X
 08.06.2021 Наша тема

Маја Банковиќ-Грчева: Од ТМФ во Скопје до кариера во бизнис-трансформација во Лондон

ТМФ нуди многу различни насоки за развој и всадува вештини и особини кои сегашните и идните студенти ги носат низ целиот свој живот, каде и да се најдат во светот, вели Банковиќ-Грчева.

Идните студенти на Технолошко-металуршкиот факултет – ТМФ во Скопје можат да очекуваат разнолични предизвици, истрајност и упорност, но и можност активно да се вклучат во сето она што ТМФ го нуди денес, во поглед на настава и пракса, како и членување во студентски организации, како што e ИАСТЕ. Шансата што им е дадена низ богатата наставна програма е да научат како да размислуваат и како да се однесуваат како идни менаџери во разни типови организации, и да ги применуваат вредностите стекнати во академското образование низ целиот свој живот, порачува Маја Банковиќ-Грчева. Таа е поранешна студентка на ТМФ, а сега има успешна кариера во бизнис-трансформација во Лондон. Работи за светски познати компании и ни раскажа за својот кариерен пат.
Маја вели дека на факултет ги научила способностите за решавање нумерички проблеми, анализа на податоци и изведување заклучоци, како и системско и процесно размислување – не само формули и факти.

Овие способности ги користи токму за она што сега го работи, бизнис-трансформации, кои се комплексни, мултидисциплинарни проекти низ кои фирмите се модернизираат, дигитализираат и воопшто се приспособуваат кон новите економски и комерцијални услови на пазарите во кои се наоѓаат. Во рамките на бизнис-трансформациите разни тимови работат во колаборативни структури и најчесто тоа значи решавање финансиски, оперативни, информатички проблеми, а истовремено и решавање прашања од човечки ресурси.

Банковиќ-Грчева го започнала својот развоен пат на ТМФ во 1986 година

- Кога првпат влегов во амфитеатарот на само седумнаесетгодишна возраст и слушнав како ќе се одвива првиот семестар, и што се очекува од нас како бруцоши, длабоко се замислив. Долгите часови во лабораторија, секојдневните предавања и редовните колоквиуми ми се чинеа напорни и првата година беше полна со предизвици. Како да се најде време за учење? Што да се приоретизира како задача, а што може да се остави за следната сесија? – почнува да раскажува нашата соговорничка за својот кариерен развој.


Маја Банковиќ-Грчева, Технологијада, 1990 г.

Точно тие предизвици и желбата да одржи чекор со колегите, да се претставува Факултетот на студентските конференции (Маја освои награда за својот мини-проект на Технологијадата 1990 во Ровињ) и постојано да се освојуваат нови вештини, послужиле како база за нејзината идна кариера.

- ТМФ, особено текстилната насока, беше местото каде што научив не само формули и факти, туку и како да организирам, да решавам проблеми, да раководам од технички и комерцијален аспект, и постојано да се градам и усовршувам како раководител – вели таа.
По дипломирањето таа започна со раководење на англиското претставништво Black Shield, каде што одговорностите биле широки: од контрола на квалитет до успешно комерцијално работење и пробив на нови пазари во Германија, Белгија и во Австрија со текстилни производи од Македонија.

- Тоа искуство и усовршеното познавање на германскиот јазик потоа ми ги отворија вратите за технички консалтинг во областа на заштитените документи и хартии од вредност, и застапништво на најпрестижните фирми од Швајцарија и од Германија што работат во таа област. Од 1998 година продолжив да ги усовршувам тие искуства работејќи во најголемите фирми во областа на производството на хартија и амбалажи (шведските концерни TetraPak и SCA) – раскажува Банковиќ-Грчева.

Желбата за усовршување неминовно значела продолжување на академскиот пат и во 2000 година наместо инженерски, таа избрала менаџерски магистерски студии (Master of Business Administration – European Business) на Brighton Business School во Англија.

- Одеднаш сè беше ново и непознато, од нова земја, преку начинот на предавање (многу малку теорија, а многу практична работа, неделни сесии во студио и анализа на вештини на преговарање, комуникација, разрешување конфликти) до темите со кои се немав сретнато претходно (европско право, стратешко работење, финансии и книговодство). Многу брзо сфатив дека сум сепак подготвена за овие предизвици повеќе отколку што мислев дека сум, и сите вештини и знаења стекнати на ТМФ повторно ми помогнаа. Способностите да се сфатат и решат нумерички проблеми, системско и процесно размислување, како и анализа и изведување заклучоци се покажаа универзални и од следната година им предавав нумерички и статистички методи на магистрандите на мојот оддел – вели Банковиќ-Грчева.



Што ги поврзува стекнатото знаење на факултет и сегашната професија?

- Кога ќе размислите подобро за способностите и знаењата што се потребни за да се раководи со трансформации, мултидисциплинарната природа на раководење тимови, дизајн на нови системи и организациони шеми и имплементирање нови технологии, допирните точки со инженерските науки, и особено со технологијата, стануваат очигледни – потенцира нашата соговорничка.

По магистратурата Маја се насочила кон новата област на бизнис-трансформација со нови технологии, каде што повеќестраната природа на нејзиното искуство ја водела низ серија од раководни улоги во најпознатите светски консултантски фирми (ХЦЛ, Прајс Вотерхаус Куперс, Бритиш телеком, ПА Консултинг и во најскоро време Ернст и Јанг).

- Во оваа индустрија секој ден, секој клиент и секој проблем е различен, и за мене тоа е главната мотивација. Секојдневно учам од помладите колеги и тоа во области како Агиле, вештачка интелигенција и примената за усовршување на процеси, како и аналитички апликации. Моите клиенти секогаш коментираат позитивно за мојата храброст да водам комплексни, итни проекти со елементи на иновација и технички предизвик. Таа храброст и самодоверба започнаа да се градат на ТМФ и јас сум многу среќна и горда што бев дел на генерацијата од над 100 инженери кои ги сменија претставите за тоа што сè може да се очекува од технолозите. ТМФ нуди многу различни насоки за развој и всадува вештини и особини кои сегашните и идните студенти ги носат низ целиот свој живот, каде и да се најдат во светот – додава Банковиќ-Грчева.

Фото: приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема