X
 10.12.2021 Наука

Омикрон можеби презел дел од генот на вирусот на настинка, еве што значи тоа

Варијантата на коронавирус - омикрон можеби добила една од своите мутации собирајќи парче генски материјал од друг вирус, веројатно оној што предизвикува обична настинка, присутен истовремено во заразените клетки, велат американските научници.

Оваа генска секвенција не се појавува во ниту една претходна верзија на коронавирусот, наречена САРС-КоВ-2, но е присутна кај многу други вируси, вклучително и оние што предизвикуваат настинки, а исто така и во човечкиот геном, велат научниците.

Со вградување на тој дел во сопствената структура, омикрон би можел да изгледа „почовечки“, што ќе му помогне да избегне напад на човечкиот имунолошки систем, вели Венки Саундарарајан од компанија за анализа на податоци со седиште во Кембриџ.

Резултатите од неговото истражување се објавени на веб-страницата „О-си-еф препринтс“.

Ова може да значи дека вирусот полесно се пренесува и предизвикува само блага или асимптоматска болест.

Научниците сè уште не знаат дали омикрон е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка болест и дали ќе го потисне делта-сојот како најраспространета варијанта. Можеби ќе бидат потребни неколку недели за да се одговори на овие прашања.

Мутацијата можела да се случи кај лице со двата вируса во него


Според претходните студии, клетките во белите дробови и гастроинтестиналниот систем можат истовремено да бидат „домаќини“ на вирусот САРС-КоВ-2 и вирусот на настинка.

Таквата инфекција создава услови за вирусна рекомбинација, процес во кој два различни вируси во иста клетка-домаќин комуницираат еден со друг за да се копираат, создавајќи нови копии кои го имаат генскиот материјал на двата „родители“.

Оваа нова мутација најпрво би можела да се појави кај лице заразено со двата патогени кога варијанта на вирусот САРС-КоВ-2 ја „собрала“ генската секвенција на друг вирус, заклучува Саундарарајан заедно со неговите колеги во студијата, која сè уште не е рецензирана.

Истата генска секвенција се јавува многу пати кај еден од коронавирусите што предизвикуваат настинка кај луѓето - познат како ХЦoВ-229E - и кај вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) што предизвикува сида, рече Саундарарајан.

Јужна Африка, каде што првпат беше идентификуван омикрон, има највисока стапка на ХИВ во светот, што го ослабува имунолошкиот систем и ја зголемува подложноста на лицето на инфекции со вируси на настинка и други патогени.

- Во тој дел од светот постојат многу луѓе кои можеби имале рекомбинација што го вовела тој сепристуен сет на гени во омикрон. Веројатно направивме превид на многуте рекомбинации што се случија со текот на времето и кои доведоа до појава на омикрон - додава Саундарарајан.

Потребни се повеќе истражувања за да се потврди потеклото на мутациите на омикрон и нивниот ефект врз функцијата и преносот на вирусот.

Постојат и други хипотези дека најновата варијанта на омикрон можеби поминала некое време развивајќи се во животно-домаќин.

Во меѓувреме, новите наоди ја нагласуваат важноста на луѓето да добиваат тековно достапни вакцини за коронавирус, вели Саундарарајан.

- Треба да се вакцинирате за да ги намалите шансите други луѓе, кои се имунокомпромитирани, да се сретнат со вирусот САРС-КоВ-2 - вели тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука