X
 01.03.2025 Здравје

Дури и една ноќ изгубен сон може да го промени вашиот имунолошки систем

Ново истражување дава увид во влијанието на квалитетот на спиењето врз имунолошкиот систем на една личност и како тоа може да се поврзе со развојот на болести како што се дебелината, дијабетесот и кардиоваскуларните заболувања.

Студијата, објавена во „Журналот за имунологија“, покажала дека дури и една непроспиена ноќ кај млади, слаби и здрави индивидуи го менува профилот на имунолошките клетки кои помагаат во регулирањето на имунолошкиот систем во насока да наликува на оној кај дебелите луѓе - состојба позната по поттикнување хронично воспаление. Ова посочува дека имунолошкиот систем е многу чувствителен на спиењето и може брзо да се приспособи на промените во шемата на спиење. Според истражувачите, доколку овие промени продолжат, тие би можеле да придонесат за долгорочни воспалителни состојби и да го зголемат ризикот од болести.

Постојат значителни докази кои ги поврзуваат нарушувањата на спиењето со низа хронични состојби и морбидитети, како што се дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Исто така, познато е дека лошите здравствени резултати можат да бидат предизвикани од хронично воспаление, но директното влијание на спиењето врз циркулирачките имунолошки клетки, како што се моноцитите, не е толку добро разбрано.

Моноцитите се витална компонента на вродениот имунолошки систем - првата линија на одбрана на телото, која брзо ги открива патогените и го започнува имунолошкиот одговор. Постојат три подгрупи на моноцити - класични, средни и некласични моноцити. Некласичните моноцити патролираат во телото, ги чувствуваат и реагираат на воспалителните знаци и помагаат да се одржи и регулира имунолошкиот одговор.

Во оваа студија, истражувачите од Институтот за дијабетес „Дасман“ од Кувајт ги анализирале шемите на спиење на 237 здрави возрасни учесници со различен БМИ и зеле примероци од крв за да ги профилираат нивоата на различни моноцити, како и маркерите на воспаление. Тие откриле дека дебелите лица имале значително понизок квалитет на спиење и повисоко хронично слабо воспаление во споредба со групата на слаби лица. Некласичните моноцити, исто така, биле значително зголемени кај дебелите учесници, во корелација со намален квалитет на спиење и покачени проинфламаторни маркери.

Пет здрави, слаби индивидуи, исто така, учествувале во дел од студијата за 24-часовно лишување од сон и им биле земени примероци од крв во текот на целиот период. Истражувачите откриле дека лишувањето од сон го менува профилот на моноцитите како што е забележано кај дебелите учесници, поддржувајќи ја улогата на здравјето на спиењето во модулирањето на воспалението.

Што го нарушува сонот?

- Нашите наоди го нагласуваат растечкиот предизвик за јавното здравје. Напредокот во технологијата, продолженото време пред екраните и менувањето на општествените норми ги нарушуваат редовните часови на спиење. Ова нарушување во сонот има длабоки импликации за здравјето на имунитетот и целокупната благосостојба - истакнала д-р Фатема Ал-Рашед, која ја водела студијата.

Истражувачите потоа сакаат подетално да ги истражат механизмите што го поврзуваат лишувањето од сон со имунолошките промени. Тие, исто така, сакаат да откријат дали интервенциите како што се структурирани терапии за спиење или упатства за употреба на технологија, може да ги поништат овие имунолошки промени.

- Долгорочно, целиме ова истражување да поттикне политики и стратегии кои ја препознаваат клучната улога на спиењето во јавното здравје. Предвидуваме реформи на работното место и едукативни кампањи, кои промовираат подобри практики за спиење, особено за популациите изложени на ризик од нарушување на сонот поради технолошки и професионални барања - заклучила Ал Рашед.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје