X
 28.05.2021 Наша тема

Треба ли да се проверуваат антитела по примена вакцина? Што ако тестот покаже дека немаме антитела, објаснува проф. д-р Александар Петличковски

Граѓаните често проверуваат дали имаат антитела за ковид-19 откако ќе ја примат втората доза на вакцината, а тоа испитување чини над 600 денари и не може да се направи на државен трошок
без причина

Луѓето што примиле вакцина против ковид-19 не треба да прават анализа на антитела, тоа не се прави по ниедна друга вакцина, вели проф. д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија и хумана генетика. Тој вели дека овие податоци се важни од научен аспект и дека ако кај некој нема антитела, не значи дека нема имунитет.

Граѓаните често проверуваат дали имаат антитела за ковид-19 откако ќе ја примат втората доза на вакцината, а тоа испитување чини над 600 денари и не може да се направи на државен трошок без причина.

- Не треба да се анализираат антитела по примена вакцина. Тоа не се прави по ниедна друга вакцина и реално, нема потреба да се прави ни по оваа. Овие податоци се важни од научен аспект, за градење стратегии за вакцинирање, избирање најдобар интервал помеѓу двете дози и слично. Антителата се добар, но не се единствениот показател за постоење имунитет кон ковид-19. Доколку некој има позитивен тест за антитела, тоа сигурно укажува на постоен имунитет, но немањето антитела не значи секогаш дека човек нема имунитет - вели проф. Петличковски.

Тој објаснува дека периодот за создавање имунитет по примање на втората доза од вакцината против ковид-19 е различен во зависност од тоа која вакцина е примена и колкаво е растојанието меѓу двете дози.


Проф. д-р Александар Петличковски / Фото: Приватна архива

- Активацијата на имунолошкиот систем започнува со самото давање на вакцината и таа постепено расте во наредниот период. Најдобар одговор се очекува да биде постигнат неколку недели по давањето на втората доза на вакцината. Кај модерните, РНК-вакцини, на „Фајзер“ и „Модерна“, како и кај вакцините базирани на аденовируси, како што се руската вакцина и на „Астра зенека“, максималниот ефект се постигнува 2-3 недели по давањето на втората доза, кај кинеските вакцини за максималниот ефект се потребни околу 6 недели - вели проф. Петличковски

Тој објаснува дека создавањето имунитет по вакцинација кај секој човек е различно во зависност од здравствената состојба.

- Генерално, кога човек е здрав, одморен, добро се храни, има функционален и ефикасен имунолошки систем. Доколку има некакви придружни состојби, болести, или можеби прима некаква имуносупресивна терапија, за очекување е дека одговорот на имунолошкиот систем на вакцината ќе биде послаб - вели проф. Петличковски.

Последните информации од Србија дека кинески вакцини кај дел од луѓето не создале антитела ги вознемирија луѓето, кои не знаат дали по примање на втората доза ќе треба да примат уште една. Проф. Петличковски смирува дека кај мал дел од луѓето што ја примиле кинеската вакцина од „Синофарм“ неколку недели по примање на втората доза не биле откриени антитела.

- Мал број од луѓето што примиле вакцина на „Синофарм“, најголем дел од нив повозрасни, не создале детектибилни антитела неколку недели по примањето на втората доза. Деновиве се актуелни дискусии за евентуално давање трета доза вакцина кај нив, која може да биде од истиот или од различен тип или производител. Дефинитивна препорака сè уште не е објавена - вели проф. Петличковски.

Досега на Институтот за имунобиологија и хумана генетика се направени над десет илјади тестови за присуство на антитела, и како што објаснува Петличковски, тие се направени на случајни испитаници, потоа кај луѓе што ја прележале болеста, како и кај луѓе што биле вакцинирани против ковид-19. Тој вели дека сега ги обработуваат овие податоци и наскоро ќе излезат со заклучоци. Според него, луѓето не треба да се плашат и треба да се пријават за да ја примат вакцината против ковид-19 бидејќи таа спречува тежок облик на болеста.

- Во ситуација кога и по 1,5 година борба со пандемијата сè уште нема делотворен лек одобрен за користење кај ковид-19, а имаме безбедни вакцини со одлична ефикасност во спречување тежок тек на болеста, изборот е многу јасен, вакцинацијата ни е единствен начин за враќање на животот во нормала - вели проф. Петличковски.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема