X
 12.01.2022 Наша тема

Нов лекторат по македонски јазик во Анкара, а можеби и во Пекинг

Имаме вистинска мала армија од македонисти во светот - 300 студенти на универзитетите во Истанбул, Риека и во Будимпешта (на додипломски и постдипломски студии) што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура и уште 100 на универзитетите во Торонто, Љубљана и Марибор, Загреб, Лондон, Познањ, Нови Сад, Брно и Храдец Кралове, Братислава...

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ неодамна започна иницијатива за отворање нов лекторат на Универзитетот во Анкара, Турција, покрај осумте што земјава ги има во странство. Во Анкара лекторот Дарко Темелкоски, веќе избран од страна на Семинарот, се сретна со директорката на Службата за меѓународни односи на анкарскиот универзитет, Озге Улкер. На средбата на која присуствуваше и амбасадорот Ханиф Даути се истакна важноста од отворање лекторат по македонски јазик, литература и култура, пред сѐ, поради потребата да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот јазик, како и да се воспостават нови мостови меѓу двете земји и култури и меѓу двата универзитета.

- Договорена е соработката меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и анкарскиот универзитет да продолжи и да се развива на веќе потпишаниот меѓууниверзитетски договор, а во периодот што претстои да се одржат информативни часови за студентите на кои тие ќе се запознаат со она што би го изучувале на часовите по македонски јазик. Едно кратко запознавање на студентите со македонската историја и култура, како и со она што ги поврзува двата народа. Предложивме и двајца студенти да учествуваат на јубилејната 55. Летна школа што ќе се одржи во Охрид - вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик во Скопје.

Ова ќе биде втор лекторат во Турција, по оној во Истанбул кој е отворен уште во 1985 година и кој минатата година го прослави својот убав јубилеј – 35 години од почетокот на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура.

- Тој е еден од највлијателните лекторати со над 100 студенти кои го изучуваат македонскиот јазик (континуирано веќе неколку години). Сега таму како лектор работи Габриела Ивановска, која дојде на местото на Марина Цветанска со која навистина се придвижија работите поради нејзината сериозна заложба, но и со поддршката на Ѓонул Узели и Емине Инанир. Габриела Ивановска ја продолжува работата со силна пареа со поддршка на Туркјан Олџај (раководителката на македонистика) и Емина Инанир (раководителката на славистика) на Факултетот за литература на истанбулскиот универзитет. Непобитен е фактот дека сме споделувале, заеднички сме осознавале историски лекции низ вековите, иако под влијание на општествените и политички бранувања, неретко и на различни позиции - вели Мојсова-Чепишевска.

Илустративна потврда на тоа е и што еден од корифеите на македонската преродба и основоположник на македонската современа поезија, Константин Миладинов, чиј живот заврши во Истанбул, исто како и на неговиот брат Димитрија, антологиската песна „Т'га за југ“, напишана во Москва, ја започнува со стиховите: „Орелски крилја как да си метнех / и в наши стâрни да си прелетнех! / На наши места ја да си идам, / да видам Стамбол, Кукуш да видам...“


Весна Мојсова-Чепишевска

- И за него, Стамбол, односно Истанбул, пред сѐ како културно, а не дотолку како политичко одредиште, бил меѓу „нашите места“, заедно со Кукуш, Охрид, Струга... Но, од друга страна, исто толку важна, илустративна потврда се, на пр., патописните записи на Евлија Челебија, кои до денес се едни од најзначајните сведоштва за особеностите на македонската култура во важен историски моментум, како и мемоарските записи на Тахсин Беј во кои ја „објаснува“ тогашна Македонија, а кои и денес се клучни за македонската историографија. Сето она што се случувало низ вековите не само што оставило трага, туку воспоставило и нераскинливи културни синтези. За тие синтези да се согледаат, се чини, доволно е одново да се осврнеме кон великиот научен опус на Конески – во своите трудови тој континуирано укажуваше на тоа дека турцизмите кои имаат неутрално обележје и понатаму ќе се применуваат и ќе опстанат во македонскиот јазик, по нивниот дамнешен продор поради историската поврзаност меѓу двете култури. И така и би – оваа тенденција трае и денес, додека турцизмите што немаат неутрално обележје егзистираат добивајќи стилска маркираност. Впрочем, да не заборавиме дека во првиот Речник на македонскиот јазик има над 3.000 турцизми. Оттука, отворањето на лекторатот по македонски јазик во Истанбул пред 35 години се покажа како историски логична последователност на нашата непобитна поврзаност - клучна фаза на нашето културно содејствување и заемно почитување на двете култури. А отворањето лекторат во Анкара е уште посилна потврда на таа наша поврзаност - објаснува директорката на Семинарот.

Според неа, јазикот е најсилно оружје на секоја нација и колку повеќе познавачи на тој наш јазик имаме, толку можеме да се потпреме на нив како идни поддржувачи и репрезенти на македонскиот јазик, литература и култура. Колку добри познавачи на тој наш јазик имаме, толку можеме да очекуваме и преводи на македонската литература на нивните јазици.

- Исто така, да ги немавме тие наши лекторати, да ги немавме тие наши странски македонисти, зарем ќе одекнеше така силно овој голем јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески на странските универзитети? И зарем ќе успеевме и ние како МСМЈЛК да го направиме зборникот „Конески на 11 јазици“ доколку ги немавме сите оние посветени македонисти кои преведоа дел од неговото творештво на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик - вели Мојсова-Чепишевска.

Освен во Истанбул, Македонија има лекторати во Краков и Сосновјец во Полска, во Букурешт – Романија, Москва – Русија, Будимпешта – Унгарија, Париз – Франција и во Риека – Хрватска... кои, според директорката на Семинарот, функционираат одлично и бројот на студенти што доаѓа оттаму покажува колку многу вложуваат нашите лектори.



- Најискрено, не би сакала да зборувам за влијателни и помалку влијателни лекторати. Ако земеме бројката на слушатели да ни е параметар, т.е. ако статистиката ни е примарна, тогаш секако несомнено најмногу слушатели по македонски јазик имаме на универзитетите во Истанбул, Риека и Будимпешта. Имено, за разлика од Загреб (кој заедно со лекторатите во Париз, Будимпешта, Москва и Љубљана е најстар), лекторатот во Риека е најмладиот лекторат. Но, македонистиката во Риека има долга и богата традиција. Македонистичките предмети на Универзитетот во Риека се предаваат од почетокот на осумдесеттите години на 20 век. На тогашниот филолошки оддел при тогашниот Педагошки факултет студентите во рамките на студиите по јужна славистика задолжително слушале двосеместрален предмет по македонски јазик и тросеместрален предмет по македонска книжевност. Предметите по македонски јазик првите две години ги предавал професорот Борислав Павловски, а предметите по македонска книжевност професорот Горан Калоѓера. Интересот за македонистиката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека е исклучително голем. Од 2008 до почетокот на оваа академска година низ лекторатот по македонски јазик минале над 2.000 студенти, а таму сега работи Биљана Стојановска.
Но, не смееме така да гледаме (само низ призмата на математиката). Зашто лекторатот во Москва е при големиот Универзитет „Ломоносов“ каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76 и тоа благодарение на академик Рина Усикова. По нејзините стапки продолжија извонредните македонисти: академик Ала Шешкен и Елена Верижникова, потпомогнати со нашата лекторка Марија Пандева и поради нивната посветеност и висока професионалност, расте овој исклучителен македонистички центар кој минатата година го прослави својот јубилеј - 45 години од изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“.
Или Катедрата по македонски студии во Париз при познатиот ИНАЛКО, кој е еден од најстарите и кој за некоја година ќе го прослави својот јубилеј – 50 години, каде што македонскиот јазик се изучува како главен предмет под раководство на Фроса Пејоска-Бушеро, која е истовремено и директорка на Школата за докторски студии при овој Универзитет, каде што од академска 2022-21 година работи и нашиот лектор Ѓоко Здравески. Двата универзитета иако образуваат помал број студенти по македонистика, речиси секогаш даваат посветени македонисти - вели Мојсова-Чепишевска.

Таа заклучува дека сите лекторати се влијателни зашто ако се земат предвид сите бројки на студенти, се доаѓа до една неверојатна бројка од 300 студенти (на додипломски и постдипломски студии) што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Згора на тоа, треба да се имаат предвид и оние што го изучуваат и на некои други универзитети, во Торонто, Љубљана и Марибор, Загреб, Лондон, Познањ, Нови Сад, Брно и Храдец Кралове, Братислава...

- Затоа воопшто не е претерување ако на тие 300 ги додадеме уште 100 студенти од овие универзитетски центри и ете ја вистинската мала армија од македонисти во светот, која и во оваа ситуација на пандемија и затворени универзитети станува сè посилна и посилна и препознатлива. Но, не се откажуваме и од можностите за отворање нови лекторати. Во почетна фаза е и идејата за лекторат по македонски јазик, литература и култура на Универзитетот за странски студии во Пекинг, Народна Република Кина - вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на МСМЈЛК при УКИМ.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема