По изборот за втор ректорски мандат со исклучително силна поддршка, проф. д-р Игор Неделковски во интервју за Факултети.мк зборува за досегашните постигнувања, идните приоритети и предизвиците што го очекуваат Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Визија, интернационализација, научна продуктивност и создавање кадровска одржливост се клучните столбови врз кои ќе се темели новиот мандат. Ова е искрен разговор со професорот и ректор Неделковски – кој сам себе си поставува повисоки стандарди за иднината на УКЛО.
Добивте убедлива поддршка за втор мандат. Што, според Вас, беше пресудно за таа доверба и како планирате да ја оправдате во наредниот период?
- Да се добие поддршка од скоро 85 % од сите 267 регистрирани гласачи (сите вработени наставници и претставниците на студентите) и 95 % од оние што излегле на гласање, т.е. 225 гласа од 235 кои излегле на гласање е големо признание за досегашната работа, но и голема обврска за вториот мандат. Да се оправда плебисцитарната поддршка што ја добив – 43 % повеќе гласови отколку при првиот избор, т.е. 225 гласа во 2025 наспроти 157 во 2022.
Пресудни за вака големата поддршка беа основните принципи на моето работење: транспарентност, проактивност, инклузивност.
Транспарентност. Во минатиот период преку УКЛО облакот ги направивме достапни за сите вработени сите акти, записници и др. на органите и телата на УКЛО. Таа практика ќе продолжи - сите акти, наративни и финансиски извештаи, одлуки, материјали, записници, дневни редови и сл. на сите тела на универзитетот и понатаму ќе бидат јавно достапни (и отворени за коментари) за сите вработени и претставниците на студентите пред и по нивното донесување.
Проактивност. Универзитетот беше постојано присутен во општеството и јавноста. Од октомври 2022 до денешниот ден имаме точно 418 објави за активности, настани, достигнувања, повици и сл. само на веб-страницата менаџирана од Ректоратот (присутни сме и на социјалните медиуми Фејсбук, Инстаграм, Линкдин, од оваа година и на Тик-ток). Исто така, присутни сме на регионалните, но и на националните медиуми. Остваривме одлична соработка со заедниците во кои дејствуваме - со општините, средните училишта, бизнис-секторот, како и со низа невладини организации. Проактивноста и понатаму ќе биде основен начин на работа. Раководството на универзитетот и понатаму постојано ќе лобира за подобрување на состојбата и слушање на гласот на Универзитетот. Но, ќе се стимулира и ангажман на сите вработени и студентите да учествуваат во сите настани и да ги искажуваат своите стручни ставови, со цел универзитетот да биде совест и свест на општеството.
Инклузивност. Ќе продолжат да се прават обиди сите вработени и студентите да го чувствуваат Универзитетот како второ семејство. Затоа и понатаму ќе се води сметка за инклузивна распределба на функциите помеѓу единиците, но и учество на студентите. И понатаму ќе се стимулираат вработените и студентите на УКЛО да поднесуваат идеи, иницијативи, предлози и потоа да се дискутира за нив. Ректорот и проректорите ќе бидат координатори на имплементацијата на идеите.
Во претходниот мандат поставивте силни основи за интернационализација и дигитална трансформација. Кои се главните насоки и приоритети што ќе ги следите во следните три години?
- Да, УКЛО стана првиот македонски универзитет член на Европска универзитетска алијанса, а приходите од меѓународни проекти во последните две години се на историски највисоко ниво откако постојат интегрирани меѓународни сметки на универзитетите (од 2008 година).
Стимулацијата на вработените и студентите да бидат активни учесници во меѓународните академски програми ќе продолжи. Посебно внимание ќе се посвети на мотивирање на студентите. Минатата година првпат имавме 100 % искористување на средствата за Еразмус+ мобилност на студентите. Таа практика ќе продолжи, особено на мотивирање на студентите да бидат меѓународно активни бидејќи сега имаат многу нови можности на УКЛО како член на Европска универзитетска алијанса.
Во минатиот мандатен период преку процесот на дебирократизација ги ревидиравме актите на универзитетот и овозможивме најголемиот дел од академските процеси (пријави на испити, уплати, впишување оценки итн.) и дел од административните да се одвиваат дигитално. Тоа во наредниот период ќе го заокружиме, при што цел ни е 100 % дигитализација на академските процеси. Освен при поднесување документи за упис (свидетелства од завршеното средно образование) и добивање диплома, да не мораат за ниту една друга услуга да одат на шалтер во службите за студентски прашања. Константно ќе се надградува и популаризира меѓу наставниците, соработниците и студентите системот за е-учење кој го воведовме пред две години, вклучувајќи и воведување е-библиотеки.
Предизвик ќе ни биде воведување е-индекс и студентска е-легитимација како мобилна апликација со механизам за идентификација и автентикација наместо книшка на хартија, нешто што уште не го дозволува правилникот од МОН.
Еден од клучните предизвици што го истакнувате е одржливоста на кадарот. Како планирате да го решите прашањето со научниот подмладок и трансферот на академско искуство?
- Горлив проблем на државата е да ја реши одржливоста на јавните универзитети преку системско обезбедување научен подмладок. Голем дел од кадарот заминува во пензија и треба да има системско решение за негова замена – не откако ќе замине во пензија, туку пет до десет години пред заминувањето за нашите наследници да научат и да се приспособат на академската средина.
УКЛО е дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, а присутен е и во престижни меѓународни рангирања. Како овие процеси ќе се капитализираат во корист на студентите и вработените?
- Како што веќе споменав, од 1 јануари 2024 УКЛО е првиот македонски универзитет кој стана дел од Европската универзитетска алијанса. УКЛО заедно со Kristianstad University, Шведска; Ventspils University of Applied Sciences, Латвија; Jan Dlugosz University in Czestochowa, Полска; Le Mans Université, Франција; Universidad De Castilla La Mancha, Шпанија; University of Ferrara, Италија; Josip Juraj Strossmayer University of Osijek, Хрватска и Universität Paderborn, Германија како лидер, формираа Европска универзитетска алијанса КОЛОРС / COLOURS (COLlaborative innOvative sUstainable Regional univerSities) финансирана од Европската комисија.
КОЛОРС Алијансата формирана од 9. партнери ја сочинуваат 126.000 студенти и 12.300 вработени, како и 54 придружни партнери.
Учеството во оваа алијанса суштински ќе го измени ликот на УКЛО:
- Ќе се зголеми бројот на предмети и студиски програми на сите циклуси на образование на англиски јазик (долгорочно значи можност за привлекување и на други странски студенти);
- Ќе се интензивира мобилноста на студентите и кадарот;
- Студентите ќе можат да избираат предмети од некој од универзитетите членови на алијансата;
- Се очекува да се постигнат и договори за двојни дипломи;
- Ќе се интензивираат заеднички истражувања и соработка со заедниците каде што дејствуваат универзитетите членки на алијансата;
- Се стимулираат студентите да основаат свои претпријатија;
- Очекуваме дека сето ова ќе резултира со зголемен квалитет и квантитет на студентите и развојноистражувачката работа и уште многу други работи што допрва ќе ги откриваме.
Како гледате на улогата на Универзитетот во задржувањето на младите во државата, преку мотото „Корени и крилја – европска диплома дома“ што носи важна академска и општествена димензија. Што конкретно значи тоа за иднината на младите во земјата?
Кампањата „Корени и крилја – европска диплома дома“ е тесно поврзана со активностите што ги прави УКЛО како член во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и во соработка со општините од регионот за задржување на младите на своите корени, но притоа давајќи им можности за европско образование (крилја).
Сакаме да им укажеме на младите од регионот дека студирајќи на една од 12. единици (факултети, висока школа, институт) на УКЛО ќе имаат придобивка да бидат дома или во близина на своите семејства и пријатели, а да добијат образование кое не заостанува зад најдобрите практики на европските регионалните универзитети, бидејќи ќе бидат дел од големото КОЛОРС европско семејство и ги уживаат придобивките што претходно ги наведов.
По повеќегодишен пад на бројот на новозапишани студенти (што е феномен кај сите државни универзитети во Македонија) минатата година остваривме раст на бројот на новозапишани студенти на прв циклус додипломски студии од скоро 12 % и втор циклус последипломски студии од повеќе од 14 %. Ова е уште позначајно бидејќи е постигнато во година кога бројот на матуранти во државата е намален за повеќе од 5 %. Очекуваме овој тренд да продолжи годинава.
Што би му препорачал професорот Неделковски на ректорот Неделковски – од личен агол, но и како професор со децениско искуство во системот и каква порака им упатувате на студентите и академската заедница на почетокот на Вашиот втор мандат?
Професорот Игор би му порачал на ректорот Игор повеќе време да минува со студентите, а помалку во Ректоратот опкружен со бирократски обврски. А на студентите сегашни и идни, како и на целата УКЛО универзитетска заедница би им порачал да бидат самомотивирани, да ги користат многуте можности што УКЛО ги нуди за европско учење, истражување, патување, спортување, дружење...
(Комерцијална објава)