X
 26.12.2018 Наша тема

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“: Работници трпат физичко и психичко насилство, се плашат од локалните шерифи наречени газди

Во текстилна фабрика во Кочани имаше случај кога на огласна табла беше наведено колку пати работничките смеат да одат во тоалет, во спротивно следуваа казни, вели Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“


Цел ден поминат на столче со главата спуштена над машината. Рацете работат иако мозокот вели „не можам повеќе“. Боли грбот, болат прстите, но нормата мора да се оствари. Во лето е жешко, во зима е ладно... Илјадници конфекциски работнички во Македонија со овие мисли ги поминуваат работните саати. Над машината се потат во три смени, секоја сабота, а понекогаш и за празници.


Кристина Ампева

Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“, која неуморно се бори за правата на работниците во текстилната индустрија, вели дека ситуацијата со работничките права останува иста и во годинава што изминува.
- Во однос на институционална заштита, нема некакво поместување. Децениски проблем со прекршување на работничките права, состојбата тапка в место, што е уште покатастрофално бидејќи живееме во 21 век, а не изгледа така со оглед на тоа какви сѐ сведоштва од работнички и работници секојдневно слушаме. Поместување, да, во однос на исплата на платите, поточно минималната загарантирана плата. Некаде сѐ уште има отстапки, па лесно е да пријавиме во инспекторатот за труд и таквата повреда да биде отстранета - вели Ампева.

Состојбата е исти како и минатата година

Со другите членови на здружението се трудат оваа тема да ја актуализираат, да ја подигнат свеста на работодавците, институциите, а и на самите работници дека се работи за егзистенција, за основни права кои се уредени со Устав, со закони, со конвенции.
- Овие луѓе, работниците, не бараат ништо освен она што им следува според Законот за работни односи и колективните договори - вели Ампева.



Инаку, во земјава има околу 37 илјади работници во текстилната индустрија. Ампева вели дека цела година работеле на терен, а зголемен е бројот на градови и региони од каде што имаaт контакти. Но, вели дека генерално состојбата е како и изминатата година.
- Странски инвеститори што ги оставаат работниците без плати и платени придонеси и си заминуваат. Бремени работнички кои се соочуваат со прекин на договорот, а сето тоа е законски бидејќи во постојниот закон ова не е дискриминација. Физичко и психичко насилство, од што особено се ужасувам. Во текстилна фабрика во Кочани имаше случај кога на огласна табла беше наведено колку пати работничките смеат да одат во тоалет, во спротивно следуваа казни. На тоа следуваше мој допис до медиум, па за потоа да биде отстрането ова апсурдно известување. Враќање на дел од платата назад на работодавецот, а таа плата изнесува едвај законски колку минималната. И тоа е случај секој месец. Фабрика со 500-ина вработени, а никој не се осмелува да го пријави тоа бидејќи стравот од локалните шерифи наречени газди е преголем - вели Ампева за случаите со кршење на работничките права што ги регистрирале минатата година.



Работниците не им веруваат на институциите

Таа потенцира дека недовербата во институциите исто така е проблем бидејќи процедурата за еден работник да пријави кривично дело за враќање на дел од платата назад е сложена.
Ампева смета дека е потребно новиот закон за работни односи, кој е моментално во работна верзија, да биде во корист на работниците. Здруженијата што работат на оваа проблематика треба да му бидат партнери на Инспекторатот за труд, а Министерството за труд и социјална политика да даде поголема поддршка со кампањи за синдикално здружување на работниците.

- Неопходен е нов систем за евиденција на работно време бидејќи една од најголемите злоупотреби е токму поради неевидентирањето и неисплаќањето прекувремена или работа на празник. Според досегашната практика, ова се неколку начини доколку државата сака и има волја да го спречи трендот на ниски плати недоволни за основни потреби, прекршени права, повреди, па и смрт на работно место - вели таа.

„Гласен текстилец“ и понатаму ќе продолжи да го следи секојдневието на работничките и работниците.
- Ние нема да престанеме да работиме, да следиме и јавно да говориме за тоа. Напротив. Нашите цели се почитување на работничките права и нема да отстапиме од тоа.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема