X
 29.02.2020 Наука

ДНК-анализа открива дека црвената панда не е еден вид, туку два

ДНК-анализа на десетици црвени панди открива дека има два различни вида црвена панда наместо еден како што се сметаше досега.

Црвената панда е загрозен вид и се прават напори за тоа да се промени. Ова животно живее во планинските шуми на Кина, Индија, Непал, Бутан и Мјанмар, каде што бројот на црвени панди се намалил на неколку илјади и секојдневно дополнително се намалува.

Научниците долго време се сомневале дека постојат два вида црвена панда врз основа на физичките карактеристики, но немало генски доказ за тоа. Кинеската црвена панда има поцрвено крзно и линии на опашката, додека хималајската црвена панда има побело лице.


Фото: Pixabay

Главниот истражувач Јибо Ху од Кинеската академија на науки во Пекинг вели дека позагрозена е хималајската црвена панда поради нејзиниот послаб генски диверзитет и помалиот број единки. За да се зачува генската уникатност на двата вида, треба да се одбегнува нивно меѓусебно размножување, вели Ху.

Истражувачите во Кина анализирале ДНК на 65 диви црвени панди. Тие откриле два различни вида кои се разделиле кога единките се разделиле поради река пред околу 250.000 години.

Мајк Џордан, одговорно лице за растенија и животни во зоолошката градина во Честер, во која има две црвени панди, вели дека генскиот доказ им помага да заклучат дека станува збор за различни видови наместо варијации од еден вид. Со оглед на тоа што единките се бројат во илјадници, нивното делење на видови може да ги зголеми напорите за зачувување на видот.


Фото: Pixabay

Црвените панди живеат во дрвјата и најчесто јадат бамбус. Не се блиску поврзани со пандите. Во моментов се заштитени во сите земји во кои живеат и забрането е нивно ловење. Црвената панда некогаш се сметала за роднина на ракунот, а подоцна дека е поврзана со мечките. Сепак, сега се смета дека е посебно семејство и претставува еден од најуникатните цицачи во светот.

Иако ловењето на црвената панда е забрането, таа нелегално се лови во Кина поради опашката од која се произведуваат шапки. Овие шапки се сметаат за среќни и ги носат младенците.

Автор: Хелен Бригс
Извор: bbc.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука