Со текот на годините сè повеќе се насочуваме кон филмови од медитеранските земји, така што и годинава ќе имаме филмови од Шпанија, Франција, Грција, Италија... Станува збор за филмови што своите премиери ги имаа на филмските фестивали во Берлин, Кан, на „Санденс“. Овогодишната филмска програма брои 40 филма, поделени во 4 категории: долгометражни, краткометражни, студентски и долгометражни во ревијална селекција, вели Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“ во интервјуто по повод новото издание на „Бич филм фестивал“.
Каква е содржината и замислата за реализацијата на „Бич филм фестивал“ (21-25 јули)? Какви филмови ќе гледаме годинава на плажа, во кино под ѕвезди?
- БФФ почна со својата најавна програма пред нецел месец. Две проекции се одржаа во градината на концепт-стор „Ерор оф хармони“, за неколку дена ќе имаме проекции во културниот центар „Везилка“ во Битола, а од 9 до 11 јули, десет дена пред официјалниот термин на фестивалот, во соработка со ЕФЦ (Јуропиан филм чаленџ) ќе правиме тридневни проекции во центарот на Охрид. Ќе продолжиме таму каде што застанавме минатото лето: филмови, мастер-класови, работилници, гастрономија и дружби. Со текот на годините сè повеќе се насочуваме кон филмови од медитеранските земји, така што и годинава ќе имаме филмови од Шпанија, Франција, Грција, Италија... Станува збор за филмови што своите премиери ги имаа на филмските фестивали во Берлин, Кан, на „Санденс“. Иако повикот за пријавување на филмови се затвори на 1 јуни, не престануваат да пристигнуваат пријави. Овогодишната филмска програма брои 40 филма, поделени во 4 категории: долгометражни, краткометражни, студентски и долгометражни во ревијална селекција.
Ана Опачиќ
Каде ќе биде оптегнато филмското платно, посебна атракција преставува проекцијата на еден филм од програмата на брод што плови по езерото, ќе ја има ли годинава?
- БФФ цело време плива низ Охридското Езеро и се мрести на различни локации, така што годинава сидрото ќе го спуштаме на плажата Горица 3 (веднаш до тобоганот). Охрид има толку убави плажи, штета е, барем сега кога сме уште на почетоците, да се ограничиме на една плажа. Киното на брод е една од особеностите на БФФ, а освен тие две локации (плажа и брод) ќе имаме и две нови, кои наскоро ќе ги објавиме.
БФФ секогаш имал одличен дизајн на плакат и дополнителни рекламни материјали? Кој е автор годинава и колку е важен визуелниот лик на еден фестивал?
- Деновиве една режисерка од Франција, чиј филм е селектиран оваа година, ни пиша на „Инстаграм“ дека има една несекојдневна молба, а тоа е дали би можеле да ѝ ги испратиме сите фестивалски постери од сите години бидејќи многу ѝ се допаѓале. Постерот, како уметничка форма, благодарение на познатиот уметник од крајот на 19 век, Тулуз Лотрек, е првиот контакт со публиката, од самиот момент кога ќе се постави во просторот, виртуелно или физички, на улица. Поради тоа, секоја година уште во јануари почнуваме со овој креативен дел од фестивалот. Годинава дизајнот на промотивните материјали го изработи аниматорката Луција Мрзљак, која живее во Естонија, а фото и видеокампањата им беше препуштена на девојките од „Фрозен тајм дропс“.
Лани, додека се случуваше БФФ, тим од екипата снимаше документарен мини-серијал за состојбата со ковид-19 во државава. Како фестивалот ја преживеа минатата година?
- Лани поради вонредната состојба и пандемијата, голем дел од настаните се одложија, се поместија за подоцна или се пренасочија во онлајн-форма, но тимот на БФФ спремно чекаше да се ублажат забраните за одржување настани, и штом се случи тоа, продолживме бескомпромисно да работиме сè до самото остварување на целта. Онлајн и хибридните форми не беа опција. Атмосферата на „Бич филм фестивал“ не може да се доживее онлајн – шумот од брановите на езерото, мирисот на дрвјата, песокот под нозете, доцните ноќни дружби на лежалките по филмовите... Уживавме и лани, но со почитување на мерките за дистанца и слично, само без концерти и со редуциран број на седишта. Исто ќе биде и оваа година, ќе уживаме максимално, но здравјето и безбедноста се пред сè.
Како успевате да обезбедите поддршка на фестивалот бидејќи е релативно нов, ги препознаваат ли институциите духот и вредноста на овој фестивал?
- Од институционалната поддршка, Агенција за филм е континуиран поддржувач на фестивалот, од неговото прво издание кога на чело на агенцијата беше Горјан Тозија, па сè до сегашниот директор Бојан Лазаревски. Општина Охрид на чело со градоначалникот Константин Георгиески го препозна квалитетот на фестивалот и неговата важност за градот Охрид и континуирано инвестираат во него. Исто така, европската делегација во Македонија континуирано го поддржува фестивал, а со тоа и промоцијата на европската кинематографија. Не би сакала да звучам тенденциозно, дека ова се однесува воопшто на македонскиот филм, но оваа година Министерството за култура ни ја укина поддршката.
Дали можеме да кажеме дека БФФ си го најде своето место на картата на филмските фестивали што се одржуваат во нашата земја?
- Фестивалот создава своја публика, тоа звучи многу моќно, ние грижливо креираме програма, првично по квалитативни критериуми, и целта е таа програма да влијае врз вкусот на публиката - повеќе да се следат европската кинематографија и филмските фестивали, а помалку 3Д-киното и американските блокбастери. Но, публиката на БФФ е над нивото што се стремиме да го постигнеме, благодарение на неа, фестивалот е таму каде што е. Ако тоа е еден од критериумите, тогаш веројатно си има најдено свое место на таа карта на филмски фестивали. Колективниот дух на публиката е апсолутниот дух на фестивалот. Или да поедноставам, фестивал без публика е како торент без сидерси.
Можете ли да се потсетите на најубавите фестивалски моменти од изминатите три години?
- Секое фестивалско издание го паметиме по гостите и публиката и тие заеднички моменти. На пример, режисерот Иван Салај наместо на премиерата на својот филм, која се одржуваше на Пулскиот фестивал, паралелно со БФФ, дојде во Охрид, а тоа го дознавме последната вечер кога му ја врачивме наградата. Потоа, по завршувањето на фестивалот седевме во една слаткарница во Охрид и една жена нè слушна и дојде до нашата маса и нè почести со тацна полна со чоколадни колачи, со зборови дека многу убаво си поминала на фестивалот. Под еден албум на „Фејсбук“, еден од посетителите бараше да му се јави девојката што ја запознал на фестивалот. Еден ден не сакавме да ги брзаме капачите да си заминат дома за да започнеме со местење на столчињата, па поради тоа доцневме со почетокот на проекцијата, а публиката не ја оставивме пред влез, туку ја пуштивме да влезе. Тие спонтано почнаа, заедно со волонтерите, да ги местат столчињата и да поставуваат банери, гледалиштето беше поставено за нецели пет минути. Ова се мали работи, речиси незабележливи, но ни даваат впечаток дека тие пет фестивалски дена сите се чувствуваат како да се дома, слободни, како да се на својата тераса или градина, неоптоварени со формалности и протоколи.