X
 05.04.2021 Наша тема

Јована Велинова-Трајанова дипломира на Ликовна академија на УГД со 9,56: Никогаш не застанував само на најлесното

Во текот на пандемијата сфатив дека ми треба некаков тип работа што ќе ме релаксира и ќе заборавам на реалноста бидејќи сè што се случува околу нас само додава анксиозност. Така почнав со серијал на дигитални илустрации од светови на фантазија, магија и многу бои. Функционира беспрекорно. Но, во принцип сакам да пробувам повеќе техники, материјали, стилови. Затоа имам цртано стрипови, илустрации, класични дела, дигитални дизајни, вели Јована

Јована Велинова-Трајанова има 24 години и е од Штип. Дипломира на отсекот класично сликарство на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со просек 9,56. Успеа со талентот кој го негува од најрана возраст, но и напорната работа низ годините. Лани Јована доби пофалница во знак на признание од Универзитетот за постигнат најдобар успех во студирањето. По неколку месеци пракса, набрзо по дипломирањето се вработи како графички дизајнер во компанија за софтвер.

Во разговорот за Факултети.мк таа зборува за студиите, за она во кое ужива да го работи, како и за плановите во иднина.

- Секогаш замислував да работам нешто каде што ќе можам да бидам креативна, а сите страници од тетратките ми беа преполни со цртежи уште кога бев дете. Сè уште чувам дел од тие тетратки и книги, на првата самостојна изложба тоа ми беше тема - еволуцијата на еден уметник. Таму беа изложени и „првите дела“ кои се наоѓаа низ телефонски именици, стари скинати книги, тетратки со рецепти... Во текот на средношколските денови имав толку различни идеи што би можела да бидам, сосема далеку од уметност, но во меѓувреме упорно цртав и вежбав. Работев стрипови за кои добив неколку награди во државава. Кога се запишав на факултет, најпрво одбрав архитектура, мислејќи дека ќе биде доволно да цртам и сликам само во слободно време. По неколку дена сфатив дека воопшто не сум среќна да го изучувам тоа, колку и да е интересно, и успеав да се префрлам на факултетот кој го ставив како втор на листата при упис - Ликовна академија.



Зошто веднаш не се запиша на Ликовна академија? Дали тезата дека нема перспектива со сликањето те одврати од идејата?

- Да, веројатно затоа што секој од нас се соочува со зборовите „нема иднина и перспектива во цртањето“, меѓутоа, кога нешто вистински го сакаш и се трудиш, може да се најде работа. Тоа би им го кажала на сите што се запишуваат на факултет - секогаш одберете го она што го сакате. Така ќе бидете поттикнати секој ден од сопствената желба и љубов кон професијата да давате максимум од себе.



Дипломец си на насоката класично сликарство. Дали ти беше потребен голем труд за да го постигнеш овој висок просек?

- За да се постигне висок просек, но пред сè да се биде подобар во одбраната професија, потребни се голем труд и посветеност, без разлика што е. На насока како класично сликарство, каде што има многу анатомија, перспектива и теорија за да те подготви за задачите, мора и многу да се работи и да се учи. Професорите кои ни предаваа цртање и сликање секогаш ни објаснуваа дека цртањето е како и вежбањето, доколку навистина сакаме резултати, мора да ја вежбаме раката секој ден и да не престануваме со учење. Постојано имавме нови поставки и композиции на предавањата кои ги цртавме во ателје, но и домашни задачи, за кои сами ги смислувавме композициите како важен дел од тоа да се биде уметник. Јас никогаш не застанував само на најлесното, понекогаш грешев правејќи претешка композиција како предизвик за себе, која одзема многу време, понекогаш истражував други уметници и добивав идеи за дополнителни слики, но сето тоа ми помагаше да се подобрам. Најслабите оценки што ги добив беа во првите два семестри и тоа токму по предметите цртање и сликање. Кога се запишав на факултет, претходно немав работено со маслени бои, ниту пак знаев да работам на големи формати. Сепак, тоа што не го знаев ме тераше да бидам упорна и работев по цели денови за да видам огромен напредок по првата година. Тоа е доказ дека да се биде уметник, не е потребно само да се има талент, туку и многу, многу вложен труд и желба.



Ти си ликовен уметник, но работиш во фирма за графички дизајн. Од што ти се состои работата и дали те исполнува?

- Според мене, главната функција и основа на уметноста и на тоа да се биде уметник е да се размислува низ едни филтри на креативност, бои и пораки што ги праќаме со она што го работиме. Така успеав да спојам ликовна уметност со графички дизајн, каде што целото свое претходно знаење го пренесувам низ тие филтри, но на различно место. Наместо на платно, знаењето зема друг облик и станува дигитално дело. Секако, има многу што да се научи за да се работи како графички дизајнер и затоа дополнително учев на академијата за графички дизајн на Брејнстер. Но имав среќа постојано да имам креативна работа и тоа е тоа што ме исполнува, без разлика на техника или име. Како графички дизајнер во Pixyle.ai, задолжена сум да го задржам изгледот на брендот во секоја форма и издание. Секој ден е нов предизвик и има многу што да се научи. Вообичаено кога ќе заврши работниот дел од денот, продолжувам со цртање илустрации. Во текот на пандемијата сфатив дека ми треба некаков тип работа што ќе ме релаксира и ќе заборавам на реалноста бидејќи сè што се случува околу нас само додава анксиозност. Така почнав со серијал на дигитални илустрации од светови на фантазија, магија и многу бои. Функционира беспрекорно. Но во принцип сакам да пробувам повеќе техники, материјали, стилови и начини. Затоа досега имам цртано стрипови, илустрации, класични дела, дигитални дизајни.



Кои се твоите идни планови?

- Имам неколку започнати проекти кои чекаат да најдам слободно време. Еден од нив е завршување и издавање на првиот дел од стрипот кој лани ја доби наградата „Лифт“. Тие четири страници што лани беа наградени се дел од голема приказна која полека ја цртам и склопувам, а во мојата глава постои веќе десетина години. Меѓу другото, тука се и еден огромен број илустрации и цртежи на најразлични теми.


Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема