X
 04.05.2016 Образование

Најчестите грешки на децата кои не знаат да учат

Најкорисната вештина на денешницата е вештината на самостојното учење. Таа вештина не е ниту прашање на избор, туку е задолжителна за успех. Учениците кои само помнат учат за оцена, а оние кои знаат да постават прашања за материјалот го разбираат наученото, пишува „Клоканица“ и советува како децата да учат подобро.

Факт е дека учениците кои знаат да учат го сакаат учењето, а оние кои не научиле како да учат правилно сметаат дека учењето е здодевно и од него прават проблем. Еден добар начин да го промените ова кај децата е прво да ги воочите најчестите грешки при лошото учење.


1. Ученикот се труди да запомни нешто што не треба да го запомни, туку разбере.

2. Ученикот помни, но не вежба доволно.

3. Не вежба објаснувајќи го тоа што го знае на некој друг со свои зборови.

4. Се фрла на задачи пред да го научи најосновното. Не му оди, па се откажува.

5. Одложува да го примени своето знаење или вештина додека со нив не владее доволно бидејќи се плаши од грешки и неуспех.

6. Учи со часови и тешко му е да учи.

7. Учи, а не размислува навистина за тоа што учи.

Што е алармантно погрешно во тие најчести грешки?

Правило е дека доколку вложите 80% од трудот и времето во учење и со тоа добиете 20% од резултатите, не знаете да учите. Оној кој знае да учи вложува 20% од времето и напорот за да добие 80% од она што треба да се научи. Се` би можело да се сведе на советот: помалку учи, а повеќе научи, затоа фокусирај се на најважното.

За почеток, ученикот мора да научи да одреди што е битно, а што не е. Секој учител треба сам искрено да одговори на две прашања: Може ли мојот ученик да научи самостојно да одреди што е важно, а што не е, ако јас секогаш му кажувам што е битно, му го нацртам тоа на таблата, му кажам што да подвлече во книгата и го предупредам што треба да запише? Треба ли мојот ученик да знае да го разликува битното од небитното ако јас на испрашувањето го прашувам за небитното?

Патот до самостојност во учењето

Едноставно е да се научат учениците да воочат што е битно: престанете да им кажувате. Наместо да им го преведувате новиот материјал, тие на часот треба да читаат дел по дел од учебникот. Нека ги откријат битните параграфи во секој дел. По секој дел прашајте ги што е битно и побарајте од нив да го кажат тоа со свои зборови. Ако самите ја сфатиле смислата, тогаш вие сте на ред да им го објасните тоа. Не претходно.

Друг начин со кој учениците може да научат што е битно е превртена училница. Дадете им задача дома да ги анализираат новите лекции и да извлечат белешки, да направат концепт, да подготват едноминутно предавање... Кога следниот час ќе чуете како се подготвиле и што сфатиле, тогаш вмешајте се со објаснување, примери, синтези...

Ако детето не мора, тогаш нема да го направи тоа

Се` што прави учителот наместо ученикот, тој не мора да го прави. А, ако не мора да го направи, нема да го направи. Ако сакате да убиете две муви со еден удар - да го научите ученикот да размислува и да го научите на самостојно учење - побарајте од него да поставува прашања во разни облици. Самостојното учење со поставување прашања ученикот го навикнува на проблемско размислување.

Ќе им направите огромна услуга на своите ученици ако за домашна задача им дадете да постават прашања наместо да одговорат. Нека направат испит или тест. Разговарајте со нив за прашањата кои ги поставиле. Научете ги да разликуваат прашања за репродукција на запомнетите податоци од прашањата од повисок степен кои бараат самостојна анализа и самостоен заклучок.

Ако знаат да одговорат на прашањата за репродукција на запомнетите податоци, веројатно ќе добијат диплома. Ако утре сакаат да добијат добра работа, мора да знаат да поставуваат прашања и самостојно да бараат одговори на нив.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование