X
 03.03.2025 Наша тема

Брашното од црви богато со протеини е дел од „новел храната“ која ќе биде иднина и во Македонија

Според процените на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), инсектите се дел од исхраната на околу две милијарди луѓе во светот, особено во делови од Африка, Азија, Централна и Јужна Америка. Повеќе од 2.000 вида инсекти се сметаат за јадливи низ светот.

Состојките од животинско потекло во вид на ензими подолго време во ЕУ се користат во одредени печива, тестенини и млечни производи со цел да се направат производите поквалитетни.

Брашното од брашнести црви првпат е одобрено за употреба во храна во Европската Унија (ЕУ), а легислативата на ЕУ ја следи и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Дозволата се однесува на брашното добиено од ларвите на брашнестиот црв Tenebrio molitor. Ова брашно, богато со протеини, во иднина ќе се користи во мали количини во индустриски произведени печива како леб или колачи, во тестенини, преработени производи од компир или сирење.

Според македонската Агенцијата за храна и ветеринарство, брашното од инсекти и брашното од ларви од инсекти спаѓаат во категоријата храна произведена со иновирани технологии или т.н. новел храна (анг. Novel food), односно тоа е секоја храна или состојка на храна која нема значителна историја на употреба во нашата држава пред 15 мај 1997 година, кога првпат е донесена ЕУ легислативата со која се уредува овој вид храна, а која е транспонирана и во нашето законодавство.



Националната дефиниција за овој вид храна пропишана во Законот за безбедност на храната и во Правилникот за посебните барања за безбедност на храната произведена со иновирани технологии ја опфаќа храната со нови или намерно модифицирани примарни молекуларни структури, храна и состојки на храна произведени со нова технологија или производствен процес, храна добиена од клеточни или ткивни култури од растенија, животни, микроорганизми, габи или алги, традиционална храна од трети земји и други видови храна како чија семе, овошна пулпа од баобаб и масло од антарктички крил ракчиња.

Согласно член 55 од Законот за безбедност на храна, храната произведена со иновирани технологии од домашно производство, но и од увоз, пред да се стави на пазарот, потребно е да биде одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство.

На веб-страницата на АХВ објавена е Листата со одобрена храна произведена со иновирани технологии која е целосно усогласена со ЕУ-листата на одобрена новел храна и редовно се ажурира согласно најновите измени на Регулативата 2470/2017.

„Моментално, во ЕУ, а и во Македонија, како храна одобрени се четири инсекти и/или нивни ларви, и тоа:
- Ларви од инсектот жолт брашнар (Tenebrio molitor)– во замрзната, сушена или форма на прашок - брашно;
- Скакулец – Locusta migratoria во замрзната, сушена или форма на прашок;
- Домашен штурец – Acheta domesticus во замрзната, сушена или форма на прашок и
- Ларви од тврдокрилец - Alphitobius diaperinus, во замрзната, сушена или форма на прашок.



Дополнително, со најновата ЕУ Регулатива 89/2025 се одобрува употребата на одобрување на прашок од цели Tenebrio molitor ларви третиран со УВ-светлина како новел храна за употреба во разни видови производи наменети за општата популација, како леб и кифлички, колачи, производи на база на тестенини, преработени производи од компир, производи од сирење и сирење и компоти од овошје и зеленчук, со цел збогатување на содржината на витаминот D - велат од АХВ за Факултети.мк.

За секој од овие инсекти, како поткатегорија на новел храна, во Листата се утврдени условите на употреба, во смисла на популацијата за која се наменети – општата популација, видовите храна во која може да се додадат, максималното дозволено ниво, означувањето, како и спецификациите за составот и чистотата на храната. Сите состојки од категоријата новел храна што се наведени на Листата се авторизирани откако е направена научна процена на безбедноста од страна на Еврoпската агенција за безбедност на храна (ЕФСА).

Од АХВ потенцираат дека операторите со храна се обврзани секоја од новел состојките, меѓу другото и инсектите кои се дозволени за употреба, да ја наведат во списокот со состојки на означувањето на производите со цел јасно информирање на потрошувачите за составот на производите. Притоа треба да внимаваат и на означувањето на потенцијални алергени во храната кои можат да произлезат од новел состојките, а следејќи ги барањата утврдени во Листата.

Доколку се присутни состојки што спаѓаат во категоријата новел храна, обврска на операторот со храна уште пред да го стави во промет производот е да поднесе барање до АХВ за да се утврди дали таа новел состојка е авторизирана или не.

Но, во моментов до АХВ нема пристигнато барање за одобрување производи кои во својот состав содржат некој од авторизираните инсекти или нивни ларви согласно Листата на дозволена новел храна и тоа се должи, пред сѐ, на користењето на традиционални извори на храна.



- Нашата исхрана се базира на традиционалните извори на храна, вклучително и на протеини, иако, како и во светски рамки, сѐ поголемата побарувачка на протеини можно е во даден временски период да ги преориентира и дел од нашите сограѓани кон употребата на храна произведена со иновирани технологии, како што е брашното од инсекти, на пример, како алтернативен извор на протеини кој кај некои народи е дел од традиционалната храна одамна. Одлука на секој од нас како потрошувач е дали ќе ги користи во исхраната или не - додаваат од АХВ.

Според Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО), инсектите како храна ќе бидат од сѐ поголема важност во исхраната поради зголемената цена на животинските протеини, недоволната обезбеденост со храна, растот на населението и зголемената побарувачка за алтернативни извори на протеини кај средната класа. Се смета дека наспроти конвенционалното сточарство, употребата на инсекти во исхраната позитивно придонесува за животната средина.

ФАО, исто така, укажува дека инсектите се високо хранлив и здрав извор на храна со висока содржина на масти, протеини, витамини, влакна и минерали. Тие се алтернативен извор на протеини што го олеснуваат преминот кон здрава и одржлива исхрана, велат од АХВ.

Фото: freepik
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема