочуваат, дополнува таа.
Хаџијевска им се заблагодари на сите што помогнале да се реализира истражувањето, а ги критикува институциите кои останале „глуви“ на многубројните барања за соработка: Основниот Суд Скопје 1-Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје, КПД „Идризово“-Скопје и одредени основни и средни училишта во Скопје.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема