X
 26.11.2019 Наша тема

Сите образовни реформи во Македонија биле на штета на класичното образование

Со згаснувањето на културолошката струка на почетокот на деведесеттите, изучувањето на старогрчкиот јазик како задолжителен предмет речиси целосно е исфрлено од наставните планови за средното образование, вели д-р Весна Димовска-Јањатова, редовен професор на Институтот за класични јазици при Филозофскиот факултет во Скопје

Секоја образовна реформа во независна Македонија била на штета на класичното образование. Латинскиот и старогрчкиот јазик постојат како изборни предмети во гимназиите, но класична паралелка, класична гимназија – не постои во нашиот образовен систем од 1982 година, вели д-р Весна Димовска-Јањатова, редовен професор на Институтот за класични јазици при Филозофскиот факултет во Скопје.

Ова ќе биде тема на научната трибина „Зошто ни треба класична гимназија?“, која денеска напладне ќе се одржи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Повеќе универзитетски професори ќе зборуваат за неопходноста од постоење класично гимназиско образование. Со проф. Димовска-Јањатова разговараме како е вклучено класичното образование во нашиот образовен систем, како да се спроведат реформите, зошто е важно познавањето на класичните јазици. Под класично образование се подразбира изучувањето, пред сè, на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот), античката книжевност и култура, историја, уметност, филозофија и слично.

Проф. д-р Весна Димовска-Јањатова

- Во минатото во Македонија постоела класична гимназија во два наврата, а подоцна и латинскиот и старогрчкиот јазик се изучуваа во паралелките од т.н. културолошка струка, кои постоеја во осумдесеттите години од минатиот век. Оттогаш до денес секоја следна образовна реформа била на штета на класичното образование: латинскиот јазик во средното образование се изучувал со сè помал фонд на наставни часови, а со згаснувањето на културолошката струка на почетокот на деведесеттите, изучувањето на старогрчкиот јазик како задолжителен предмет речиси целосно е исфрлено од наставните планови за средното образование - вели Димовска-Јањатова.

Класична гимназија имало во два периода

Таа објаснува дека моментно латинскиот или старогрчкиот јазик можат да го одберат учениците во гимназиите во втората наставна година каде што се нуди како изборен предмет класичен јазик, на листата со изборни предмети заедно со уште четири други. Во трета и во четврта година, од вкупно шесте комбинации предмети во трите изборни подрачја во еден од пакетите (јазично-уметничко подрачје, комбинација А) е предвидено изучувањето на еден од двата класични јазика во две наставни години со неделен фонд од два часа. Во рамките на наставата по овој предмет, насловен како класичен јазик (латински или старогрчки), учениците секогаш го изучуваат латинскиот јазик, најчесто по сугестија на предметниот наставник. Едногодишно изучување на латинскиот јазик со неделен фонд од два часа е предвидено уште во два други изборни пакети (природно-математичко подрачје, комбинација Б и општествено-хуманистичко подрачје, комбинација А). Освен во гимназиското образование, латинскиот јазик се изучува и во средните медицински и ветеринарни училишта, каде што има статус на задолжителен предмет. Во овие училишта се изучува една година со неделен фонд од два часа.

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје

Димовска-Јањатова објаснува дека класична гимназија во Македонија била дел од образовниот систем во два наврата - од 1948 до 1965 и од 1976 до 1982 година.
- Во двата периода наставата била организирана во гимназијата „Јосип Броз Тито“ како класична паралелка, посебен вид гимназиско образование. Увидот во наставните планови покажува дека паралелно се изучувале и латинскиот и старогрчкиот јазик со 4 до 5 часа неделно во текот на сите четири години од средното образование. Покрај интензивното изучување на класичните јазици, зависно од периодот, специјализираноста на класичната гимназија била дефинирана со поголемиот фонд на часови на некои предмети од сродни општествени и хуманистички подрачја. Во наставните планови, пак, на културолошката струка латинскиот и старогрчкиот јазик се изучувале две наставни години, со неделен фонд од по два часа – вели таа.

Истражувањата на капацитетите за реализација на иницијативата за обновување на класичната гимназија во земјава покажале дека државата располага со сите неопходни капацитети: кадровски капацитети, просторни и материјално-технички ресурси и наставни ресурси. Со оглед на тоа што латинскиот и старогрчкиот јазик се веќе застапени во наставните планови за гимназиско образование, поголемиот дел од училиштата веќе располагаат со кадровски капацитети кои би можеле да реализираат дел од наставата по латински и старогрчки јазик. Актуелната законска регулатива укажува на можностите концептот на класично гимназиско образование во нашата земја да биде интегриран во гимназиското образование како ново изборно подрачје или како одделен подвид на гимназија - класична гимназија - според моделот на Математичката гимназија.

Тестовите ПИСА кажуваат сè

Димовска-Јањатова вели дека концептот на класично гимназиско образование, во кое класичните јазици се изучуваат континуирано во текот на сите четири години, а истовремено во зголемен обем се изучуваат и други хуманистички дисциплини поврзани со античкото наследство, европската култура и уметност, но и со други поопшти аспекти на човечката цивилизација, е препознаен како концепт кој на учениците им дава темелно средно образование. По завршувањето можат да бидат успешни на кое било работно место, одлично ги подготвува за продолжување на студиите од која било област, ги јакне нивните потенцијали за изучување странски јазици, ги збогатува и значително ги подобрува писменоста, моќта на изразување, вокабуларот и општата култура на младите луѓе и идни студенти.
- Сметаме дека токму ова им е повеќе од неопходно на нашите средношколци поради поразителните резултати на ПИСА-тестовите. Ова се факти докажани со многубројни истражувања, не само кај нас, туку и во светот. Тоа го покажа и уште една компонента од истражувањата во рамките на овој проект - вели Димовска-Јањатова.



Споредбената анализа на искуства и состојби со класичното образование на ниво на средно гимназиско образование во земји од опкружувањето и од Европа е направена на примерок од десетина земји. Првичниот увид покажува дека во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Италија, Германија, Холандија, Обединетото Кралство, Швајцарија, Русија, но и во повеќето други земји има профил на класично-гимназиско образование. Постојат класични гимназии или гимназии кои се нарекуваат поинаку (јазична, филолошка, хуманистичка, за стари јазици, класичен лицеј и сл.), а според содржините во курикулумите соодветствуваат на класични гимназии. Траењето на класичното гимназиско образование е од 4 до 7 години. Носечки/профилирачки предмети без исклучок се класичните јазици, некаде со книжевност и/или култура/цивилизација, застапени со најмалку 2, а најмногу 6 часа неделно. Со класичното образование се асоцирани и други предмети со статус на задолжителни или на изборни предмети. Такви најчесто се: Увод во општа лингвистика, Лингвистика, Основи на преведување; Историја на уметност, Историја на музиката, Историја на класичното образование, Етнологија; Античко наследство, Античка драма, Античка костимографија, Реторика, Новогрчки, Етика, Филозофија, Историја (и цивилизација).

Студентки од Институтот за класични студии

- Во Холандија ниту една среднообразовна институција не може да се нарече гимназија доколку во неа не се изучуваат класичните јазици. Во Швајцарија околу 40% од гимназијалците се одлучуваат токму за класична гимназија бидејќи сметаат дека таа им овозможува оптимална подготовка за студии и универзитетско образование од кој било вид. Во Србија студентите на правните факултети не можат да излезат на испит по Римско право доколку не учеле латински или не го положиле претходно како испит. Во Германија нашите дипломирани лекари мораат дополнително да полагаат латински бидејќи го немаат на листата со положени испити и не го изучувале во текот на своето образование - објаснува Димовска-Јањатова.

Од трибината се очекува да ја збогати и да ја зајакне аргументацијата на иницијативата за возобновување на класичната гимназија во образовниот систем на Македонија како подготвително средно образование соодветно за идните студенти на студиските програми на Филозофскиот факултет во Скопје како институција која во најголем обем ги интегрира општествените и хуманистички науки.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема